ЕУ: Цврсто стоиме зад Меѓународниот кривичен суд

Европскиот парламент одлучи наградата „Сахаров“ за слобода на мислата годинава да му ја додели на Меѓународниот кривичен суд, кој се соочува со зголемен притисок од САД. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порачаа дека Европската Унија цврсто стои зад институцијата.

Коста оцени дека наградата испраќа силна порака за поддршка на меѓународното право, борбата против неказнивоста и одговорноста за најтешките меѓународни злосторства. Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Судот.

Изјавите доаѓаат во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции против институцијата. САД претходно воведоа санкции и за обвинители и судии на Судот, а последната одлука би можела да ги опфати и компаниите што му обезбедуваат услуги.

Вашингтон остро го критикува Меѓународниот кривичен суд поради налозите за апсење израелски функционери, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху, поврзани со нивната улога во Газа, како и поради истрагата за постапките на американските војници во Авганистан.

Фон дер Лајен порача дека Судот мора да може да ја извршува својата мисија независно, без притисоци и заплашување. Таа додаде дека ЕУ стои зад претседателката Томоко Акане, судиите и службениците на институцијата, нагласувајќи ја нивната улога во заштитата на светскиот поредок заснован врз правила.

Пронајдете не на следниве мрежи: