Американскиот претседател Доналд Трамп во средата вербално се судри со новинарката на Си-ен-ен, Кејтлан Колинс, пред Белата куќа, нарекувајќи ја личност со низок коефициент на интелигенција и глупава.
Расправијата започна кога Колинс го праша Трамп дали неговата одлука за укинување на санкциите кон Русија е поврзана со ослободувањето на Стивен Хабард, американски професор кој бил во притвор во Русија од 2022 година.
Трамп ги бранеше преговорите со Русија за ослободувањето на Хабард, но Колинс продолжи да бара одговори. Претседателот тврдеше дека одлуката за санкциите била неопходна за преговорите и дека Хабард во спротивно немало да биде ослободен. Колинс му одговори дека тоа всушност значи дека американската администрација дала нешто за возврат.
„Немаш поим за што зборуваш“, ѝ рече Трамп. „Глупава си. Ти си личност со низок коефициент на интелигенција. Глупава си и работиш за Си-ен-ен.“
Ова беше нов јавен судир меѓу Трамп и Колинс, а воедно и втора расправија на американскиот претседател со новинари во само два дена.
Претходно оваа недела Трамп се судри и со друг новинар за време на прес-конференција во Овалната соба. Неговиот тим за брзи реакции објави дека станува збор за Ендрју Фајнберг, дописник на британски „Индипендент“.
Расправијата се случила додека Трамп одговарал на новинарски прашања. Видно изнервиран, претседателот во еден момент директно му се обратил на новинарот.
„Што не е во ред со тебе?“, го прашал Трамп. „Дали си болен?“



