Четири борби, четири победи и ниту една загубена рунда – со ваков учинок македонската таеквондистка Душица Брсалиева стигна до златниот медал на меѓународниот турнир „Грција опен Е1 2026“.
Репрезентативката на Македонија, која настапува за ТК Штип, триумфираше во јуниорска конкуренција во категоријата до 55 килограми, оставајќи одличен впечаток со доминантните настапи против домашните натпреварувачки.
На патот до највисокото место на победничкиот пиедестал, Брсалиева ги совлада Талеја Варсу во осминафиналето, Константина Алексио во четвртфиналето, Ефтихија Дермани во полуфиналето и Ифигенеа Кумуди во финалето.
Особено впечатлив е фактот што македонската таеквондистка сите четири противнички ги победи со идентичен резултат од 2:0 во рунди. Така, без загубена рунда и со максимален учинок, Брсалиева го освои златниот медал и уште еднаш го потврди својот квалитет на меѓународната сцена.



