Шокантно видео објави на Јутјуб бугарскиот новинар Станислав Цанов, во кое се објавени аудиоразговори со Ива Михаилова со сериозни тврдења за закани и психичко малтретирање од бугарската тајна служба ДАНС.
Во разговорите таа опишува положба што новинарот ја споредува со заложништво: тврди дека лица од Државната агенција за национална безбедност — ДАНС ѝ одредувале кај кој новинар смее да гостува, што смее да зборува и дека ѝ се заканувале со ускратување на неопходната рехабилитација.
Едно од најсериозните тврдења се однесува на условувањето на медицинската помош со нејзините медиумски настапи. Според Михаилова, ѝ било наредено прво да гостува кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски, иако веќе имала договорено снимање со Цанов.
-Ми рекоа дека ако не снимам прво кај него, каде и да снимам на друго место, ќе биде избришано и дека нема да ја добијам рехабилитацијата што ми е потребна, му се жали Михаилова на новинарот кој тајно ја снима.
Таа објаснува дека станува збор за специјализирана и многу скапа рехабилитација, чии трошоци бугарската држава ветила дека ќе ги преземе, заедно со трошоците за адвокатите. Но, според нејзиното сведочење, потоа ѝ било кажано дека поддршката може целосно да биде повлечена, вклучително и помошта за адвокати.
-Рехабилитацијата ми зависи од нив, вели Михаилова.
Михаилова тврди дека токму зависноста од таа помош ја принудувала да ги прифати барањата за тоа каде и кога ќе зборува јавно.
„Како да си заложник“
Во разговор снимен по гостувањето кај Карбовски, Михаилова му кажува на Цанов дека го исполнила својот дел, но дека зад јавниот настап стоеле неколку тешки денови.
-Не можам ништо да зборувам по телефон. (…) Беше доста тежок психички притисок. Има работи што не сакаат да ги кажувам, експлицитно вели Михаилова во разговорот со новинарот.
Цанов на ова ѝ одговара:
„Ова звучи како да си некаков заложник кој го прави она што тие го сакаат.“
Михаилова возвраќа:
-Изгледа сите сме така, ние што сме се заплеткале со државата, признава Михаилова.





