Хрватската оперска пејачка Антонија Мират е сопран што реди успеси од раната младост. Со својот неверојатен глас, оваа 32-годишна жена во многубројни градови низ светот ја освојува публиката благодарение на талентот. Во ексклузивното интервју за Пулс24, таа открива повеќе за себе, кариерата и нуди отворен пат кон тоа како изгледа животот на една оперска пејачка.Пулс24: Како започна Вашиот музички пат?
Антонија: Мојата покојна мајка Марија беше вљубена во уметноста. Редовно го посетувавме театарот. Одевме на опери, балет, драми, комедии…
И од мали нозе ме привлече тој волшебен свет на сцената, ме маѓепса. Се замислував како во тие прекрасни костуми пеам на сцената или танцувам. Маѓепсана од уметноста и вљубена во неа, веќе на рана возраст сакав да ја започнам својата уметничка едукација. На четиригодишна возраст во Љубљана почнав да одам на балет. На возраст од шест години ги земав првите часови по клавир во класот на проф. Марија Милина, а на 10 години почнав да го школувам гласот во класот на проф. Бранка Ристиќ во Музичката школа „Јосип Хаце“ во Сплит.
Пулс24: Дали сметате дека професијата како оперска пејачка бара многу труд?
Антонија: Оперското пеење и воопшто, животот на еден репродуктивен уметник на кого уметноста му е егзистенцијална работа, многу наликува на животот на професионалните спортисти или војници. Имено, станува збро за системско и континуирано вежбање, работа на вокалниот апарат, истражување на истиот, студирање на улогите на странски јазици, истражување на анатомската поставеност на вокалната техника… Освен тоа, во оваа работа е клучна и упорноста. Човек мора да биде подготвен на тоа дека ќе падне на илјадници аудиции, може да испадне од почетните кругови на бројни натпреварувања, но да остане доследен и да работи на себе, сѐ повеќе да еволуира секој ден. И на крај, да ја помести таа планина… Тоа е навистина Сизифова работа.
Пулс24: Како го пронајдовте патот до оперската сцена со оглед на тоа што операта е специфична?
Антонија: За кариерата во оперската уметност во странство, пејачот апсолутно мора да има агент. За жал, поминаа времињата кога талентот би го забележале Тосканини или Карајан и би Ве повикале да пеете Тоска во „Ковент Гарден“. Оперското пеење е суров бизнис како фудбалот или некои други гранки, а вие сте само роба на која некој ќе заработи. Имав среќа што на 21 година ја запознав мојата менаџерка и таа на едно натпреварување го забележа мојот талент. И така започна сѐ…
Пулс24: Сведоци сме на мешањето помеѓу класичната музика и останатите музички стилови. Дали имате понуда за соработка од ваква природа?
Антонија: Неодамна започнав со работа на мојот кросовер албум. Имено, веќе имам издадено четири мои синглови. Станува збор за обработка на класични евергрини на модерен начин. Не сум со конзервативни начела во оперска смисла. Сакам модерни режии и модерни погледи на оперската уметност. Сѐ еволуира и оди понатаму… Сметам дека театарот и операта мораме да ги приближиме повеќе до луѓето на кои не им се достапни, да ги едуцираме на еден инспиративен начин. Не се сметам себеси за визионер во тоа, ниту пак сметам дека тоа треба да предизвика некаков страв. Тоа веќе одамна е иновирано. Го има направено чуената Кабале со Меркјури, Трите тенори, Бочели, итн.
За секој вид соработка во правец на спојување џез, опера и хаус сум расположена. Секако, мора да постои и добра песна и добри автори, квалитетни ко-изведувачи. Многу нешта мора да се совпаднат.
Пулс24: Со кого би сакале да остварите соработка?
Антонија: Еве, јас многу ја сакам Вашата Калиопи. Таа за мене е еден од најубавите гласови на нашите простори.
Пулс24: Ја имате отпеано „Таа прекрасна сплитска ноќ“ со Пласидо Доминго на почетокот од кариерата. Какво беше чувството?
Антонија: Имав голема чест во овој краток животен период да соработувам со најголемите… Монсерат Кабале и Тереса Берганза ми беа професори по пеење. Работев со маестро Даниел Феро во Студиото за опера на Џулијард и Студиото за опера Метрополитен во Њујорк, членка сум на оперското студио Опера Антика на Џенаро Сика во Фиренца, соработував со Анџело Бертачи, Барбара Бони на Моцартеумот, Николас Сирс при Кралската академија за музика во Лондон. Уште како на 17-годишна девојка до мене стоеше Роландо Николоси во Таранто… Потоа, Марчело Рота, синот на Нино Рота. И таа убава слика од почетокот на кариерата што ми ја спомнавте – горда сум на сето тоа. И благодарна сум на Бога за сите тие прекрасни искуства и шанси.
Пулс24: Дали сметате дека „Кралица на ноќта“ е Ваш заштитен знак?
Антонија: Кралица на ноќта е дефинитивно мое најпознато парче. Таа е лик со кој лесно се поистоветувам. Исто како што „Магичната флејта“ не е детска бајка, така ниту кралицата на ноќта не е лоша вештерка… Таа е една мдоерна феминистка, борец за женските права. Токму со таа улога во 2010 година го остварив своето Виенско деби во салата во која е омажи принцезата Сиси. Пет години подоцна, познатата кралска арија „Del Rolle Rache“ ја обработив на современ начин. Многу ја сакам таа улога. Ја чувствувам. Таа просто е дел од мене. Пејачките обично пеат чисто за да ги изведат тие виртуозни црти и за да ги надминат екстремните височини. Но, ариите на Кралицата на ноќта се многу повеќе од пејачки вокали и етиди. Самата улога носи голема порака и треба токму на тој начин да ја пренесе, бидејќи во спротивно не е уверлива.
Пулс24: Што може да очекуваме од Вас во иднина?
Антонија: Токму сега го подготвувам мојот кросовер албум. Во април во Нова Градишка ќе одржам свој семинар по пеење. Воедно, таму имам и солистички концерт, потоа следува концерт во Будимпешта, Цирих, Виена и Белград. Брзам пополека, но некако сѐ постигнувам. Се надевам дека патот ќе ме однесе и кон Скопје…
Пулс24: Од каде ја црпите инспирацијата за песните?
Антонија: За секоја песна е клучен моментот. Секоја песна опишува некој животен период. Така, бирам арии коишто ќе ги обработам или пак песни кои ќе ги измешам. Битно е да се пронајдам себеси и во улогата и во песната. Токму затоа, постојат улоги кои никако не ми одговараат и улоги во кои веднаш се пронаоѓам… Така е и со песните. Подобро е да не се работи на нешто во што не се пронаоѓате, бидејќи можеби не е вистинското време за тоа. Исто е така и со некоја книга што сме ја читале како деца за лектира и сега ја гледаме со поинакви очи. Ако се обидеме да го прочитаме „Малиот принц“ на возраст од 12 години ќе го доживееме на еден начин, а сега во триесеттите сосема поинаку. Токму затоа, за уметноста е битен тој континуиран раст и работа на себе.
Пулс24: Дали би сакале со читателите да споделите некоја анегдота од Вашите настапи?
Антонија: Никогаш нема да го заборавам настапот на претставата Глорија Фестунг. Ја толкував првата хрватска оперска пејачка Сидонија Ердоди Рубидо.
Стануваше збор за голем музички, сценски и историски спектакл. Во публиката имаше повеќе од 4.000 луѓе. Во првиот ред седеше хрватскиот државен врв. Во моментот кога излегував од кочијата, на сцената ми се закачи потпетицата во просторот помеѓу скалите и сцената. Меѓутоа, хрватскиот актер Вјекослав Јанковиќ ја зеде мојата обувка како на Пепелашка и ми ја врати на нога. Така, сѐ изгледаше како добро осмислен комичен трик. Тогаш имав само 22 години. И за мене како голем перфекционист и „контрол фрик“ тоа беше лекција дека некогаш и во несовршеностите постои убавина и совршенство.
Пулс24: Настапивте на балот во Виена. Колку Ви значи ова искуство?
Антонија: Традиционално, во времето на карневалот во Виена се одржуваат ексклузивни виенски балови. Некогашните места на светското племство, станаа места за светските културни, политички, економски, уметничи и „ин“ кремови. Секако дека тоа претставуваше голема чест и одговорност да се настапи на една таква манифестација.
Пулс24: Дали можете накратко на нашите читатели да нѝ ги претставите Вашите синглови?
Антонија: Голема чест и задоволство ми е што можам да го направам тоа. Му се заблагодарувам на Вашиот медиум што ме поддржа во тоа.
Имено, првиот сингл беше обработка на аријата на Луцииното лудило од операта на Џ. Доницети „Lucia di Lamermoor“ Il dolce suono, попозната како музика од Петтиот елемент. Таа обработка премиерно ја имам изведено на свеченото отворање на Меѓународниот филмски фестивал „Златен лав“ во Умаг под режисерската палка на славниот Дамир Златар Фреј.
Потоа ја обработив аријата на Моцартовата Кралица на ноќта „Der Holle Rache“ која ја изведов токму на балот во Виена.
Потоа ја обработив познатата оперетна арија „Далеко ме бисер мора“ од Тијардовиќевата опера „Mala Floramye“.
Последното што го обработив е познататата тема од филмот „Кум“ – „Parla piu piano“. Наскоро истата обработка ќе биде објавена и на хрватски јазик.
Пулс24: Кое е Вашето животно мото што ве тера да одите напред?
Антонија: Познатата изрека на Сенека која дури и ја имам истетовирано на раката: „Vivere est militare“ („Да живееш, значи да се бориш“). Токму така го доживувам животот – како борба во која нема предавање.
Пулс24: Што би им препорачале на младите луѓе кои допрва се пробиваат на сцената, со оглед на тоа дека освен со талентот, Вие и со упорноста ги остваривте соништата?
Антонија: За жал, повторно ќе цитирам некого и тоа ќе биде Винстон Черчил – „Можам да Ви понудам само крв, пот и солзи“. Успехот навистина не доаѓа преку ноќ. Многупати се најдов на дното. Но, не е проблем да се падне, проблем е да се стане потоа. По секоја неуспешна аудиција не треба да се очајува, туку треба разумно да се најдат грешките поради кои дојде до тоа. И секако, треба да верува во себе. Кога ќе успеете, треба да останете понизни и да знаете дека сѐ уште ве очекува многу работа пред вас, а во поразот исто така не треба да кренете раце од сѐ и да знаете дека и понатаму треба да поработите на себе.
Ако големата Калас рече: „Сите ние сме само слуги на уметноста“…. Тогаш, што јас да речам како мал смртник. Мораме да ѝ служиме, да ја сакаме и почитуваме таа креација, без оглед колку бавно и макторпно да изгледа.