Интервју со д-р Никола Пановски од Институт за микробиологија и претседател на мултисекторската комисија.Пулс24: Докторе, на самиот почеток, какви се истражувањата за попишување антибиотици во Македонија, кој е исходот изминатите години, може ли да сублимираме, каде сме денеска во однос на ова прашање?
Д-р Никола Пановски: Во однос на препишувачките навики на докторите во примарната здравствена заштита, имаме две големи истражувања. Едното е пред точно 20 години, за лица кои се лекувале од респираторни инфекции, во десет амбуланти во Македонија и замислете, не е наjден пациент, кој влегол во амбуланта, а да не излегол со препишан рецепт за антибиотик. Имено, 75-90% од инфекциите на горните дишни патишта се вирусни, а процентот на препишување бил 100%!!! Антибиотиците воопшто не се активни кон вирусите. Подоцна во еден труд од 1999 година го анализирав квалитетот на препишаните антибиотици и открив дека 15 % од антибиотиците не би делувале дури и во случај инфекцијата да била бактериска! Место пеницилини или макролиди, некои доктори препишувале гентамицин, кој не е активен кон стрептококите, а за жал дејствува токсично за бубрезите. Тој лек е даван на стотина деца помали од 6 години! Истата година заедно со д-р Моме Спасовски издадовме монографија под наслов „Грешките како опомена”, која ја добија скоро сите лекари во ПЗЗ. Конечно во ноември 2014, Здружението на семејни лекари направи анкета која опфати 107 лекари и околу 12000 пациенти со респираторни инфекции. На 2 мај годинава беа објавени прелиминарните резултати од кои се доби податокот дека на 54% од пациентите им бил препишан антибиотик. Останатите биле дијагностицирани како вирусна инфекција и не им бил препишан антибиотик. Со 54% препишани лекови, Македонија се наоѓа меѓу земјите со релативно висок процент на препишување, најнискиот е во северните и западните земји на ЕУ и изнесува околу 30-40%. Заклучок е дека многу сме подобри во однос на состојбата пред 20 години, но има уште простор за подобрување. Масовното и неразумно препишување на антибиотици во минатото кај нас, а и во соседните земји, доведе до тоа да на Балканот, а и во Медитеранот, имаме инфекции со поотпорни бактерии, во однос на северозападните земји на Европа, инфекции кои се потешки за лекување, со поскапи антибиотици и подолготрајно лекување, со повеќе компликации, па и со поголема смртност.
Пулс24: Според последното истражување на Институтот за јавно здравје на Македонија во последната година забележан е пораст на потрошувачката на антибиотици од 10% според бројот на пропишани рецепти. На прашањето колку знаат за антибиотиците, дури 43% дале грешен одговор дека антибиотиците лечат вирусни инфекции. На што се должи сето ова и како вие би ги коментирале бројките?
Д-р Никола Пановски: Проблемот не е само кај лекарите, туку и кај населението, кое одејќи на лекар очекува, па дури и врши притисок да добие антибиотик. Лекарот, честопати, немајќи време да објаснува, или од страв да не го изгуби пациентот, а честопати и поради несигурност, дали е вирус или бактерија, препишува антибиотик. Затоа е потребна и едукација на населението и во основните и средните училишта. Во тек е едукација на родителите на децата кои одат во градинка. По едукацијата, само 18% од родителите одговориле погрешно, дека антибиотиците лекуваат вирусни инфекции. Пред едукацијата тој процент бил околу 40%. И тука, споредено со другите земји, најточни одговори се добиени во Скандинавските земји, преку 60%, а процентот не неточни одговори бил под 20%. Точно е дека во првите 6 месеци од 2014 година, има пораст на потрошувачката на антибиотици за 10%, што се должи на некои административни олеснувања кои ги дозволил ФЗОМ. Но, гледано во последните 5 години, антибиотиците се единствена група лекови чија потрошувачка стагнира, додека потрошувачката на лековите за срцеви и нервни заболувања рапидно растат.
Пулс24: Д-р Пановски, ќе може да направите компарација помеѓу Македонија и останатите земји, колкава е свесноста за препишување на антибиотиците и користење на антибиотици?
Д-р Никола Пановски: Во однос на другите европски земји, Македонија спаѓа во земјите во кои почесто се употребуваат антибиотици. Според податоците на ФЗОМ просечно околу 18 лица, на 1000 жители земаат антибиотик, дневно, се однесува на лековите препишани во амбулантите. Проблем е што тоа се лековите препишани на рецепт од ФЗОМ, а немаме точен податок колку антибиотици се земаат на приватен рецепт, односно се купуваат. Претпоставка е дека тие се најмалку 30% од оние кои се земаат на рецепт од Фондот, па така оваа бројка би била околу 25 на 1000 жители. За споредба, најмалку се препишуваат лекови во Холандија, 11 на 1000, а најмногу во Грција, 33 на 1000. Значи, заедно со лековите кои пациентите ги купуваат, Македонија се наоѓа во горната третина од земјите од ЕУ по потрошувачка на антибиотици, што се гледа од столбчестиот дијаграм погоре (RM estimated 100 consuption).
Пулс24: Која е вашата препорака, како и на кој начин може да се делува за да се користат антибиотиците правилно, што треба да стори лекарот, а што пациентот? Дали се прават хемокултури од страна на докторите, колку граѓаните се запознаени што треба да знаат за антибиограмот и колку е важен во целата постапка?
Д-р Никола Пановски: Основно е лекарот да се придржува до упатствата за дијагностицирање, лекување и терапија. Кога се работи за инфекции, упатствата треба да се прилагодени на локалната состојба. Еве со помош на оваа мапа на Европа ќе го појаснам тоа. Бојата на државата сликовито ја прикажува резистенцијата, во случајов стафилококи кои се мултирезистентни, а се изолирани од пациенти со сепса, значи со тешка животно-загрозувачка инфекција. На пример во Исланд сите стафилококи биле осетливи, а во Романија 64.5% од стафилококите биле мултирезистентни. Зелената боја значи осетливост, а црвената резистенција, жолтата е нешто помеѓу. Еве го резултатот на земјите што повеќе употребувале антибитици, имаат поотпорни бактерии. Значи, при сепса, во болниците, кога се сомневаат на стафилококна сепса, лекарите итно треба да аплицираат антибиотик, иако земале хемокултура (барање на бактерии во крвта). Резултатот од антибиограмот ќе стигне по еден до два дена. Во Скандинавија ќе дадат некој поевтин лек, на пример цефалоспорин и тој ќе дејствува безмалку на сите пациенти. Ако тоа се направи во Романија со над 60% или во Македонија каде 40% од стафилококите се мултирезистентни, значи ако употребиме упатство од Скандинавија, ќе имаме неуспех во лекувањето кај огромен број од пациентите (смртен исход), бидејќи тој лек нема да дејствува на голем број од пациентите. Затоа, кај нас мора да се даде веднаш и ванкомицин. Во амбуланта лекарот треба да го убеди пациентот зошто треба или не е потребен антибиотик. Ако веќе му препишал антибиотик, да инсистира редовно да ги испие лековите. Kај нас од тешко болните пациенти десетина пати поретко се земаат хемокултури отколку во Западна Европа. Болниците од сопствениот буџет ги плаќаат сите испитувања за лежечките пациенти. Нас ни се важни хемокултурите, бидејќи преку бактериите изолирани во крвта се следи и споредува резистенцијата во светот. Тие се сигурни причинители на инфекцијата. Поради малку хемокултури, ние имаме и мал број на изолирани бактерии за следење на резистенцијата. Антибиограмот е важен во болниците, особено во наши услови. Во амбулантски услови е од голема помош при уринарни инфекции, помага да се избере вистинскиот антибиотик, бидејќи ја тестираме бактеријата што е во организмот на пациентот.
Пулс24: Неодамна изјавивте дека има бактерии кои не се лекуваат поради тоа што се резистентни на антибиотици, што во таквите случаи?
Д-р Никола Пановски: Навистина немам одговор, тоа треба да ги прашате клиничарите. Јас навистина не знам што прават кога ќе добијат од нас резултат дека од пациентот е изолирана бактерија која на сите постоечки лекови кај нас и во светот е отпорна. Лично се надевам дека пациентот е имунокомпетентен и ќе ја победи бактеријата без помош на лековите или дека бактеријата не е вирулентна, односно не е причинителот на болест, но вистината најчесто е дека на пациентот во тие услови му нема спас. Па само во ЕУ годишно поради вакви случаи на отпорни бактерии умираат 25000 лица, а од сообраќајни незгоди 35000.
Пулс24: Д-р Пановски, Вие како доктор на Институтот за микробиологија, кои активности ги преземате во однос на оваа тематика токму за оваа година?
Д-р Никола Пановски: Во 2011 година сите земји во СЗО – Европскиот регион го усвоија Европскиот стратегиски акциски план за антимикробна резистенција којшто предвидува мапирање на употребата на антибиотици и антимикробната резистенција (АМР), со цел подобрување на рационалната употреба на антибиотици и намалување на антимикробната резистенција. Земајќи ја предвид сериозноста на антимикробната резистенција, поткрепена со фактот дека откривањето на нови и ефективни антибиотици е долготраен и скап процес, надлежните чинители во Македонија преземаа напори за да ја подигнат свеста меѓу здравствените работници, но и кај пошироката јавност. Во таа насока, Мултисекторската комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство на РМ, во соработка со Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“, спроведе двомесечна Кампања за рационална употреба на антибиотици и превенција на антимикробна резистенција. Организирана под слоганот „Антибиотиците не се храна“ со поддршка од Светската здравствена организација и Владата на Кралството Белгија, кампањата започна на 26 септември во Општина Велес и до 20 ноември опфати вкупно 8 градови (Велес, Охрид, Прилеп, Битола, Тетово, Штип, Куманово и Скопје). Притоа, беа одржани двочасовни едукативни семинари за рационалната употреба на антибиотиците и превенцијата на антимикробната резистенција. Едукативниот семинар во Скопје, одржан на 14 ноември, се одржа во рамките на годинешното одбележување на 18 ноември, Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици (European Antibiotic Awareness Day). Институтот е носечки во следење на резистенцијата во Македонија. Собирањето на податоците во Македонија започна на 1 јануари, 2013 година и ќе трае континуирано. Резултатите од 2013, а потоа и од 2014 години беа прифатени и потврдени како официјални од одговорните институции во ЕУ за раководење со CAESAR програмата. За учество во оваа програма беа поканети сите 23 лаборатории од државата, а во текот на 2013 година резултати испратија 6 лаборатории, а во 2014 година седум лаборатории. Во текот на 2013 година од страна на UKNEQAS (United Kingdom Quality Assessment Service) беше спроведена надворешна, доброволна и бесплатна проверка на способноста на лабораториите – учеснички да ги идентификуваат испратените анонимни соеви и да ја откријат нивната резистенција. Со оваа проверка беше потврден високиот квалитет на наодите на лабораториите. Истото се повтори и во 2014 година. Во 2013 година, во шесте лаборатории беа прегледани вкупно околу 6000 примероци, од кои 95% хемокултури и 5% цереброспинални ликвори. 67% од сите примероци беа испитани на Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Вкупно беа изолирани 190 соеви од оние што се предмет на извештајот, од кои 154 (81%) во споменатиот институт. Тој број во 2014 година изнесуваше 2014. Во тек е собирање и обработка на податоци за резистенцијата за 2015 година.Пулс24: Докторе, на самиот почеток, какви се истражувањата за попишување антибиотици во Македонија, кој е исходот изминатите години, м