Агенциите на Обединетите нации работат со националните партнери за да помогнат во справувањето со бегалската криза

Се очекува бројот на новопристигнати бегалци да достигне 3.000 дневно.Република Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште во Германија, Шведска и други земји-членки на Европската Унија. Повеќе од 50,000 вакви патници се регистрираа во полициската станица во Гевгелија, откако на 18 јуни 2015 година стапија на сила новите измени на Законот за азил и привремена заштита. Со оглед на тоа што многумина се движат на север без да се регистрираат, реалната бројка на пристигнати лица се проценува на над 70.000 за само нешто повеќе од два месеца. Преку 80% од оние кои влегуваат во земјата бегаат од војната во Сирија (види Табела 1) – фактор што автоматски ги квалификува за меѓународна заштита.

Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен, како за националните и за локалните власти, така и за Црвениот крст и другите граѓански организации. Товарот ќе станува сè потежок: врз основа на трендовите во Турција и Грција, Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) сега предвидува дека бројот на новопристигнати во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно.
Од самиот почеток, агенциите на Обединетите нации со седиште во Скопје им помогаат на националните партнери во грижата за бегалците и мигрантите, со посебен фокус на ранливите лица. Иако најголем дел од оние кои патуваат се мажи, жените и децата сега изнесуваат речиси една третина (види Табела 2). Дополнително, Фондот на Обединетите нации за население (УНФПА) проценува дека 12 отсто од жените се бремени.

УНХЦР, кој дури и пред кризата ѝ помагаше на земјата да го усогласи својот систем за азил со меѓународните стандарди, го презеде водството во обезбедување совети, поддршка и финансиски средства. Првиот приоритет е да се постават краткорочни станици за одмор, каде луѓето можат да добијат привремено засолниште додека чекаат регистрација, при што им се овозможува да добијат храна и вода, да се погрижат за одржување на личната хигиена, и да побараат здравствена, правна, психо-социјална или друга специјализирана помош, според потребите. Првичните напори беа фокусирани на железничката станица во Гевгелија, но, со прогласувањето кризна состојба на 19 август 2015 година, главниот простор за прием е преместен на поголема локација оддалечена околу 600 метри од границата со Грција.
Активностите финансирани од страна на УНХЦР имаат за цел да осигураат дека Владата и граѓанско општество се во можност да се справуваат со ситуацијата на хуман и безбеден начин, преку воспоставувањето на центри за процесирање кои го олеснуваат процесот на регистрација и издавање на документација за легален престој и користење на јавен транспорт во земјата, како и подобрување на основна хуманитарна помош преку мобилните тимови на Црвениот крст, кои дистрибуираат храна, вода и хигиенски пакети.
Дополнителен тим дава медицинска прва помош, а тимовите работат во смени 7 дена неделно. Македонското здружение на млади правници обезбедува правно советување околу постапката и документацијата за азил, а мобилен тим на Отворена порта – Ла Страда обезбедува психолошка прва помош. Поставени се и четиринаесет хемиски тоалети.
На ниво на политики, УНХЦР со националните партнери исто така работи на подобрување на плановите за непредвидени ситуации (особено со оглед на порастот на нововлезените лица) и на координирање на големиот број вклучени чинители.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ), која што помага да се подобри решавањето на прашањата поврзани со миграцијата во земјата и во регионот, мобилизираше средства за придонесување кон напорите за помош за справување со комплексните текови на мешана- миграција. Фокусот на првичната интервенција на ИОМ беше ставен врз воспоставувањето на процеси за регистрација и скрининг, за да се овозможи идетификување и прилагодување на помошта кон ранливите мигранти и во моментот продолжува да дава поддршка за релокација и надградба на центрите за регистрација и скрининг.
Како дел од оваа поддршка, ИОМ обезбеди компјутерска и информатичка опрема за да и помогне на граничната полиција во Гевгелија во да се префрли од рачна на автоматизирана регистрација на новопристигнатите бегалци. ИОМ исто така ги поддржува македонските власти во мониторингот на токовите на миграција во соседните земји. ИОМ и Фронтекс, агенцијата на ЕУ која е одговорна за координација на националните слуги за обезбедување на надворешните граници на ЕУ, во тесна координација со УНХЦР и Европската канцеларија за поддршка за азил (ЕАКО) исто така разговараат со релевантните ЕУ институции во Брисел и во Скопје за начинот на спроведување на новиот регионален проект од 8 милиони евра, финансиран од ЕУ.
УНИЦЕФ воспостави простор на дневната станица за одмор во Гевгелија приспособен за децата, кој може да опслужи до 50 деца истовремено, обезбедувајќи починка од непријатноста на долгото патување низ која минуваат сè поголем број деца-бегалци. Исто така, УНИЦЕФ оформи тим од психолози преку НВО „Ла Страда“, кој ќе работи со децата-бегалци и ќе ги идентификува оние кои имаат потреба од посебна поддршка. НВО СОС Детско село соработува со УНИЦЕФ на обезбедување храна за бебиња и други материјали што им се потребни на младите семејства. Со оглед на зголемувањето на потребите, УНИЦЕФ исто така набавува опрема за привремени детски одмаралишта и мешини за вода, санитација и хигиена.
Преку впечатлив гест на хуманитарна солидарност на државата, Министерството за здравство уште на самиот почеток на кризата издаде јасни упатства дека сите мигранти, без разлика на правниот статус, имаат право на бесплатна здравствена заштита. Меѓутоа, еден од предизвиците со кои се соочуваат давателите на помош е тоа што многу бегалци не знаат за ова и бараат лекарска помош дури кога одкога имаат потреба од итна медицинска интервенција. За среќа, најчестите здравствени проблеми со кои досега се соочија се умерени, најчетсо станува збор за дехидрација, плускавци, настинка, дијареа и изгореници од сонцето.
Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), чиј мандат го опфаќа репродуктивното здравје и сексуалните и репродуктивните права, досега има дистрибуирано над 500 „пакети за достоинство“, кои вклучуваат влошки, сапуни и други хигиенски предмети. Во соработка со Министерството за здравство, УНФПА ги поддржува главните болници долж транзитната рута – во Гевгелија, Велес и Куманово – со цел подобрување на репродуктивното здравје, во обид да се обезбеди заштита од бременост, да се избегнат сексуално преносливи болести и да им се помогне на жртвите на сексуално насилство. УНФПА, исто така, ја поддржува мобилната клиника на НВО ХЕРА за обезбедување гинеколошки услуги на жените-бегалци.
Светската здравствена организација (СЗО), од своја страна, му даде насоки на Министерството за здравство во врска со вакцините што рутински им се нудат на луѓето кои влегуваат во земјата, како и во врска со протоколите за спречување појава на заразни болести и за пребродување на екстремните летни температури.
Системот на Обединетите нации ја поздравува неодамнешната потврда на земјата за заложба за справување со приливот и транзитот на илјадниците бегалци и мигранти во согласност со меѓународните човекови права и Конвенцијата на Обединетите нации за бегалци од 1951 година.
Иако државите имаат суверено право да ги утврдат условите за влез и престој на нивните територии, државите исто така имаат обврска да ги почитуваат, заштитуваат и исполнуваат човековите права на сите поединци кои се под нивната јурисдикација, без оглед на нивниот правен статус. Системот на Обединетите нации го поддржува повикот на Владата до Европската унија и до останатата меѓународната заедница итно да се постигне договор за целисходни решенија со кои ќе се олесни страдањето на луѓето во транзит и порамноправно ќе се подели одговорноста за кризата чии корени се далеку од Западниот Балкан.
Република Македонија не треба да се соочува со оваа криза сама, ниту пак да биде принудена да зависи само од сопствените ограничени ресурси.
Системот на Обединетите нации е подготвен да даде натамошна поддршка на овие напори.Република Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште

Пронајдете не на следниве мрежи: