Не треба многу да си паметен за да го разбереш исклучително неинвентивниот политички филм што во моментов се прикажува на Балканот, вклучително и во политичките кино-сали во Република Македонија. Иако проста како грав, како што знае да каже народот, без да се земе предвид неговата сложена хемиска реакција, политичката игра на империјалистичкиот моќник со Гебелсов ум и роботска бездушност сериозно ја загрозува политичката и економската стабилност на регионот, и се поставува како темпирана бомба по безбедноста и мирот на луѓето што живеат на овие простори.Јавна тајна е дека американските тајкуни во содејство со на нив поттчинетиот политички естаблишмент истураат стотици милиони долари годишно за финансирање на партии и невладини организации во регионот, и во Република Македонија со цел дестабилизација на политичките системи, и соборување на демократски избраните претставници на власта. Намената на овие пари е строго фиксирана и позиционирана. Нивната цел е реализирање на сценариската задача за втурнување на целиот регион на Западен Балкан во системот на „црни дупки“ во светот, преку кои на империјалистичкиот Моќник треба де факто и де јуре да му се обезбеди царско-владетелска позиција на теренот, како и неограничени можности за искористување на природните и други богатства на земјите што влегуваат во тој систем, се разбира без волјата на народот.
Од друга страна, поимот „црна дупка“ го означува географско-територијалниот простор кој треба трајно да биде дестабилизиран заради остварување на туѓите агенди, и пред се, на туѓите материјални, политички, и друг вид интереси. Целото сценарио има за крајна цел политичко купување на државите во регионот. Едноставно речено, целта е комплетно владеење со Папокот на светот без никакви резерви и ограничувања. Тоа де факто и се случува во моментов, и тоа се прави на многу едноставен начин. Механизмите за класичното купување на државите без да се почитува нивната пазарна и, пред се, историска вредност можат да се согледаат преку дисциплинирањето и политичкото покорување на легитимните политичари. Инструментите се од различна природа. Во игра се разни форми на уцени, закани, притисоци во форма на наметнување психоза за извршување атентати кон политичарите или кон членовите на нивните семејства, контролирано дестабилизирање на теренот во форма на спроведување целни терористички напади врз цивилното население, создавање вештачки граѓански немири во форма на некакви „шарени револуции“ и слично. Злоупотребувајќи ја својата светска моќ и сила, и користејќи ги овие нелегални, ама за неговите интереси легитимни инструменти, Моќникот сака целосно да го завладее регионот.
Филозофијата на ова политичко заробеништво е многу јасна. Легитимно избраните политичари во овие земји наместо да им се покоруваат и да работат за интересите на своите гласачи, на своите граѓани, се приморани да им се покоруваат на интересите и желбите на странските империјалисти. На овој начин, Моќникот целосно ја уништува вистинската политика. Ги уништува и погазува изборите како најдемократски механизам за владеење со системот. Моќникот ја пеплосува и демократијата како до сега најдобар и најквалитетен модел за организирање на политичките системи во светот. Го уништува правото како единствен модалитет за решавање на политичките конфликти. Од друга страна, ги „крунисува“ робовладетелските односи и системот на империјалистичка зависност и покорност позната од времето кога робовите беспоговорно и посветено им слугуваа на владетелите. Парадоксално, демократијата ја убиваат директно и бескомпромисно продолжувачите на мисијата на нивните „татковци основачи“. Вистинските демократски татковци денес би се превртувале во своите гробови кога би имале можност да видат како го злоупотребуваат нивното дело империјалистичките „чудовишта“ на новото време. Како преку класични политички спинови видливи и за обичен политички лаик се создава политички привид и политички илузионизам дека наводно сé е во рацете на политичарите во националните држави, а всушност ништо не зависи од нив. Одамна им е тргнато чергичето од под масата. Нивното вистинско место е во витрините на куклениот театар каде треба да седат мирно сé до тогаш додека не им дојде улогата во претставата. На политичката сцена треба да постојат само куклени марионети ставени во џебот на странските потреби и интереси. Преку клекнување, преку покорување и држење во раце на политичарите што ги избира народот, овие империјалистички сили имаат за цел делегитимирање на државите и нивно ставање во скутот на супер силите. Дисциплинирањето на политичарите е одамна започнат процес во регионот, но и во други делови од светот каде империјалистичкиот моќник има конкретни интереси за врзување на рацете на легитимно избраните национални политички лидери. Под наводната борба и донирање странска помош за демократизација на политичките системи на т.н. земји во развој, всушност, се случува и се спроведува еклатантна политика на наметнување вистинска режимска власт на странците на која треба да и се покоруваат сите политичари и граѓани по робовски систем ако сакаат да живеат во мирнодопски услови. Империјалистичкиот моќник со Гебелсов ум нема за цел внесување поголема демократија и поголема економска благосостојба ниту во Република Македонија, ниту во Србија, ниту во Црна Гора, ниту во Албанија, ниту на Косово. Она што сега е на сцена е класична форма на неофашистичка политика на политичко освојување туѓи држави со примена на современи методи и тактики на поттчинување на политичарите, а преку нив и на граѓаните во конкретните земји. Тоа поттчинување треба да доведе до целосна политичка сервилност на политичките елити во земјите кои ќе бидат принудени да работат единствено и само за туѓите интереси.
Токму затоа и парите што се истураат во Република Македонија за постигнување на овие цели се неверојатни, тие се фрапантни. Колку е поголем влогот што се става во земјата, толку се поголеми и интересите на финансиерот. Сумата од 5.332.758 евра дадени за опозициските медиуми и за т.н. невладини организации е само дел од финансиите истурени на тлото на Македонија во последните 25 години. Наместо овие пари да одат во процеси што ќе значат вистинско унапредување на квалитетот на македонскиот политички, правен и економски систем, подобрување на економскиот стандард на граѓаните, подобрување на општата благосостојба во земјата, тие се претежно наменети за купување на наши сограѓани кои за жал замаени од мирисот на парите се вртат и против државата, и против сопствениот народ. Нашите здруженија на граѓани што во децениски континуитет се финансирани од овие антидржавни пари веќе сериозно имаат изградено инфраструктура од претежно млади лица инволвирани во разноразни проекти преку кои тие и фактички спроведуваат прецизни западни инструкции како да се смени власта што не му одговара на финансиерот, и како да се разнебити државата со цел елиминирање на мнозинството граѓани од процесите на политичкото одлучување. Овие граѓански тренинзи против сопствената држава што долго време власта во Република Македонија ги гледаше и ги толерираше под превезот на градење функционална демократија во земјата, се всушност, процеси за инволвирање неофашистичка политика во земјата што ќе оди директно против интересите на Македонците. По системот на Фројдовското огледало, подготвените и добро истренираните фашисти за другите велат дека се фашисти, дека другите создаваат фашистички режим, а всушност тие се тоа што го зборуваат.
Кога во земјата апла се гледа дека поголемиот дел од граѓанските организации работат и дејствуваат против државата, против уставниот поредок на системот, и против стабилноста на државата, редно време е да се зафатиме со расчистување на овие структури. На тоа не обврзува и Уставот на Република Македонија каде во член 20 јасно стои дека програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна, или верска омраза или нетрпеливост.
На потег треба да се институциите на системот во земјата кои треба да ги исчистат овие негативни процеси и структури што ја влечат земјата кон бездна. Примерите на Руската федерација, Полска, Унгарија и другите земји треба да ги охрабрат македонските институции за преземање ваков чекор во насока на одбрана на сопствената татковина и на сопствениот народ.
Исто така, лекцијата што треба да се научи од политичката реалност е дека регионалните антиполитички процеси и активности што ни се случуваат со голема брзина треба да ја разбудат и сериозно поттикнат идејата за поголемо регионално и политичко поврзување на државите. Очигледно е дека регионот ќе биде работен како бавча од странските центри на моќ сé додека ние како држави, како граѓани, и како политичари не сфатиме дека интересите за поголема солидарност, и поголема политичка поврзаност ни се заеднички, стратешки и со долгорочна природа и цел.
Пишува Тања Каракамишева-ЈовановскаЈавна тајна е дека американските тајкуни во содејство со на нив поттчинетиот политички естаблишмент истураат стотици милиони долари годишно за фина