Поради помалата побарувачка од очекувањата, Apple на јапонскиот пазар најверојатно ќе ја намалат цената на новиот iPhone XR, а слични намалувања се очекуваат и на останатите пазари.
Побарувачката за новите телефони на Apple оваа година е помала од очекувањата, а тоа посебно се однесува на моделот iPhone XR. Неодамна се појавија информации дека од Apple го намалиле производството на неодамна претставените најнови модели на iPhone, а тоа резултирало и со голем пад на цените на акциите и пазарната вредност на компанијата.
Еден од начините на кои што Apple ќе се обиде да ја зголеми побарувачката за новите телефони е – намалување на нивната цена.
Наводно од Apple одлучиле најпрвин да ја намалат цената на iPhone XR моделот на пазарот во Јапонија. Колку ќе изнесува новата цена на овој модел засега не е познато, а исто така не е познато и дали и на кои пазари во иднина Apple ќе ја намалува цената на своите телефони.
Очигледно е дека корисниците и не се воодушевени од тоа што Apple го нуди својот најевтин модел за 750 долари, додека на пазарот и за помалку пари може да се најдат и далеку подобри телефони од конкуренцијата на американскиот гигант.
Дали се ова најави на некои посериозни проблеми со кои што се соочува Apple и ќе продолжат и во иднина, или пак станува збор само за привремен лош период, ќе дознаеме во текот на следните квартали.
Сепак, се чини дека купувачите сега се далеку повнимателни од минатото и не сакаат секоја година да плаќаат повеќе од илјада долари за нов телефон. Наместо тоа, ист телефон се користи подолг период, или се размислува за поевтините алтернативи.