Битола го одбележува денот на ослободувањето на градот

Со повеќе активности општина Битола денес го одбележува Денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември.По повод Денот на ослободувањето на Битола, Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, претставници на Советот на општината, Сојузот на борци, Делегации од збратимените градови, претставници на политичките партии и други граѓани, положија свежо цвеќе пред споменикот на НОАВМ.
„Ја користам оваа можност да го честитам 4 ноември – Денот на ослободувањето на Битола – ден кој што е запишан со златни букви во историјата на нашиот град, ден кој ќе се памети со генерации, а всушност е последица на многу други генерации претходно. Сите ја знаеме големата историска приказна, но пред се, денеска сме должни да дадеме почит на сите жртви, на сите млади животи, чие делување е темел на она она што денес го имаме – на независна, суверена Република Македонија. Во таа смисла, општина Битола ја дава должната почит кон сето она што значи историја, што значи ден кој мора да потсетува и да опоменува на едни тешки периоди низ кој што минувал нашиот македонски народ и се разбира, да биде поука за сите наши денешни генерации. Денеска е ден кој што го славиме. Нека ни е честит празникот, за многу години, со надеж дека ќе бидеме обединети на сите празници кои што значат заедничка придобивка на сите наши граѓани“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
 
ГОСТИ ОД ЗБРАТИМЕНИТЕ ГРАДОВИ И ЕВРОПРАТЕНИЧКАТА ПЕТИР ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНАТА
Гости од збратимените градови во Србија и Франција денеска ја посетија општина Битола. Со градоначалникот Талески се сретнаа делагацијата предводена од Марко Бастаќ претседател на збратимениот Стари град, Белград и делегацијата предводена од Жак Грасер од збратимениот град Епинал во Франција.
„35 години како што доаѓам во Битола, а 10 ти пат го претставувам градот Епинал. Годинава е посебен настан бидејќи се навршуваат 100 години од битката за Битола, кога имаше луѓе и од Епинал на тоа време кои што беа вклучени во таа битка. Ние во Епинал подготвуваме и изложба за Битола, односно за присуството на француските војници овде во Битола и 100 годишнината од битката во Битола. За нас е уште поважно затоа што имаме размена помеѓу училиштата и младите, затоа што многу е важно младите да знаат што се случувало пред 100 години, бидејќи порано многу малку се знаеше за присуството на француските војници во Битола и во Македонија“, изјави Жак Грасер од Епинал, Франција.
Општина Битола со градот Епинал е збратимена веќе 48 година, а во изминатиот период остварила соработка во повеќе области, меѓу кои најмногу во делот на размената на ученици и противпожарната заштита. Соработката со Стари град – Белград особено е изразена на културен план, а во изминатиот период веќе направени се некои размени во оваа област.

„Општина Битола и Општина Стари град имаат соработка долга 11 година. Денес разговаравме за проекти кои во идниот период заеднички ќе ги реализираме најмногу во областа на културата. Се надевам во идниот период ќе воспоставиме уште поголема соработка“, изјави Бастиќ, претседател на збратимениот град Епинал од Франција.
Градоначалникот Талески ја потврди досегашната голема соработка со градовите Епинал и Стари град, притоа изразувајќи надеж за нејзино негување и унапредување во понатамошниот период.
Покрај претставниците од збратимените градови, денешниот празник на градоначалникот на Битола и на сите граѓани на нашата општина им го честита и пратеничката во Европскиот парламент Маријана Петир од Хрватска, која во Битола учествува на Четвртата светска конференција за религиски и меѓуцивилизациски дијалог. И покрај богатата агенда и зацртаните активности кои европратеничката Петир планира да ги реализира за време на својата работна посета во Република Македонија, сепак во текот на денешниот ден, издвои време за посета на општина Битола, каде што на средбата со градоначалникот Талески, присуствуваше заедно со пратениците Лилјана Кузмановска и Зоран Илиоски.
 По повод Денот на ослободувањето на Битола, Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, претставници на Советот на општината

Пронајдете не на следниве мрежи: