Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, синоќа имаше средба со жителите на зградите околу полициската станица Беко.Горлив проблем се гаражите во кои протекува вода, има насобрано ѓубре и смет и се можен извор на разни заразни болести.
“Доле не може да се паркира. Хорор е. ЕВН не ни испорачува струја, нон стоп се случуваат кражби и е валкано. Од цевките течат и фекалии веќе 30 години и се направени со контра-пад“, се пожалија граѓаните.
“Проблемот со прокиснувањето на гаражите е секаде ист, но овде ситуацијата е меѓу најлошите. Затоа од вторник почнува да се работи на пукната цевка во една од гаражите“, рече градоначалникот Жерновски.
Службите на општина Центар, од денеска, со 50 луѓе ќе почнат да ги чистат гаражите, а во понеделник ќе биде извршена и дезинсекција и дератизација. Општината ги замени искинатите кабли и повторно ги осветли гаражите.
“На просторот кај Сава Крањ ќе поставиме бетонска жардињера, за просторот да не се злоупотребува како паркинг за возила. Инаку, фасадата на оваа зграда е на дневниот ред на следната седница на Совет“, рече општинскиот раководител на Секторот за уредување на градежното земјиште, Горан Иљоски.
Директорот на ЈП ПОЦ, Саша Богдановиќ им го презентираше на присутните проектот за 24-часовно паркирање и како што рече, иако финансиски е на штета на ЈП ПОЦ, мора да се реши со завземање на паркинзите.
“Иако Град Скопје негативно ни одговори на предлогот за ставање на рампа, бидејќи трпат граѓаните, ќе воведеме влегување во местата во паркирање на жителите на паркинзите само со сопственички телефонски броеви, но можно е и со паркинг карти. Секој станар со еден повик на телефонскиот број ја отвара рампата и влегува во паркинг просторот“, рече Богдановиќ.
Жителите се интересираа и околу гостинските карти. ЈП ПОЦ има воведено можност за користење на 150 часа паркинг за нега на трето лице, жител во Центар.
Општината влегува во нов проект, а тоа е реконструкција на цело зеленило.
Комплетно ќе се реновира локалното детско игралиште, на кое ќе бидат поставени и заштитни гумени подлоги.
“Сакаме детско игралиште и зеленило како оние во Капиштец“, му порачаа жителите на Жерновски.Горлив проблем се гаражите во кои протекува вода, има насобрано ѓубре и смет и се можен извор на разни заразни болести.