Пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, денеска официјални делегации од нашава земја и од странство, положија цвеќиња во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември. Цвеќе положи и делегација од Град Скопје составена од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.– Денес се одбележуваат 72 години од денот, кога жителите на Скопје ја дочекаа и славеа слободата на главниот град на Република Македонија. 13 Ноември, далечната 1944 година! Од тој ден, Скопје, пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот постојан развој. Затоа и денес, стоиме тука пред овој споменик и пред Вас, учесниците во неговото ослободување. Уште еднаш, во мое лично име, на присутните и во името на граѓаните на Скопје, сакаме да ја оддадеме нашата почит кон сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на Скопје, и кон сите борци кои пред нас и овојпат сведочат за еден од најзначајните денови во историјата на нашиот Град. Да се биде денес пред паметникот на Ослободителите, значи да се даде почит на сите кои ги дале животите за Самостојна Република Македонија, да се даде благодарност кон сите што својата младост ја положиле во ослободувањето од фашистилката окупација, на сите што во изминатите 7 децении ги реализирале сопствените хумани идеи, но и на сите ослободители кои не го дочекале остварувањето на вековните идеали – истакна градоначалникот Трајановски.
Во името на борците ослободителите на Скопје се обрати д-р Никола Стојановски, учесник во НОБ и борбите за ослободување на Скопје.
– Ослободувањето на Скопје и на Македонија е дело на македонската војска и македонскиот народ. Слободата и државата никој не ни ја подари, сами ја извојувавме и создадовме. Затоа, единствени и сплотени да ја браниме и сочуваме. И денес на сите загинати и починети борци им оддаваме почит и вечна им слава – кажа Стојановски.
Пред споменикот на ослободителите на град Скопје, цвеќиња и венци положија: делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна – Скопје; делегација на Град Скопје; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегација од Владата на Република Македонија; делегација од Собранието на РМ, делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија; делегација на Генералштаб на АРМ; Делегации од 12-та; 3-та и од 16-та Македонска народнослободителна ударна бригада; Секцијата на жени борци; делегации од oпштините на град Скопје, делегации на политичките партии, делегации од јавните претпријатија на Град Скопје; делегации од јавните културни установи на Град Скопје; делегации на средните училишта на Град Скопје, делегација на Црвен крст на град Скопје и на Република Македонија; делегација на Еврејската заедница, како и делегации на дипломатскиот кор во РМ и граѓани на Скопје.– Денес се одбележуваат 72 години од денот, кога жителите на Скопје ја дочекаа и славеа слободата на главниот град на Република Македонија. 1