EСМ повторно купи струја за 10,2 милиони евра

Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) набави струја во вредност од 10,2 милиони евра за да ги покрие потребите до крајот на месецот. Средствата ќе бидат распределени на четири компании, од кои „ХСЕ МАК Енерџи“ ќе добие 4,5 милиони евра, а „Ген И Продажба на Енергија“ 3,8 милиони евра.

Од ЕСМ посочуваат дека набавките се неопходни поради затекнатата „катастрофална состојба“ на домашните капацитети. Хидроелектраните работат со само 13% од акумулираната енергија, што е значително под сезонскиот просек. Производствените капацитети се прилагодуваат според состојбата, додека РЕК Битола функционира со два блока. Првиот блок ќе биде активиран само во зимските месеци, бидејќи ремонтот, кој требало да биде завршен уште во март, сè уште не е комплетиран.

Новото раководство на ЕСМ ја продолжи практиката на редовни двонеделни набавки. Во октомври, компанијата купи 45.600 мегавати струја за 4,2 милиони евра, додека во септември потроши 5,4 милиони евра за 42.300 мегавати.

На крајот на месецот, ЕСМ треба да достави нова понуда за цената на мегават-час, откако тендерот беше одложен на барање на понудувачите. Истовремено, другите енергетски компании побараа зголемување на цените на своите услуги од 50 до 80%, што претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, го оцени како неприфатливо.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.