Европа е многу повеќе од сликите на Ајфеловата кула: Македонија има многу нешта да му понуди на светот!

Автостоперски приказни на Давид Уриегас од Мексико: „Македонија има многу нешта да му понуди на светот“.Треба да престанеме да се лажеме себеси дека само богатите земји се вредни за посета. Париз, Лондон, Рим или Берлин не се единствените места каде што има што да се види“, вели автостоперот Давид Уриегас
Милош Димковски
Да се патува без планови и да не се знае каде ќе се најдеш на крајот од денот се чувство и потреба, кои пополека згаснуваат во светот. Глобализацијата и модернизацијата на општеството предизвикаа уништување на невидливата убавина од вистинското патување. Но, номадските души останаа засекогаш присутни. Давид Уриегас, автостопер, авантурист, светски патник, студент по историја, роден во 1992 година во Мексико Сити, Мексико, е жив доказ кој само пред една недела „проталка“ низ Македонија. Момче што своето детство го карактеризира како необично, исполнето со смеа и среќа, исто толку колку со болка и страдање. Верува дека малите латентни ситници во секое семејство го прават детството посебно. 

Првичната идеја да оди да волонтира во Тајван, што подалеку од Мексико, ја променил откако сфатил дека тој чекор е прескап за него, а по неколку месеци му се укажала можноста да оди во Даблин, Ирска, каде што го изучувал англискиот јазик и воедно работел како хигиеничар во хотел. Престојувајќи цела година во странство, му се раѓа желбата за авантура, непредвидливо патување, за кое сонувал уште како дете. Купил билет до Лондон, Англија, каде што престојувал три недели, за да се најде на 28 декември 2013 година во Тбилиси, Грузија и да остане три дена. Тие моменти му го покажале правецот на неговото патување. Задлабочен и исплашен, се наоѓал пред голема дилема, дали да го започне своето автостоперско патешествие и да пешачи низ светот заедно со својот шатор, вреќа за спиење, камера и патнички ранец. Собрал храброст и точно на 1 јануари 2014 година започнал да пешачи, всушност, тоа била и неговата првична замисла, но по неколку часа сфатил дека нема да може да го издржи тој предизвик, па затоа се препуштил на автостоп-опција, откако на патот некој човек му понудил превоз. 
„Можеби не се плашам од смртта, од киднапирање, силување, но најголем страв ми е снемување пари. Можеби звучи глупаво, но тоа отвора други непријатни ситуации кои се трудам да ги избегнувам“, ги открива своите фобии Давид Уриегас, кој на кредитната картичка има одредена сума пари, па сепак се труди да троши што е можно помалку. И така од Грузија, преку Турција и Грција, стигнува до Македонија. Поминал илјадници километри, запознал стотици луѓе, проживеал пријатни и вознемирувачки ситуации, се соочил со проблемот на јазиците, преспивал под дрвја и мостови во Грузија, на плажи и шуми во Грција, во разновидни хостели и кај луѓе што ги познавал само неколку часа.

 
Момчето од Мексико со ирски акцент избира локации кои туристите многу ретко ги посетуваат. Во Македонија, првото стационирачко место му беше Гевгелија, потоа следуваше Велес, каде што ноќта ја имаше поминато со шатор во дворот на еден хотел, три ноќи во хостел во Скопје, за на крај да заврши во Куманово, во посета на мегалитската опсерваторија Кокино. 
„Образованието во Мексико ништо не не' учи за Македонија. Единствено нешто што го знаев пред да пристигнам во вашата држава е тоа што на времето била дел од Југославија и дека Александар Македонски е роден тука, тоа го дознав од филмот“, изјавува Давид, кој иако немал во план да ја посети Македонија, сепак воопшто не се кае затоа што имал можност да ужива во престојот, да запознае нови луѓе и култура. Како студент по историја, со задоволство ги впивал сите податоци поврзани со државата и неговата нова територија на откривање. Колку што повеќе престојувал во Македонија, толку повеќе станувал љубопитен за нашата историја. „Многу пријателски настроена држава. Јазикот ми беше многу необичен. Иако научив неколку збора, сепак ми беше тежок за меморирање. Често наоѓав некои сличности што ме потсетуваа на архитектурата на Грузија, но сепак различната култура и начин на живот навистина ми годеа. Одамна ме нема вчудовидено толкав воодушевувачки пејзаж што го поседувате“, ни открива младиот автостопер, кој призна дека со тоа што е патник или турист чувствувал дека имал голема привилегија, затоа што секогаш бил пријатно и пријателски пречекан. „Многу Македонци ми открија дека пријателската наклоност главно се рефлектира врз странци. Меѓу нив самите, оваа великодушност ретко се познава и се забележува. Меѓутоа, кога станува збор за Скопје, каде што се чувствува гордост и национализам, особено во делот поврзан со архитектурата, имам нешто да споделам. Иронично е тоа што Македонците главно не го одобруваат изгледот на својот главен град. Мора да признаам дека мене лично ми беше доста интересен целиот изглед на градот, новата архитектура и слично, иако граѓаните на Македонија не го мислат тоа. Мислам дека Владата сака да ја измени државата со тоа што нејзиното славно минато ќе го пренесе во сегашноста, за да се добие нејзин сосем нов изглед. Сепак, тоа е само моја лична импресија. Верувам дека ситуацијата е многу покомплицирана од тоа што изгледа.“ 

Да патуваш сам, значи да излезеш на крај со самиот себе. Тоа е нешто што малку луѓе го учат и го стекнуваат во животот, додава Давид Уриегас. „Целта на моето патување содржи три начела: персонален, едукативен и духовен развиток. Можност да се спознае радоста кога си на отворен пат, со надеж дека ќе поминеш илјадници километри и дека жив ќе се вратиш од онаму од каде што си тргнал – својот дом. Без разлика колку и да е тешко, сакам да најдам начин да излезам на крај со сите можни ситуации. Верувам дека луѓето треба да патуваат многу почесто. Да дознаат што навистина сакаат од животот, да го победат стравот, за кој сметам дека е само продукт или резултат на игнорирање. Едноставно, луѓето треба да соберат храброст и да го направат само првиот чекор, потоа работите си течат сами по себе. Сигурно, нивната решителност ќе наиде на отпор, некои ќе велат дека е премногу опасно, што ако некој те ограби, силува, што ако станеш срам за своето семејство, меѓутоа по ова следува едно есенцијално прашање, што ако крајниот резултат не е таков? За крај, сакам да додадам дека Македонија има многу нешта да му понуди на светот. Факт е дека целата Источна Европа нуди можности и доживувања што се специфични само за неа. Треба да престанеме да се лажеме себеси дека само богатите земји се вредни за посета. Париз, Лондон, Рим или Берлин не се единствени места вредни за посета. Европа е многу повеќе од сликите на Ајфеловата кула.“
Извор: УтринскиТреба да престанеме да се лажеме себеси дека само богатите земји се вредни за посета. Париз, Лондон, Рим или Берлин не се единствените места каде ш

Пронајдете не на следниве мрежи: