„Буквата убива, а духот оживотворува“ (2.Кор. 3,6). Многу христијани не го разбираат тоа и, не знаејќи ја целта на христијанските подвизи, мислат дека само во нив ќе најдат спасение.Треба да се спомнат зборовите Господови кон апостолите Јован и Јаков, кога тие, следејќи го примерот на пророкот Илија, сакале да спуштат оган од небото врз самарјаните кои не беа Го прифатиле Господа. Он им рече на апостолите: „Не знаете од каков Дух сте вие“
(Лука 9,55; 4.Цар. 1,10). Се разбира духот на Новиот Завет – Царството Божјо во душата на христијанинот е поинаков, отколку духот на Стариот Завет.
За последниов било карактеристично површно исполнување на законот – општо сите правила на Мојсеј. И оние, кои ги исполнувале, веќе се сметале само заради тоа за праведници. А во тие закони и правила имаше толку многу несовршенства, како на пример: „око за око, заб за заб“ (2.Мојс. 24,20). Дури и кај најголемите праведници на Стариот Завет сè уште имало несовршенство. Патријарсите и царевите живееле во полигамија: многу пагански жени имал и Соломон; Мојсеј, заштитувајќи го Евреинот, сметал дека е возможно да се убие Египќанецот.
Праотецот Господов – цар, пророк и голем псалмопевец Давид имал многу жени, пролеал река од крв и истовремено извршил два смртни грева – прељуба и убиство.
Ете зошто Господ така го разликувал Стариот од Новиот Завет и укажувал на неопходноста од внатрешно усовршување, на неопходноста од развивање на способност да се види состојбата на својата душа „со внатрешното око“. Најжално е тоа што во христијанството, рамо до рамо со присуството на духот на Новиот Завет, во голема мера е зачуван и духот на Стариот.
Кај многу верници, кои одат во црква, преовладува убедување дека, да се биде христијанин, значи понекогаш да се посетува храмот и во одредена мера да се запазуваат црковните обреди. И тоа е сѐ. Многумина ли од нив знаат за целта на животот на христијанинот – стекнување на Светиот Дух Божји и развивање на сите христијански добродетели во себе.
Колку често некои од монасите и световните христијани се стремат да ја спасат својата душа само со аскетски подвизи, игнорирајќи го смирението, кротоста и Христовата љубов. И во овие случаи тие често пропаѓаат во очигледна прелест или стануваат лицемери и се жестоки, крути, настојчиви и сурови кон ближните при отсуство на Христовата љубов.
Во суштина, само надворешното – површно христијанство е токму фарисејството, кое толку остро го осудуваше Господ, додека беше на земјата: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте исполнети со лицемерност и беззаконие“ (Мат. 23, 2528).
Не треба да се мисли дека сите книжници и фарисеи од времето на Христа биле некакви, очигледно порочни луѓе. Самиот Господ говорел за нивната праведност (Mат. 5, 20), иако ја сметал за апсолутно недоволна за влегување во Неговото Царство.
И, навистина, многу од книжниците и фарисеите се одликувале со такви надворешни добродетели, какви што, можеби, многумина од нас не можат да ги забележат во себе. И, сепак, сите тие добродетели се апсолутно недоволни за наследување на Царството Небесно.
Како што пишува Таврическиот епископ Михаил: „Господ, изобличувајќи ги фарисеите, укажувал, дека нивното запазување на малите обичаи им служело само како залажување на очите, само како лицемерна маска, за да го нарушат најглавното и најсуштественото“, – пред сè неопходноста од покажување на љубов и милосрдие кон ближните За тоа пишува и светиот и праведен отец Јован Кронштатски:
„Ние гледаме луѓе кои, само по име се христијани, а според делата вистински незнабожци“. И така, нема полоши од тие лажни христијани, кај кои ревноста за надворешна обредност не се комбинира со љубов кон ближните и со смирение, кои не ја гледаат несреќата на ближните, не размислуваат за нив, имајќи круто, студено, „скаменето“ срце.
Да не се залажуваме и само со милосрдни дела, како што пишува светиот и праведен отец Јован Кронштатски: „Милостината е добра и спасителна, кога се соединува со очистување на срцето од гордост, злоба, завист, суета, мрзливост, стомакоугодување, блуд, лага и измама и други гревови. А ако човек не се погрижи за поправање на своето срце, надевајќи се само на својата милостина, тогаш тој малку полза ќе има од неа, бидејќи тоа што го гради со едната рака, со другата го разрушува“. Господ нè предупредува за таквото фарисејство, во кое комарецот го цедат, а камилата ја проголтуваат (Мат. 23, 24). Утро, ден, вечер.
Приквечер светлината се намалува. Така е и во човештвото и за светлината на христијанската вера. Господ велеше: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18, 8). Зошто е тоа така?
Еден христијанин вака одговорил на тоа прашање: „Потсмевањето и насилството на безбожниците не можат да ја поколебаат верата. Неа ја колебаат само недостојните постапки на верниците. Од кого ќе се бара повеќе за намалувањето на верата, за разрушувањето на храмовите, – од безумните ли, кои говорат дека, нема Бог‘, или од оние кои се нарекуваат христијани, а се туѓи на Неговиот дух, и кои своите ниски дела ги покриваат со возвишени зборови?“
Превод од руски јазик:
Миле Иваноски, апсолвент на Факултетот за руски јазик
Налов на изворникот:
Николай Пестов,
„Путь к совершенной радости“,
1996 г., 184 с.
Православна светлина бр. 8
Преземено од: amvon.mkТреба да се спомнат зборовите Господови кон апостолите Јован и Јаков, кога тие, следејќи го примерот на прор