Фото: Едицијата „Црните страници на УДБА“-202 досиеја достапни за граѓаните на Македонија

Државниот архив на Република Македонија поседува 15.000 досиеја, во 630.000 страници направени од страна на тајната полиција во периодот од 1945-2000 година. Околу 120.000 досиеја се знае дека се направени но ги нема. Се претпоставува дека дел од нив се уништени а дел од нив се отстранети.„Црните страници на УДБА“  е едиција на Државниот архив на Македонија сопствен во 9 тома, составени од 16 книги на 13.000 страници се пренесени 202 досиеја.
-Едицијата е сведоштво за едно време, бурно време. Период во кој била супресирана било каква мисла која што излегувала надвор од „дозволеното“ мислење на номенклатурата на власт. Дали се работело за политичко несогласување на лево, или за тоа како се практикувала тогашната идеологија на КПЈ или, многу почесто за чиста македонска промисла, сеедно, сите биле на мета. И најголем дел од нив имале формирани досиеја од тајната југословенска/македонска полиција. Од тие досеа подоцна се ваделе материјали за прогон кој завршувал со политичка, а често и физичка ликвидација. Не било воопшто благопријатно да се биде неистомисленик, вели директорот на Државниот архив, Филип Петровски.
 „Елиминацијата на ВМРО по 1945 година“
 
Со документите од првиот том е покажана идеолошката пресметка со луѓето кои пристапувале на промислата и идеологијата на ВМРО. Преку документите може да се увиди дека секој кој барем и малку ја делел таа идеологија, или бил во контакт со луѓе кои ја делеле таа идеологија бил мета на прогон.
„Информбиро“
 
Документите покажуваат дека секој кој бил етикетиран како дел Информбирото можел да заврши на Голи оток.  Податоци покажуваат дека околу 11.000 Македонци завршиле на Голи оток. Најголем број од тие документи се уништени.
„Помалку познати судбини“
 
Она што покажуваат документите преставени во третиот том е дека дури и најобичниот граѓанин бил следен и бил мета на тајната полиција, доколку имало сомневање дека е неистомисленик. Во овој том има 20 досиеја на 800 страници.
„Ченто и Доцев на удар“

Доцев бил сведок на многу настани, а неговото досие си го земал лично во 2000 година и потоа го доставил до Државниот архив на Македонија.
Доцев бил мета на сериозно проучување на службата. Во мај 1970 таа донела предлог да се направи конспиративен претрес на неговото работно место. Конспиративен претрес значи дека целосно го провериле неговото биро до детал. По предлогот за претрес усвоен е план. По планот уследила реализација. А потоа и службена белешка. Посебно интересни се заклучоците. Еден од нив вели дека: групата на Доцев по трет пат започнала непријателска активост и се бараат нови членови; истите се поврзуваат со други лица осудувани за непријателска дејност; и се подготвуваат таа година да се соберат на вмровски конгрес. Службата уредно водела евиденција за нивните планови, но и за многу настани од минатото.
 
Со реден број 45009946 во евиденцијата на тајната полиција е запишан и Ченто. Повеќе од грдо делува претседателот на Президијумот на АСНОМ во затворска кошула која со ништо не ја заслужил. Самото листање на страните на неговото досие ја открива бруталноста, нечовечноста и уште повеќе злата намера да се украде и пренасочи историскиот процес на Македонија по секоја цена. ОЗНА за него запишала дека се обидел да пребега преку граница и дека ширел антинародна пропаганда. Истиот според документот за отворање на евиденцијата не се сложувал со политиката на ФНРЈ која според него не била во интерес на македонскиот народ бидејки, според него, неговото, македонското обединување на можело да се случи во истата. Ченто, според овој документ бил со мисла да оди во Париз на мировната конференција и ако таму не успее да се врати во Грција и по пат на насилие да ја отцепи Народна Република Македонија од ФНРЈ и да ја присоедини со Егејска Македонија.
„Емиграцијата – државен непријател број еден“
 
Низ историјата се создавало перцепција дека Македонците мигрираат исклучиво од економски причини. Документите покажуваат дека тоа воопшто не било така и дека има политичка емиграција на интелегенцијата, која уште тогаш се борела за македонското прашање надвор од границите. Лица биле прогонувани и убивани доколку ја застапувале мислата за самостојна, обединета и независна Македонија.
„Уметниците на мета“
 
Ниту уметниците не останале имуни на прогонот на тајната полиција. Во овој том се опфатени 19 досиеја и тоа на Шишков, Колозов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Миле Неделковски, Бранко Варошлија….како и други македонски културни дејци. Ангажирани биле нивни секретарки на работа и соседи дома да ги надгледуваат и да пренесуваат информации на тајната полиција. Уметниците биле следени преку особено добро организирана мрежа. Исто така се цензурирале песни, во никој случај не смеела да биде спомената идејата за обединета Македонија или пак за Егејците.
„Борци за независност и обединување на Македонија“
 
Македонската интелигенција никогаш не престанала да размислуваа за тоа дека Македонија неправедно била поделена во 1913 година. Во овој том има 12 досиеја на 2.700 страници каде македонските интелектуалци биле следени, прогонувани се со цел да биде суспендирана идејата за обединета и независна Македонија.
„Следење, обработка и обиди за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“
 
Во добро обработена мрежа дури до 2000 година, период во кој Македонија е независна и суверена држава, сеуште се следени лица членови на ВМРО-ДПМНЕ. Следен бил и секој оној кој бил во било каков контакт со член на партијата. Во овој том има документи, на кои до детал се пренесени состаноците на партијата.
Новинарот Зоран Божиновски бил еден од оние кои пренесувал информации на тајната полиција. Под кодно име „Зоки“ тој под маската на новинар контактирал а потоа пренесувал податоци за партијата до тајната полиција.
„Лустрацијата недовршен процес“
 
Во овој том се селектирани 61 досие. Имињата се јавно објавени, како и нивните досиеја.
Значајно е да се напомени дека материјалите кои се содржани во едицијата се декласифицирани и истите смеат да се објавуваат.
Едицијата ќе биде доставена до државните библиотеки и овие историски документи ќе бидат достапни за сите граѓани во Македонија.„Црните страници на УДБА“  е едиција на Државниот архив на Македонија сопствен во 9 тома, составени од 16 книги на 13.000 страници

Пронајдете не на следниве мрежи: