Интегрален текст од обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола ГруевскиПочитувани земјоделци, почитувани претставници на земјоделските здруженија и сојузи,
Денес ќе промовирам нов проект, кој не е само додадена вредност во земјоделието, туку има и силна социјална, но пред се економска вредност и предности.
Миграцијата село град е глобален предизвик, а која во Македонија започна во шеесетите години на минатиот век, во последните неколку децении зема сериозен замав. Луѓето преселени во градовите, дури и по цена да останат без работа или да немаат свој дом или да живеат под кирија се задржуваат, запоставувајќи ги можностите и капацитетите кои ги нуди селото, а пред се тие се состојат во можностите за развој на бизнис и занимавање со земјоделска дејност. Една од причините поради која тие се откажуваат од таквата можност е потребната поддршка која е неопходна на почетокот.
Затоа ние ќе отпочнеме со нов проект насловен „Од град во село, за нов почеток„. За таа цел ќе понудиме исклучително поволен пакет на мерки и бенефиции кои што ќе се состојат од парични средства за купување, изградба на нова, или реконструкција на стара и веќе постоечка куќа на село, бесплатно државно земјиште за работа, и користење на бројните мерки кои преку програмите им стојат на располагање на земјоделците, а кои се однесуваат пред се на субвенции за набавка на земјоделска механизација, еднократна парична помош во рок од 18 месеци потребна за почеток со работа и обезбедување на егзистенција, како и 80 отстотна поддршка за изградба на системи капка по капка доколку се занимава корисникот со обработка на почва и растително производство, или 80 отстотна поддршка за набавка на високо приносен добиток, изградба на бунари како и можност за бесплатни пасишта за оние кои ќе се одлучат за сточарство, и редица други поволности, на кој ќе се задржам подоцна во презентацијата на мерката.
Нашата цел е преку проектот „од град во село, за нов почеток„ обезбедување услуги кои во комбинација со веќе достапните мерки и активности што се нудат преку Програмата на Владата на Република Македонија, ќе стимулираат враќање на животот во селата и унапредување на социо-економските услови за живот во руралните средини на Република Македонија. Истовремено давање на една шанса повеќе на оние кои се невработени или имаат многу ниски примања во семејството.
Овој проект ќе се однесува на следниве категории на лица:
1. Лица кои претходно мигрирале од село кон град и се уште имаат имот на село;
2. Лица кои претходно мигрирале од село кон град, но не го задржале имотот на село;
3. Невработени лица од град или пак вработени но со многу ниски примања чии вкупни месечни примања на целото семејството не ја надминуваат просечната бруто плата од 32 074 денари, односно нето плата од 21 813 денари како вкупен приход во семејството;
Секој корисник на проектот „од град во село, за нов почеток„ ќе добие пакет на бенефиции и на поддршка, или поконкретно:
1. Субвенционирање, подршка, помош за трошокот за купување или реновирање или градба на куќа, до најмногу 6.000 Евра. Висината на оваа субвенција се одреди по истражувањето направено на цената на куќите во селата, која е далеку пониска одколку во градовите, пред се заради немањето побарувачка за нивно купување, и миграцијата село град;
Оние кои веќе имаат куќа на село, ќе може субвенцијата до 6 илјади евра да ја искористат за реновирање, доградба, надградба или на самата куќа, или на земјоделски објекти како плевни, штали, магацини, складишта, силоси и слично.
2. Добивање на бенефиции за добивање на државно земјоделско земјиште до 3ха бесплатно! Секој кој ќе се одлучи да се пресели на село преку оваа мерка која денес ја промовираме доколку се одлучи за обработка на земја и садење растенија ќе добие 3 хе земја за обработка бесплатно.
Доколку корисникот изрази желба за повеќе земја од 3 хе ќе има можности во рамките на постоечките законски решенија, односно огласи кој се под стандардните услови да добие дополнително државно земјоделско земјиште, односно 120 евра од хектар за прва и втора класа земјиште, 90 евра по хектар за трета и четврта класа, 60 евра за 5 и 6 та класа, 30 евра за 7 и 8 класа- (годишно).
3. Се предвидува и доделување на еднократна месечна субвенција, односно парична помош за почеток за прилагодување кон животот на село во висина од 15 000 денари месечно, во тек од првите 18 месеци или вкупно 270 илјади денари. Ова е особено значајно за стабилизирање на семејството, егзистенција и почетен капитал за поддршка во развојот на бизнис; Ова треба да ја осигури егзистенцијата во периодот додека не стигнат првите приходи од земјоделската дејност; земјоделската дејност не дава приходи од денес за утре, потребо е време да се насади да се одгледува да се исчека да се продаде да се земат средствата па да почне нормално да се живее.
4. Посета на задолжителни обуки за претприемништво, започнување и водење сопствен бизнис, како и специјализирани бизнис обуки за земјоделство и најдобри земјоделски практики. Ова е особено значајно за оние кои за прв пат започнуваат со земјоделски бизнис или оние кои многу млаку се занимавале со земјоделски бизнис имаат само мали и површни познавања. Преку Агенцијата за вработување, откако ќе биде распишана тендерска постапка ќе биде избрана специјализирана агенција која ќе врши специфични обуки за развивање на претприемачки дух и знаење, истовремено ќе биде искреирана и посебна програма за стекнување и обуки и знаења од областа на земјоделието. ние ен сакаме луѓето да се преселат и заради одредено непознавање на земјоделските практики или непознавање на водење на бизнис или сметководство, по година или две да проценат дека неможат да се справат со тоа затоа ќе има задолжителна обука за секој кој ќе ја користи оваа мерка за да му помогнеме да знае да управува со средствата кои што ќе му ги даде држвата и да управува со својот бизнис и со земјоделие.
5. На располагање ќе биде и ново промовираниот проектот за ангажирање на професионални земјоделски советници кои го најавивме како дел од пакетот на земјоделски мерки.
6. Други поволности кои стојат на располагање, во рамките на постоечките програми е користење на новата мерка од 80% поддршка од државата за инсталирање на систем капака по капка за најмногу до 50 хектари, и 80 отсто поддршка за изградба на бунари; Со воспоставувањето на механизмот капка по капка ќе се овозможи дополнително зголемување на приносот за два, три или повеќе пати, што ќе значи и зголемување на приходите за неколкупати.
7. За лица кои се заинтересирани да се занимаваат со сточарство ќе може да ја искористат новопромовиранта мерка за 80% поддршка од државата за набавка на високо приносен добиток, со што исто така за неколку пати ќе го зголемат приносот и ќе обезбедат зголемени приходи; Максималната вредност на прифатливите трошоци ќе изнесува до 10 милиони денари по корисник, финансиски средства со кои можат да се набават и до 100 крави холнштајн или 1000 високо приносни кози или 800 високо приносни овци.
8. Ќе се овозможи и мерка бесплатна концесија за пасишта која што ќе биде наменета единствено за корисниците на овој проект, и тоа за крупен добиток еден хектар по грло најмногу до 5 грла, односно 5 хектари, а за ситен добиток 0.2 хектари по грло, најмногу до 50 грла ситен добиток односно 10 хектари. Останатите пасишта може да се добијат по постојните услови.
9. Достапна е помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност, таа е достапна и сега и таа може да се доделува на секој млад земјоделец кој за првпат започнува да се занимава со земјоделска дејност. Станува збор за неповратна финансиска поддршка во висина до 600 илјади денари или 10 илјади евра за реализација на инвестициски план на корисникот за период од најмногу 3 години. Право да аплицираат за овој вид на поддршка имаат лица со возраст од 18 до 40 години. Овие пари може да се искористат за дополнителна набавка на добиток, изградба на фарми, приклучна механизација.
10. Исто така достапна е и финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за подигнување на нови лозови и овошни насади и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности ако и едното и другото го исполнува и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува врз основа на реализирани инвестиции за набавка на садници, набавка на потпорна конструкција, услуги од трети лица за подготовка на почвата и садење на садниците, во висина до 2,5 милиони денари по корисник.
11. Финансиска поддршка во висина од 50% за набавка на трактори и земјоделска механизација за житни и индустриски култури во висина на поддршката до 3,5 милиони денари по корисник. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници.
12. Финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за набавка на пчелни матици и опрема во пчеларството. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува за набавка на пчелни матици, набавка на рамки и сандаци, набавка на опрема за одгледување на пчели, услуги од трети лица за изработка и инсталирање на опремата. Максималната вредност на поддршката е до 600 илјади денари за набавка на пчелни матици и до 800 илјади денари за набавка на опрема во пчеларството.
13. На корисниците ќе им стои на располагање можност за организирање во задруги а со тоа и можност за повисоки субвенции од 7 или 15%.
Преку ИПАРД Програмата за оваа категорија на лица на располагање се и повеќе мерки меѓу кои:
-Набавка на трактори и останата приклучна механизација за овоштарство, лозарство, сточарство и градинарство,
– Изградба на објекти за чување на земјоделската механизација и опрема,
– Изградба или реконструкција на објекти за пост-бербeни активности (објекти за подготовка, пакување и складирање) како и опрема за подготовка за сортирање, саламурење, чистење, миење, сушење, сортирање, за разладување, ладење и замрзнување.
– Изградба или реконструкција и модернизација на пластеници, стакленици за производство на зеленчук и расадници за саден материјал за зеленчук,
– изградба или реконструкција на фарми за одгледување на животни како и помошни објекти и објекти за молзење, одгледување на подмладок и оплодување, работни простории, вклучително и обезбедување на инфраструктура на фармата;
– изградба и реновирање на недвижен имот, во однос на складови за крма и сточна храна, силажа, сено и штали за зрнеста храна, силоси, вклучително и опрема за подготовка на крма, ракување, пакување и складирање;
-Инвестиции во изградба и реконструкција на објекти за воспоставување и модернизација на преработка на капацитетите за преработка на храна за производство на традиционални, модерни прехранбени производи,
-Набавка на машини и опрема за преработка, пакување, етикетирање и складирање,
Се се овие дополнителни можности кои можат да се искристат преку ИПАРД агенцијата.
За овие мерки согласно условите од Програмата се финансираат 50% од вкупната вредност на прифатливите трошоци, а за некои инвестиции тој процент може да достигне и до 75%.
Луѓето кои што ќе може да го користат проектот„од град во село, за нов почеток”се брачни парови, каде постариот партнер е на возраст најмногу до 45 години, а предност ќе имаат оние што се со повеќедетни семејства. Потребно е да имаат конкретна бизнис идеја за самовработување и што има потенцијал да генерира нови работни места. Проектот се однесува за населување на селата кои се до 500 жители.
Корисникот ќе има обврска 10 години да не смее да го отуѓува имотот, ниту пак да ја намали неговата почетна вредност. Корисниците се обврзуваат да живеат најмалку 15 години на село по започнување на користењето на условите од проектот. Истовремено со цел да се одбегнат злоупотреби, ќе бидат формирани и комисии кои ќе вршат надзор на спроведувањето на самиот проект и проверки на терен на редовна основа.
Бидејќи се располага со ограничени ресурси во поглед на расположливото обработливо државно земјоделско земјиште и пасишта, државата, односно Владата преку министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дополнително ќе објави во кои села ќе понуди ваков пакет, зависно од тоа каде има слободна земја или пасишта, но истовремено нашата интенција ќе биде да се искористи максимално она што е на располагање. Проектот кој што е исклучително поволен ќе се применува две години, односно ќе започне од јануари 2017та а ќе заврши во јануари 2019та година. Затоа апелирам што повеќе луѓе да се пријават да ја искористат оваа можност и во тој период да ги склучат договорите со државата.
Сега нешто околу вредноста на проектот. Наша интенција е да се искористат огромните потенцијали кои што ги нуди македонското село. Целта се селата до 500 жители, односно оние кои што се со помалубројни жители, бидејќи тие се на границата на целосно иселување. Истовремено ова преставува неповторлива можност за оние кои што се преселени и живеат во град, а особено што имаат некакви ресурси во местата од каде потекнуваат, на пример сопствен имот, стара куќа, или пак некаков земјоделски капацитет кој има потенцијал, да биде рестартиран. Ова е шанса и за оние кои се невработени, а живеат во град. Еве шанса преку својот труд, со исклучителна поддршка од државата да дојдат до свој дом, своја работа и бизнис за семејството на село. Државата нуди работа, нуди дом и исклучителни поволности за поддршка на сопствен бизнис на село. Сега зависи од потенцијалните корисници, од храброста, решителноста, но и знаењето и волјата за работа на секој поединец кому му е потребна поддршка.
Ваквите проекти како што е проектот „од град во село, за нов почеток„ се применуваат и во други земји во светот. Пакетот на мерки кои што се нуди е различен од зависност на поднебјето за кое се однесува. Па така во земјите во Европска Унија во делот од заедничката земјоделска политика на Европската Унија, што се однесува на рурален развој, предвидува мерки за обнова на куќи во рурални средини и овозможува 50% поврат на инвестираните средства. Со таа разлика што овие куќи е предвидено да бидат наменети за туризам, односно за развој на селски туризам. Во Србија, поточно во Војводина неколку години по ред се обезбедува годишен фонд, за поддршка на млади брачни парови на возраст до 40 години, за купување на куќа на село. Брачните парови што аплицирале на мерката, се обврзани да живеат 10 години на село и исто толку време не смеат да го отуѓуваат имотот. Друг услов е да немаат други недвижности на свое име, но и пакетот не предвидува давање на земјиште. Уште еден услов за брачните парови кои купуваат куќа на село е дека истата не смее да чини повеќе од 12.000 Евра. Дополнително, куќата што се купува мора да биде веднаш вселива, односно да биде во добра состојба за живеење. Во Словенија пак државата обезбедува средства кои ги дава на општините кои пак ги користат за инвестиции во инфраструктура.
Има други пакети на поволности. Во Канада државата обезбедува бесплатна рента на објекти за домување во рурални средини како и кредити со поповолна стапка; САД таму иа обезбедено програма за стекнување на дом во рурални средина, или за реновирање и обнова на дом. Австралија обезбедува стимулации и дополнителни плаќања за земјоделци кои живеат во рурални средини.Заклучокот е дека секоја држава го нуди она што смета дека ќе ги задржи луѓето на село. Дополнително во моделот кој ние го обмисливме има и развојна компонента која е носечка а тоа е отпочнување на сопствен бизнис и можност за сигурна егзистенција.
Почитувани, ова е нов мега проект кој ќе биде дел од нашата програма. Со ова заокружуваме 5 значајни проекти кои се од областа на земјоделството или се поврзани со земјоделството и се дел од нашата понуда. Во изминатиот период од неколку недели промовиравме 4 значајни мерки за земјоделството. Мерките за 80 осто за поддршка на системот капка по капка и изградба на нови бунари, 80 осто за поддршка на набавка на високо приносен добиток, мерката за ангажирање на професионални земјоделски советници, како и изградбата и функционирање на Агро бизнис зона Македонија што во голема мера ќе значи добивање на посилна конкуренција, посигурен откуп по пазарни цени, мерки кои преставуваат нова додадена вредност за земјоделците. Спроведувањето на овие проекти слободно може да се каже дека ќе претставуваат нова епоха, ново поглавје во развојот на земјоделството. Преку овие мерки директно работиме на влегување во нова фаза, која значи збогатување, поголеми приходи на земјоделците. Ќе има уште многу други проекти како во земјоделството, така и во останатите сфери, со конкретни рокови и план за реализација. Ние ќе продолжиме да работиме за граѓаните и она што значи решавање на нивните проблеми, поквалитетен живот и давање на повеќе можности за секоој граѓанин на Македонија. Ќе продолжиме да инвестираме во земјоделието, и секогаш ќе бидеме и ќе останеме најдобар партнер на земјоделците и на оние кои во иднина ќе се одлучат да станат земјоделци.
Почитувани дозволете сосема на крајот кусо да се осврнам на актуелните политички случувања и да испратам неколку јасни пораки.
Македонија е подолг период во акутна политичка криза и знам дека таа криза го нарушува спокојството на граѓаните, нивниот мир, секојдневието и таа се одразува и на економијата, иако засега економијата се држи солидно. Има и такви кои деновиве ги слушам во дел од медиумите кои порачуваат дека ситуацијата е безизлезна, нема надеж, дека нема светло на крајот од тунелот.
Секој почеток има и свој крај, така е и со кризата. Политичката криза ќе се реши, а ние, сите ние ќе излеземе многу посилни од сето ова. Но и помудри. Нема поголема сила од народот, а секој кој тргнал против народ е осуден на пропаст. Македонија ќе се врати на патеките на напредокот, на економскиот развој, на патот на ЕУ и НАТО и колку некој, поради свои лични интереси сака да не одврати од оваа наша стратешка цел, тој не прави порешителни, уште многу повеќе силни да опстоиме, да се бориме, но и да успееме. Овој народ, оваа држава има капацитет да ги надмине овие проблеми и ќе ги надмине. Како што и во минатото многупати ги надминала. Ние сме се снашле со многу предизвици, со многу опасности и на крај сме ги надминувале предизвиците со мудрост, и со правилен избор на одлуки, секогаш водејќи сметка за националните и државните интереси и за интересите на народот. И кога е најтешко секогаш со народот бил ВМРО-ДПМНЕ, затоа што ВМРО, ВМРО е константа која опстојала и во многу потешки времиња, ВМРО- е код околу кој се собирале сите кој ја сакаат слободата и самостојноста на земјата. ВМРО е емоција околу која се врзуваат многу судбини на Македонија. Тоа било така во минатото, така е и сега. ВМРО останува стремежот за слобода и стремежот за својата држава и независност. Стремежот за сопствен напредок и успех. Во нашата основа е да ја заштитиме нашата држава и нашиот народ и ве уверувам дека ќе успееме и ќе победиме, затоа што народот е силен и свесен и многу добро знае што се случува.
Народот застанува против виткањето на кичми, против сценарија за дестабилизација, против рушењето на мирот и соживотот. Македонија е многу повеќе од ова. Сето ова ќе помине, и на крајот сите ќе треба да се погледнеме во огледало, и ние кои сега сме со народот, а и тие кои се од другата страна. Историјата ќе суди за улогите, а народот ќе цени.
Во пресрет на престојните празници сакам да упатaм порака до сите дека Македонија ќе победи. Македонија ќе продолжи да оди напред и да се развива.
Дозволете во оваа прилика да посакам пријатни, радосни и спокојни празнични денови на христијаните кои го слават Велигден, најголемиот празник на христијаните во светот.
Почитувани земјоделци, почитувани претставници на земјоделските здруженија и сојузи,
Денес ќе промовирам нов проект, кој не е само додадена