Групацијата Триглав работеше успешно и во согласност со планираната стратегија

Раст на осигурителната премија на македонскиот пазар
 Групацијата Триглав, водечка осигурителна и финансиска групација во Словенија и во Адриа регионот, работеше успешно во првата половина на 2015 година. И покрај тешките услови на пазарите кадешто работи, во споредба со истиот период минатата година, Групацијата оствари раст од 4% во бруто полисираната премија од осигурување, која изнесува 507,8 милиони евра. Првата половина на годината, Групацијата ја заврши со нето добивка од 53,6 милиони евра, што е за 5% помалку отколку во истиот период минатата година, додека комбинираниот коефициент се подобри и изнесува 93,6%. Триглав Осигурување Скопје, која е дел од Групацијата Триглав, во првата половина на 2015 година обезбеди 13% повисока премија отколку во истиот период минатата година, со што го надмина растот на осигурителниот пазар и го зголеми својот удел на пазарот во Македонија.   
 
Во Словенија, во споредба со првата половина на минатата година, Заваровалница Триглав фактурираше 1% пониска бруто премија од осигурување, во износ од 333,9 милиони евра. Премијата од имотно осигурување, што претставува речиси 73% од осигурителната премија, се намали за 2%, додека премијата од животно осигурување се зголеми за 5%. Премијата на Триглав, Здравствена Заваровалница (здравствено осигурување) е за 1 % повисока во однос на истиот период минатата година.  
 
Раст на премиите на странските пазари
Во другите 5 држави на Адриа регионот, во кој дејствува Групацијата Триглав, сите зависни осигурителни компании остварија раст на премиите во споредба со првата половина на минатата година. Најголем пораст, и тоа од 39% е остварен на српскиот пазар. На македонскиот пазар, како што беше споменато погоре, порастот изнесува 13%, во Хрватска 7%, а во Црна Гора 5%. На пазарот во Босна и Херцеговина, друштвото во Сараево оствари раст од 9%, а друштвото во Бања Лука од 2%.
 
На добивката влијаеше ниската профитабилност од финансиските инвестиции
Групацијата Триглав првото полугодие го заврши со нето добивка во висина од 53,6 милиони евра, што е 5% помалку отколку во истиот период минатата година. Матичната компанија Заваровалница Триглав оствари нето добивка од 39,9 милиони евра, што е за 7% помалку отколку минатата година. Финансиската профитабилност од инвестициите значително влијаеше на деловните резултати на Групацијата. Пазарот на капитал, минатата година, всушност, нудеше одличен профит, но според очекувањата, ситуацијата во првата половина од 2015 година се измени. Добивката од финансиските инвестиции на Групацијата се намали за 27% во однос на истиот период минатата година.  
 
Успешно работење во основната дејност
Комбинираниоткоефициент на Групацијата Триглав што ја мери ефикасноста на осигурувањето во основната дејност, во првата половина на оваа година изнесува 93,6%. Во споредба со истиот период минатата година ситуацијата е подобрена, што значи дека коефициентот се намали за 2,1 процентен поен. Ваквото движење во првата половина на годината воедно е одраз на отсуството на вонредни, несакани штетни настани за разлика од минатата година. И комбинираниот коефициент на матичната компанија е подобрен и изнесува 89,0%, што е за 5,4 процентни поени помалку отколку минатата година.
 
Високо ниво на финансиска стабилност
Групацијата Триглав и понатаму го задржува високото ниво на финансиска стабилност, што се потврдува со бонитетната оценка »A-« од страна на рејтинг агенциите “Standard&Poor's“ и  “A.M. Best“. Агенцијата “Standard&Poor's“ на последната редовна ревизија оваа година ја подобри среднорочната прогноза за Групацијата, така што и двете агенции дадоа позитивна среднорочна прогноза како оценка за кредитната способност на компанијата. На високата финансиска стабилност на Групацијата, на крајот на првата половина на 2015 година укажуваат и бруто техничките резерви во вредност од 2.659,2 милиони евра и вкупната вредност на капиталот во износ од 665,7 милиони евра. Двата показатели се гаранција и основа за балансирано работење и за обезбедување долгорочна сигурност на осигурениците. 
 
Високи дивиденди
Оваа година, Заваровалница Триглав за дивиденда издвои дури 67% од нето добивката на Групацијата Триглав (сопственик на доминантното друштво) за 2014 година. Висината на дивидендите оваа година отстапува од политиката за дивиденди на Заваровалница Триглав, која останува непроменета. Високата исплата на дивиденди е во согласност со остварувањето на примарната солидност на капиталот и солвентноста на Групацијата Триглав, која по исплатата на дивиденди за 2014 година располага со ниво на капитал, потребен за постигнување на целната оценка на бонитет »A« и за спроведување на останатите стратешки насоки на друштвото.
 
Успешно спроведување на планираната стратегија
Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: “Задоволни сме од работењето во првото полугодие. Нашите резултати ја потврдуваат успешноста на спроведување на стратешките цели на Групацијата Триглав. Се очекува ситуацијата на осигурителните пазари до крајот на годината и понатаму да биде тешка, а пазарите на капитал, барем за краток рок нема да носат некој поголем профит од инвестициите. Во осигурителниот бизнис ќе продолжиме со агресивен настап на пазарот и со развој на производи и услуги насочени кон клиентите. Во исто време, постојано ќе се стремиме кон зголемување на ефикасноста во работењето. Притоа ќе ја надградуваме позицијата во пензиските и здравствените осигурувања како важни стратешки сегменти во нашето работење. На ниво на Групацијата, и понатаму ќе спроведуваме внимателна сопственичка консолидација на подружниците, оптимизација на управувањето со средствата на Групацијата и ќе продолжиме со процесот на продажба на инвестиции во сопственичките удели на компаниите чија дејност не е во согласност со нашата стратегија.”   
 
Групацијата Триглав во Македонија
Триглав Осигурување Скопје постигна извонредни резултати во првата половина на 2015 година. Компанијата ја зацврсти својата водечка позиција со зголемување на пазарниот удел за 5,4%, во споредба со истиот период минатата година, достигнувајќи 17,61 проценти. Во дадениот период, Триглав оствари речиси 13% повисока бруто полисирана премија во однос на првата половина на 2014 година, достигнувајќи 11 милиони евра во премии, со што постигна многу поголем раст отколку самиот осигурителен пазар, чијшто раст, споредено со истиот период минатата година изнесуваше 7,11%. Покрај тоа, Триглав и понатаму е лидер на македонскиот пазар во бруто исплатени штети, што е потврда на ефективноста на усвоените интерни процеси, како и на експертизата на вработените.
 
Развој на доброволно приватно здравствено осигурување
Перформансите на Триглав Осигурување во првата половина на 2015 година се показател на определеноста и посветеноста на компанијата кон извонредно работење и врвен квалитет на услугите што ги нуди. “Сепак, нашиот фокус не е насочен само кон интерните процеси и перформанси, напротив, ние ги слушаме потребите на пазарот и вложуваме значителни напори во едукација и развој на локалниот осигурителен пазар”, изјави Сања Танчевска, извршен директор на Триглав Осигурување Скопје. Имајќи го предвид зголемениот интерес за приватно здравствено осигурување, во април оваа година Триглав Осигурување на пазарот воведе нов производ во сегментот на доброволното приватно здравствено осигурување, Осигурување на специјалистичко-амбулантно лекување. “Ова е исклучително конкурентен и достапен производ, кој обезбедува врвна здравствена заштита, покривајќи ги трошоците за здравствени услуги во доменот на специјалистичките третмани. Изборот на поздрав начин на живот значи носење правилни одлуки за негова заштита, а ние сме убедени дека доброволното здравствено осигурување е првиот чекор кон обезбедување подобра грижа за себе и  за нашите најблиски”, додаде Танчевска. Компанијата верува дека пазарот ќе ја препознае оваа услуга како потреба, што ќе придонесе до натамошен развој на овој осигурителен сегмент.  Групацијата Триглав, водечка осигурителна и финансиска групација во Словенија и во Адриа регионот, работеше успешно во првата половина на 2

Пронајдете не на следниве мрежи: