Хамачек ја потенцира поддршката што Р. Македонија ја добива од Чешка за влез во ЕУ и во НАТО

Нека не ве вознемирува тоа што по 10 години кандидатски статус уште не ги почнавте пристапните преговори. Да, невообичаено е, но ЕУ веќе е таква – секој круг проширување е поинаков и специфичен. Унијата во која ќе влезете ќе биде сигурно многу поразлична од оваа денешната. Сегашниот развој на Европа и надвор од неа укажува дека ликот на ЕУ може да претрпи значителни промени.Ова го истакна претседателот на чешкиот Дом на пратениците Јан Хамачек во своето обраќање пред пртениците во Собранието на Република Македонија.
Хамачек повторно ја потенцира поддршката што Република Македонија ја добива од Република Чешка за влез во ЕУ и во НАТО и рече дека неговата земја е членка на неформалната група на држави во рамки на ЕУ, Пријатели на Македонија кои исклучително се трудат патот на Македонија до ЕУ да не се продолжува понатаму.
– Сите чешки влади го декларираа и го декларираат Западниот Балкан како простор на чешките приоритетни интереси. Македонија е дел од овој регион и во него има не малечка задача. Без вас Европа не би била потполна, рече Хамачек.
Посочи дека не го крие своето жалење за тоа што се случи со поранешна Југославија, за која што кажа дека била многу убава и многу меѓународно влијателна земја.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите, рече дека нивната земја влегла во ЕУ дури по седум години кандидатски статус, односно во 2011 година. Исто така, истакна дека внатрешно-политичките превирања и нестабилности особено она што изгледа како меѓуетнички спор само го продолжува, како што рече, македонскиот пат до Европа.
– Добро знаете дека зачленувањето во ЕУ зависи од вас, иако има и фактори врз кои не можете многу да влијаете, рече Хамачек.
Со пратениците сподели чешко искуство од формирањето на неформалната Вишеградска група  која ја сочинуваат Полска, Унгарија, Чешка и Словачка. Групата, како што кажа, создадена првенствено за размена на идеи за влез во ЕУ, по исполнувањето на оваа цел стана престижен меѓународен форум, а значаен резултат од активностите на В4 беше неодамнешниот потпис на договорот на сите земји од Западен Балкан за формирање на Фондот за Западен Балкан во Прага.
– Повторно би сакал да потенцирам дека Вишеград целосно ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, рече претседателот на чешкиот Дом на пратеници.
Во однос на бегалската криза, Хамачек за Македонија рече дека се наоѓа слично како и Србија во бизарна ситуација, кога и покрај тоа што не е земја членка на ЕУ, преку неа патуваат бегалци кои доаѓаат од една земја членка членка на Унијата. Чешка, додаде тој, се труди да и пружи на Македонија хуманитарна помош иако таа поддршка, како што рече, е повеќе израз на морална и политичка солидарност од значајна помош во надминување на ситуацијата.
Според Хамачек, Европа и ЕУ не беа подготвени за бегалската криза. Вишеградската група не го поддржа предлогот на Брисел за концентрирани задолжителни квоти.
– Република Чешка поддржува комплексно решение на мигрантската криза. Бараме засилување на заедничкиот систем на заштита на надворешните граници во Шенген зоната. Ќе соработуваме во рамки на заедничкото европско решение со земји што најмногу ги засегаат мигрантските притисоци. Оттаму е јасно дека дел од таквото решение не можат да не бидат земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Македонија, рече Хамачек.
Бегалската криза, како што рече, уште повеќе ја компликуваат бруталните напади на терористите од организацијата „Исламска држава“. – Овие ѕверски терористички активности веројатно значително ќе влијаат на понатамошниот развој на целиот меѓународен живот не само во Европа, туку и во Блискиот Исток, рече Хамачек.
Постои опасност, додаде тој, да се зголеми растот на исламофобијата, да се задлабочат стравовите на европската јавност од бегалците кои се главно муслимани. За сето тоа, според него, се потребни нови решенија, пристапи и мерки.Ова го истакна претседателот на чешкиот Дом на пратениците Јан Хамачек во своето обраќање пред пртениците во Собранието на Република Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи: