Книгата на Стојан Христов ја раскажува сторијата за продолжената борба за независност на МакедонијаПоследното продолжение од овој фељтон е рецензијата што „Њујорк тајмс“ ја напиша за првиот роман на познатиот американски писател од македонско потекло Стојан Христов (Stoyan Christowe). Оваа рецензија е исклучително важна од неколку аспекти. Прво, нејзината големина. Тоа не е кратка цртица за романот-првенец на еден доселеник во Соединетите Американски Држави, туку широка елаборација на историјата на Македонија и на народот што живеел во неа. Второ, преку неа македонската јавност можеби се запознава со романот „Херои и убијци“, издаден во 1935 година, кој речиси не се споменува во овдешните хроники за неговото творештво, туку нашите историчари на литературата тргнуваат од романот „Мара“ публикуван во 1937 година. Трето, што критиката во еден толку важен весник како „Њујорк тајмс“ е многу благонаклона кон квалитетите на романот „Херои и убијци“. И четврто, што преку овој роман весникот дополнително ја запознава американската јавност за борбата што ја водеше македонскиот народ против Турците, а потоа и против соседите кои по Букурешкиот договор ја поделија Македонија.
Стојан Христов, роден за време на Османлиската империја во 1898 година во костурското село Кономлади, во 1912 година во времето на масовната имиграција во Америка се преселува во државата, која е идеализирана како земја на неограничени можности. Речиси уште дете тој работи во ложилница во Сент Луис, па на изградбата на железниците во Монтана и Вајоминг, а потоа заминува во Чикаго. Желбата за знаење доминирала кај младиот македонски емигрант и тој завршил универзитет во Индијана. Потоа му се посветува на новинарството и бил дел од редакциите на повеќе весници во Чикаго. Тогаш почнува и со пишување на раскази и романи. Се зборува дека неговиот роман „Ова е мојата татковина“, бил едно од омилените четива на претседателот Франклин Рузвелт. Во 1944 година се преселил во државата Вермонт и таму бил сенатор 13 години.
По војната дојде во Македонија пречекан како голем писател. Беше избран за член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија. Во 1985 повторно дојде и му беше доделена титулата „Почесен доктор по филолошки науки“ на универзитетот во Скопје. Тогаш во Друштвото на писателите на Македонија е формирана фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“.
По повод доделувањето на титулата „Почесен доктор на филолошките науки“, Стојан Христов рече: „Македонската тема што доминираше во моите литературни дела, ги заинтересира и другите уредници, така што веднаш се најдов на добар пат. Пишував на англиски, затоа што немав услови да пишувам на мојот мајчин јазик. Станав Американец. Америка ми стана втора татковина, но не можев да ја напуштам мојата Македонија, мојата прва мајка“. Доживеа длабока старост, умре на 98 години, во 1996 година во Вермонт.
Еве што напиша Валтер Литлфилд во „Њујорк тајмс“ за неговиот прв роман „Херои и убијци“.
5 мај 1935За слободата на МакедонијаСтојан Христов пишува многу подробно за крвавите манифестации на еден народ чија солидарност е толку основна, толку истрајна, што 2.000 години не ја избришаа и покрај честите етнички метаморфози; народ чија застарена идеја за слобода и патриотизам толку чудно е во спротивност со инструментите на смртта кои се користат за да се одржи, така што името на нивната прекрасна држава станува само географски израз, како некогаш во минатото, и преполни гробишта на згаснати договори во светот.
Таа земја е на Балканскиот Полуостров и голема речиси како државата Мејн. Уште откако беше колепка на моќно царство наречено според неа пред 22 века, таа беше позната како Македонија. Со распаѓањето на тоа царство, го загуби својот политички ентитет и никогаш повторно не го стекна, па беше провинција на римското, византиското и две бугарски царства, на старото кралство на Србија, а потоа и конечно боиште на Турците во Европа. Со Договорот од Букурешт во 1913 година, половината од неа и’ беше дадена на Грција, три осмини на Србија и една осмина на Бугарија.
Иако етничкото мнозинство тогаш беа Бугари, и немаше Срби во Македонија, Бугарија го доби својот минимум бидејќи нејзините војски во Првата балканска војна го загрозуваа Константинопол, кој големите сили не сакаа да го поседува, и бидејќи, на крајот од Втората, Србија и Грција успеаја да ги убедат силите дека Бугарија е одговорна за тоа. Со миров..Последното продолжение од овој фељтон е рецензијата што „Њујорк тајмс“ ја напиша за првиот роман на познатиот американски писател од ма