Хоби на македонските министри – Кој е музичар, филозоф, спортист…

Прес-конференции, изјави, брифинзи, состаноци, средби… Со професионалните ангажмани на македонските министри јавноста е добро запознаена. Но, малку се знае што прават тие во своето слободно време и со какво хоби се занимаваат.
„Утрински весник“ се обиде да открие како ги пополнуваат часовите од денот нашите министри кога немаат работен ангажман. Иако прашањата биле поставени до сите министри, само дел од нив се согласиле да одговорат.
Познато е дека Никола Тодоров, министер за здравство, практикува џиу-џитца, бразилска боречка вештина, но од Министерството не добивме повеќе детални објаснувања околу ова хоби на Тодоров. Исто така, познато е дека министерот за надворешни работи, Никола Поповски, од мали нозе е голем љубител на авиони и дека имал желба кога ќе биде возрасен да стане пилот. Од Министерството за економија, пак, ни одговорија дека министерот Ваљон Сараќини нема што да ни каже, немал хоби, бидејќи немал воопшто слободно време. За останатите министри од кои не добивме одговор, темата моето хоби, или не беше доволно привлечна или тие навистина немаа слободно време да одговорат.
Веле Самак, министер за странски инвестиции

Книги и маратон
„Слободното време најчесто го поминувам со семејството, со пријателите, во читање книги и во спортување. Читањето ми е навика од факултет и постојано, покрај различни вести и информации, читам книги за актуелни теми“, вели Самак.
Тој додава дека го сака спортот и настојува редовно да биде активен, при што претпочита трчање и возење сноуборд. „Досега имам истрчано 7 полумаратони“, изјавува тој. Во последно време, како што посочува, полека се враќа кон фотографиите, што е едно од неговите поомилените хоби и вели: „Тоа ми е и креативен излез од секојдневните предизвици“.
Спиро Ристовски, министер за образование, наука и култура

Гитарата – страст од младоста
Уште од млади години министерот Ристовски е голем љубител на акустична гитара, инструмент со која се дружи до ден денеска во секој слободен момент. „Во помладите години на разни дружења и седенки со своето свирење бев ’главен‘ забавувач на друштво. Тоа е моето хоби и денеска, и секогаш кога наоѓам време, се релаксирам со звуците на гитарата. Посебно сум љубител на рок-музиката, домашна или странска, сеедно“, вели Ристовски.

 
Блерим БеЏети – министер за правда

Пешачење покрај вода
Иако неговото секојдневје е полно со работни обврски, Беџети вели дека секој слободен момент го користи за прошетки покрај вода. „Тоа го правам уште од дете и се надевам дека ќе продолжам да го практикувам и понатаму. Секогаш кога ќе зграбам слободен момент, јас пешачам покрај вода. Тоа ме смирува и ме релаксира, а пешачењето го крепи телото. Но, водата има и филозофска нишка. Како што рекол Леонардо да Винчи: ’Во реката, водата што ја допираш е последното што има поминато и првото што доаѓа – исто како сегашноста’“, вели Беџети. Тој додава и дека секогаш кога е тоа можно во своето слободно време со пријателите игра фудбал или следи фудбалски натпревари.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи

Љубител на многу спортови
Министерката Јанкулоска во слободно време се релаксира со повеќе работи. Покрај читањето книги, љубител е на многу спортови и сака да ги следи спортските настани. Рекреативно спортува повеќе различни спортови, во зависност од сезоната, временските услови и времето што го има на располагање.
„Навиката да спортувам е уште од раните детски години и досега не ми поминал меракот. Спортувањето ме релаксира и ми ја обновува енергијата“, вели Јанкуловска.

 
Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација

Од три години на скии
„Сакам повеќе спортски дисциплини, но скијањето секогаш го ставам на прво место. Секако, кога имам можност за тоа и слободно време. Сакам да скијам уште од раното детство. Кога првпат застанав на скии на Пелистер, имав само три години. Оттогаш, тоа е моето најголемо спортско хоби, а рекреативно во текот на целата година играм фудбал. Најчесто со моите пријатели, соработници и сите оние кои го сакаат фудбалот“, вели Ивановски. Покрај тоа, како што додава тој, го сака и читањето. „Бидејќи често патувам, секогаш за време на патувањето сакам да прочитам некоја добра книга. Би ја издвоил биографијата за Андреј Мејер ’Финансиер‘“, вели Ивановски.
Диме Спасов, министер за труд и социјална политика

Фудбалот на прво место
Спортува во секој слободен момент, а од мали нозе тренирал повеќе спортови. „Прво карате – 4 години, потоа кошарка, една година и на крај фудбал – 5 години. Престанав со тренинзи во средно училиште. Сега најчесто играм фудбал, еднаш до четири пати месечно, зависно од обврските, и секогаш играм одбрана“, изјавува тој. При тоа, како што вели, посебен предизвик му е спречениот напад на противникот и одземените топки, блокираните удари… „Брзите реакции ги чувствувам како придонес во победата. Сакам победа, а поразите ги прифаќам и ценам дека од нив се учат грешките и пропустите што придонесува да се подобриме и следниот пат да победиме“, вели Спасов. Тој посочува дека сака одвреме-навреме да трча покрај кејот на Вардар или, пак, да вежба фитнес.
„Спортувањето ми помага да се ослободам од стресот и од негативната енергија и следниот работен ден да го почнам со позитивна мисла и енергија, но и да го одржам здравјето и здравиот живот“, објаснува Спасов.
Извор: УтринскиНо, малку се знае што прават тие во своето слободно време и со какво хоби се занимаваат.

Пронајдете не на следниве мрежи: