INFOMAX.MK

Тоа што нам во Македонија ни се случува претставува еклатантен пример за национален мазохизам. Сите ние колективно дозволуваме Мицкоски да не малтретира, да не гњави или што би рекле, кај нашиот северен сосед, да не мрцвари до бескрај. И никој да му каже: „Аман човеку доста е, дај земи нешто конкретно сработи“. Се запнал на сите страни Бугари па Бугари, те ги има толку, те ги има онолку. Се прашувам, дали тој лично оди низ Македонија и секој наш сограѓанин го прашува за неговото народносно чувство или можеби им зема крв на луѓето за да утврди од каква генетика се по потекло. Шета Мицкоски низ светот и не малтретира со агресивна пропаганда преполна со лаги. Час ни се претставува како скромен патник во локален воз во Австрија, час го гледаме во скапа облека „Зенја“ или со часовник од незнам колку илјади евра. Очекувам наскоро да го видам и со мотика в раце или на налани да оди на тутун, потполна шизофренија и национален мазохизам. Не е јасно дали шизофренијата е кај него, кај неговите пропагандисти или кај сите нас колективно? Сепак, тоа е веќе прашање за сериозен ангажман на специјализирани институции и тимови – конзилиуми.

Упорните лаги дека во ЕУ имале симпатии за предлогот на Мицкоски „уставни промени со одложено дејство“, е всушност истата формула на јавна пропаганда, лажење и курчење според која Вучиќ ги лаже граѓаните на Србија дека некои држави го повлекуваат признавањето на Косово, обидувајќи се да им покаже колку е успешна неговата дипломатија. Е па вака сега, за едноставно објаснување и на оние мои сопартијци и сограѓани од македонската нација кои паѓаат на овие проѕирни лаги.  Мицкоски најдиректно и најбезобразно ги лаже сите и секаде. Тоа повеќе не се манипулации, тоа се директни лаги. Најбезобразни лаги со долгорочни последици врз Македонија и македонскиот народ, но и врз опстанокот на македонската нација. Всушност нема никакви симпатии за предлозите на Мицкоски, нема ниту кај нашите партнери во ЕУ, ниту кај нашите стратешки партнери. Сите тоа јасно и гласно му го кажаа и колку и еуфеминистички да го пренесоа некои медиуми во Македонија, тоа многу добро го разбра Мицкоски, но работата е како да се купи време и со разни лаги и кон македонските граѓани и кон ЕУ и САД да се избегнат или барем за четири години да се одложат уставните измени, односно да го истера барем овој мандат Мицкоски. Тоа му се дадени насоки од неговите ментори (финансиери) и тој мора да ги исполни и спроведе, но воедно и самиот нема храброст да донесе и спроведе одлуки. Во тој контекст дури и стативата, пардон Муцунски со Ричард Гир, пардон Муртезани, се обидуваат во дует да испратат очајнички повик за спас до било кого во Бугарија или ЕУ. Тој крик за политичко спасување и фрлање гума за спасување на Мицкоски е втемелен на барањето до бугарската страна барем формално да даде некаква изјава дека повеќе нема да има барања од Македонија. За една таква изјава би се фатил Мицкоски за да објаснува дека ќе донесе уставни измени со одложено дејство. Всушност тоа му е насушно потребно за внатрешна политичка употреба и лично политичко-лукративно преживување откако на избори настапи со реториката: „нема прифаќање на  бугарски диктат“ и постојано повторувајќи дека се работи за билатерален проблем манипулирајќи со македонските граѓани, а всушност се работи за Европски договор како преговарачка рамка. Ги замолувам разумните политичари во Бугарија да излезат со една изјава и да му „ветат“ на Мицкоски дека Бугарија нема да има повеќе никакви барања од Македонија на нашиот преговарачки пат кон ЕУ. Направете го тоа Ве замолуваме за да може да ги продолжиме преговорите и да ги видиме пред се реформските и демократските капацитети на Мицкоски.

Многу бледа и приземна излезна стратегија кон која свој придонес се обидува да му даде Орбан низ упорното настојување да се сретнат Мицкоски и Радев во Будимпешта на 7-ми Ноември. Очекувам да се обидат да го убедат Радев да даде некаква си двосмислена изјава за која Мицкоски ќе се фати како „пијан за стап“ и да ни го продава како невиден дипломатски успех. Затоа како внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ и бараме јавна изјава од релевантни и разумни бугарски политичари со цел да ги избегнеме игрите на Радев, Орбан и Мицкоски со кои на Мицкоски ќе му се фрли гума за политичко спасување како што впрочем Јотова потпретседателот на Бугарија го направи два пати во период од една година.

Отпатува Мицкоски во Салцбург на некаква си конференција „Европски самит“ на кој само тој беше на ранг на премиер и Сијарто на ранг на министер за надворешни работи. На умните и оние што гледаат и слушаат не им треба повеќе да разберат за каква организирана и планирана пропагандна и лажлива активност се работи. Впрочем, ниту еден од таму присутните евро бирократи нема никаква одлучувачка моќ или влијание врз донесувањето на одлуки во ЕУ за да Мицкоски лобира промена на Европскиот договор. Тој само пред македонските граѓани за наши пари се прошета до Австрија и си направи личен ПР преку божемен сарказам а за потребите од лична пропаганда и миење мозоци на граѓаните. Секако, го искористи своето обраќање и за бедна манипулација со бројки и весела математика за тоа колку македонски граѓани се изјасниле како Бугари иако за тоа постојат официјални пописни податоци јавно достапни. Но, толку е дадено, а кога е во прашање манипулацијата, курчењето а уште и личниот ПР тогаш само небото е граница.

Во тој пропаганден наратив е и поставувањето на новиот директор на АНБ. Се исплетоа разни приказни околу неговото образование, па дали е член на нашата партија и ако не е од кога не е, па по задача се пласираа информации за политичкиот прогон врз него во времето на копуците од СДС, и се така за се и сешто да се зборува. Не се постави најважното прашање, а тоа е: „Дали стариот директор е сменет според закон и дали новиот директор е поставен на функцијата според закон“? Тоа е основата, алфа и омега, на целата оваа папазјанија со која можеше да се забавуваат македонските граѓани десетина дена, но тоа и е целта на пропагандната машинерија, да се зборува за мнооогу неважни теми но никако за суштинските. А директорот јаден само што седна на столчето прво интервју и опаа за КОД, треба да се подобрат односите со Телма инаку ќе биде опасно по политичкото здравје на Мицкоски. Потоа следуваше и интервју кај Попетрески и види чудо му ги напишале одговорите на прашањата на ливчиња, а тој не може да го пронајде одговорот, каков срам за новинарството, онаа слободното. Но, директорчето како што го дал Господ, а и оној што го подготвувал се фати како пијан за стап за полиграфот и всушност најави дека ќе воведе задолжителен полиграф за сите вработени. Што тоа значи? Покрај јавно курчење за пропагандни цели, навистина што значи? Тоа нека му мислат вработените во АНБ и нека собираат храброст самите јавно да кажат, доколку има каде да ја соберат храброста а тоа да не е пропаднатото и растурено СДС.

Слушајќи го говорот на Мицкоски по повод 23-ти октомври, испадна дека ние останатите Македонци заборавивме од каде сме, кои сме и што сме. Ова е токму спротивно од тоа што Мицкоски го зборува. Ова е вовед во делење на граѓаните а не пат кон единство, бидејќи доколку некој е свесен, а другиот не е тоа што е првиот, односно се чувствува различен, дали тој, вториот не припаѓа кон оние свесните припадници на македонската нација. Веројатно во суптиланата порака на Мицкоски овие наши сограѓани или секој кој се спротивставува на политиките на Мицкоски треба да ги доживееме како непријатели на македонскиот народ и Македонија. Повикува на единство а во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ги маргинализира сите кои не се согласуваат со неговите квази политики. Не постои дискусија во партијата а не пак со оваа никаква опозиција, па уште и за стратешки прашања за Македонија.  Повторно пропаганда и личен ПР со силна доза ароганција – курчење дека тој е Месијата за да ја спаси Македонија. Само не разбрав во кое море ќе не носи откако ќе не спаси од самите себеси.

Страшно е тоа што Мицкоски се обидува својата неспособност да ја префрли врз сите нас како наш избор, а при тоа главни виновници да бидат оние кои „создаваат неединство“ или некосји, едикојси. Ова е веќе виден модел од времето на Хитлер, а поблагата „демократска“ верзија е видлива во соседна Србија и секако во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Токму за ова ви зборував кога велев дека Мицкоски нема храброст за преземање одлуки и одговорност за нивно донесувње.

И ете ја пак улогата на пропагандата и пропагандистите.  Поентата на наметнување на тези по кој јавноста, внатрепартиските структури, опозицијата, медиумите и сите во државата ќе се занимаваат, наместо да му поставуваат директни прашања и да бараат конкретни одговори и дела за теми и прашања кои се од интерес на граѓаните, на Македонија. Едноставно пропагандната машинерија околу Мицкоски ќе смисли некоја ПР финта и ќе ја пласира во јавноста, а потоа сите ќе започнат со трчање и претркување во толкувањето и коментарите зошто, како, со која намера Мицкоски го направил тоа. Мојата констатација е дека во Македонија сите треба да престанат да се фаќаат на глупостите кои ги прави Мицкоски заради пропагандна поддршка на своите погрешни политики и да започнат токму со директни прашање и тоа токму до Мицкоски. Еве на пример за почеток, Мицкоски јавно во детали да каже што тоа му кажа фон дер Лајен кога му го презентираше планот за развој на ЕУ. Секако, замолувам Мицкоски да не ја користи посетата на Урсула фон дер Лајен за продавање на квази патриотизам во енормни дози наменети за нашите сопартијци и заблудените граѓани на Македонија. Впрочем на прес конференцијата фон дер Лајен јасно кажа дека се тука да помогнат избегнувајќи да се фати во замката на прашањата нарачани од Мицкоски, а во исто време јасно кажа дека владата (владата на Мицкоски во овој случај) има јасна обврска да почитува меѓународен договор, односно Европскиот договор произлезен од Францускиот предлог. Дури и надвор од дипломатскиот речник фон дер Лајен ги даде гаранциите. Тоа што Мицкоски сакаше да крикне дека му треба сламка за личен и политички спас која никој не сака директно да му ја даде затоа што не му веруваат е негов личен проблем кој сепак имплицира национален проблем. Можно е Мицкоски да се разболи наскоро, а тоа нема да ме изненади, дури и да се обиде да ја реконструира владата а да купи малку време, нема време. Но пред тоа јавно барам од него да одговори на оваа едноставно прашање во врска со разговорот со Урсула фон дер Лајен.

Политичко-пропагандната матрица е иста како и кај Вучиќ. Впрочем, одамна кажав и тоа јавно дека Мицкоски ќе биде мали Вучиќ. Прашањето е: „Дали ние ќе бидеме мали Срби“?

Во целото ова лудило кон кое не воведува пропагандата, лагите, манипулациите и курчењето на Мицкоски, создавајќи состојба на потполна збунетост, апатија и разочараност кај македонските граѓани се придружува онака ќе речете незабележливо и Силјановска – Давкова. Затоа јас јавно ќе ја прашам: Зошто од комисијата за помилување не побара да бидат помилувани лица кои се осудени за сторени помали кривични дела или кривични дела сторени од небрежност? Зошто не се амнестираа оние јадниците од 27-ми април, а за кои ви реков дека нема да мрдне со мал прст ниту Силјановска а уште помалку Мицкоски. И додека се уверите во ова што ви го пишувам, пропагандната машинерија на Мицкоски одлучи Силјановска јавно да се прави недоветна дека не знаела кого амнестира. И да е така, треба според здравиот разум да се запрашаме зошто како претседател на Македонија дозволила да биде доведена во заблуда и зошто кога под притисок на реакциите во јавноста сега не презема мерки за разрешување на комисијата и поништување на одлуката за помилување. Може да заклучам според нејзиното однесување во јавноста и најочигледно самопонижување дека Силјановска е под директна закана дека ќе и биде направен импичмент. Мислам дека Силјановска допрва сега сфаќа во што влегла и дека е во состојба според онаа изреката: „дала баба денар да се фати на орото, но два денари за да се пушти“. Сепак не може безболно без импичмент ниту со три денари да се пушти од орото на Мицкоски и неговите финансиери. Посебно затоа што пропагандната машинерија на Мицкоски целата негативна енергија на јавноста низ своите ботови и фарми на тролови ќе ја насочи против неа, и на тој начин ќе ја направи уште по немоќна и зависна од милоста и политикантството на Мицкоски. Може Силјановска да се пушти од орото и без да плати три денари и ние како внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ можеме да и помогнеме во тоа, но таа треба да го сака тоа и да го направи тоа од интерес на Македонија. Се додека смета дека треба да биде недоветна пред македонската јавност ќе си ги трпи потсмевањата на нејзина сметка.

Сепак еден совет до Мицкоски произлезен токму од некои суптилно искажани ставови во говорот по повод 23-ти октомври а поврзани со историски собитија за историското ВМРО и нивно поврзување со современите состојби во ВМРО-ДПМНЕ. Не се обидувај сега да правиш пропагандистичка тема од самиот себе и да се споредуваш со Тодор Александров, затоа што знам дека тоа ти е длабоко во потсвеста за да бидеш голем прикажувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ти си ја воздигнал од рушевини. Или како што љубиш да раскажуваш дека си наследил партија во урнатини како Сталинград, а патем ти ја наследи партијата од Груевски како Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а што укажува на многу нешта од кои факти може да се започнат многу теми и постават уште повеќе тези кои сигурно тебе нема да ти бидат во полза.

Далеку си ти од Тодор Александров и неговата парола „СЕ ЗА МАКЕДОНИЈА“ спроведена во дело за кое дело и животот поминат во аскетизам го даде. Можеби твојата свесност за тоа дека се наоѓаме пред историски клучни состојби во што како внатрепартиска фракција те убедуваме веќе подолго време сепак ќе те натера да ја придвижиш Македонија кон преговори со ЕУ и со тоа македонскиот народ и Македонија да не станат фуснота во европската историја. Се надевам дека не се работи за простачка политичка пропаганда за лажна надеж низ празен говор, преку која си поигруваш со чувствата и иднината на целиот наш македонски народ и дека ќе завршиш со малтретирањата врз сите нас внесувајќи го делот од Бугарскиот народ во Македонија во Уставот. Како и да е, нема многу време, и овој пат конечно увиде дека времето не работи за нас, за Македонија, за кое исто така многу одамна ти кажав низ зборовите на Наполеон кои ти патем не ги разбра, се надеваме дека некој или нешто па нека е тоа и твојата суета ќе те натера да ги исполниш условите за продолжување на преговорите со ЕУ. Во спротивно тоа многу бргу ќе се покаже како само уште една твоја пропагандистичка манипулација во манирот на квази патриот и божем антиципатор на иднината во која Македонија ќе се претвори во територија. Патем, пред само една недела бараше да му дадеме време на времето, а сега зборуваш за тоа дека времето не работи за нас. Многу нагли промени на наративот поради што и дополнително не ти верувам дека си искрен, но секако времето за тебе е истечено и се движи многу бргу па ќе видиме.

И секако за крај, за да нема курчење, лаги и пропаганда јавно поставувам три клучни прашања до колега Мицкоски: 1.Кој бил д-р Христо Татарчев? 2.Кој тоа како претседател го започна процесот да ја направи историската ВМРО рушевина? 3.Зошто во твојот говор никаде не го спомена Гоце Делчев?

Доколку е храбар политичар, посветен на Македонија кој го подигна ВМРО-ДПМНЕ од урнатини, а и доколку навистина е свесен дека времето не работи за нас, јавниот одговор на овие прашања без пропгандистичка заднина, лаги и курчење ќе биде полезен за сите македонски граѓани и Македонија. Секако најполезно ќе биде да ги исполни условите од Европскиот договор.

Оливер Андонов

Пронајдете не на следниве мрежи: