Според сите релевантни показатели кои се однесуваат на досега сработеното, на реализираните проекти и конкретните активности преземени од страна на Општина Ресен во насока на подигнување на нивото на квалитетот на живеењето на граѓаните на Преспа, годинава што изминува слободно може да се окарактеризира како година на реализација на исклучително значајни проектни зафати во речиси сите сегменти на општественото живеење.На оваа тема, како и за програмските задачи кои се планирани за исполнување во наредната година, разговараме со Градоначалникот на Општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски.
PrespaInfo: Г-дин Стрезовски, кои проектни активности од оние кои ги реализиравте во тековнава 2016-та година би ги издвоиле како најзначајни?
Стрезовски: Навистина, според сето она што беше сработено, според квантумот и значењето на реализираните проектни зафати во Преспа, 2016-та, слободно може да се оцени како исклучително успешна. И во текот на оваа година, императивот – посветено и одговорно да се решаваат виталните проблеми на граѓаните во нашата општина, а со цел максимално подобрување на квалитетот на нивното живеење, остана на пиедесталот на нашите залагања и приоритети. Со реализацијата на огромниот број проектни активности, годинава заокруживме еден значаен четиригодишен инвестициски циклус, започнат уште во 2013 година, а кој слободно можам да го окарактеризирам како врвен и недоживеан на овие наши преспански простори последниве неколку децении.
Само во текот на оваа година, во Преспа се реализирани или се при крај на реализација два капитални, би рекол историски проекти за нашата општина. Најзначајниот, секако, е проектот за реконструкција на системот за водоснабдување во Ресен, еден од најстарите водоснабдителни системи во државава. Со замената на старите, дотраени и здравсвено штетни азбестни цевки, по конечната реализација на проектот, се очекува не само користење чиста и здрава вода за пиење, туку и сериозно намалување на губитоците на вода со кои се соочувавме целиот изминат период, како и елиминирање на честите дефекти кои беа резултат на дотраеноста на системот. Пред извесен период се финишира со реконструкцијата на првата фаза од примарната мрежа и со санирање на оштетувањата на улуците низ кои минува системот, а во моментов се работи на довршување на секундарните приклучоци до границите на сопственост на корисниците. Пролетва очекуваме да започне втората фаза од проектот, со реконструкција на водоводната мрежа на уште неколку главни улици во градот, со што целосно ќе биде решен деценискиот проблем со водоснабдувањето во Ресен. Проектот го реализираме со средства од Европската инвестициона банка, а реконструкцијата на секундарната мрежа финансиски е поддржана од швајцарската агенција за поддршка и развој и УНДП, во рамките на реализацијата на мега-проектот за заштита на Преспанското езеро. Целосниот износ на проектот е околу 800.000 евра.
Кога станува збор за проектите во областа на водоснабдувањето, интересно е да се напомене и податокот дека годинава реализиравме уште неколку мини-зафати на овој план. Имено, со финансиска поддршка на УНДП, во рамките на реализацијата на неколкуте мали инфраструктурни проекти, беа извршени значајни зафати на водоснабдителниот систем во населбите „Славејко Арсов“ и „Преспанска“, како и на горните делови на Јанковец, со кои целосно е симнат од дневен ред проблемот со водоснабдувањето на овие високи делови на градот, а во текот на наредната година истото се очекува да се направи и во населбата „Пролет“. Со сето наведено, процесот на квалитетно водоснабдување во Ресен би бил целосно заокружен.
На планот на интервенирање на водоснабителните системи, годинава ги реализиравме и проектите за подобрување на водоснабдувањето во селата Наколец и Долно Дупени.
PrespaInfo: Проектот за целосна реконструкција, модернизација и надградба на системот за улично осветлување во Општина Ресен е уште еден од проектните зафати од капитален карактер, реализиран во текот на годинава.
Стрезовски: Токму така, по минатогодишните административно-технички подготовки и изборот на турската компанија „Џемдаг“ од Измир за приватен партнер во процесот на воспоставување јавно приватно партнерство, кон средината на годинава успеавме целосно да го реализираме и овој грандиозен зафат, со замена на сите 2.500 живини и натриумови светилки со нови и современи лед-диоди. Со тоа, Општина Ресен доби најмодерно и најфункционално улично осветлување, според сите современи европски и светски стандарди, како ретко која општина во Република Македонија. Вредноста на целокупниот проект изнесува околу 1,5 милиони евра, а средствата во наредниот петнаесетгодишен циклус ќе се обезбедуваат од општинскиот буџет.
На планот на осветлувањето, годинава реализиравме уште неколку значајни проекти: целосното современо канделабриско осветлување на сообраќајните јазли кај туристичките населби Претор и Крани, како и во Царев Двор. Со ваквите зафати, кои Општина Ресен ги реализира со финансиска поддршка на Јавното претпријатие за државни патишта и во износ од околу 5 милиони денари, се заокружи процесот на канделабриско опремување и осветлување на сите сообраќајни јазли во Преспа, според што нашата општина е единствена во државава.
PrespaInfo: Локалната самоуправа моше активна беше и во областа на патната инфраструктура. Што би издвоиле?
Стрезовски: И на овој план годинава успеавме да реализираме голем број проекти, од кои дел имаат и капитално значење за граѓаните на нашата општина. Во центарот на Ресен се изврши целосна реконструкција на една од најфреквентните градски пешачки улици – „Мите Богоевски“, со комплетно партерно уредување, поставување улични канделабри, клупи за седење, корпи за отпад, цветни жардињери, а како дел од тој проект беше изграден и паркиг за возила на просторот зад зградата на Фондот за здравствено осигурување. Средствата за проектот во износ од околу 5,5 милиони денари целосно ги обезбеди Општина Ресен од сопствениот буџет.
На почетокот на годинава беше целосно реконструиран локалниот патен правец кон село Лева река, со средства обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој во вредност од 7,3 милиони денари; се изврши изградба на пет улични системи во Долно Дупени во вредност од околу 4 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет; се изградија или реконструираа поголем број локални патишта и улици во Ресен, Јанковец, Сопотско и ГорноДупени, исто така со средства од општинскиот буџет, а во вкупна вредност од околу 4 милиони денари. Истовремено, како дел од четиригодишниот процес на изградба на тротоари во Ресен, и годинава се изградија дополнителни 2.500 метри квадратни тротоарски површини.
PrespaInfo: Кога сме кај патната инфраструктура, да ја споменеме и реконструкцијата на магистралниот пат Битола-Ресен-Буково. До каде се градежно-изведбените работи на тој патен правец?
Стрезовски: Неопходноста од реконструкција на патниот правец Битола-Ресен-Буково има повеќе димензии: безбедносна, функционална, во контекст на туристичкиот развој на Преспа итн. Пред извесен период се целосно завршени градежните зафати на делницата Ресен-Буково и таа е веќе ставена во употреба. Во моментов се работи на довршување на делницата Макази-Ѓавато, а со оглед на тоа што делницата Битола-Ротино е веќе завршена и ставена во употреба, се очекува пролетва да се реконструира уште делницата Ротино-Ѓавато, со што овој навистина капитален проект за Преспа, вреден околу 7 милиони евра и финансиски поддржан од Владата на Република Македонија и Јавното претпријатие за државни патишта, ќе биде комплетно завршен и ставен во употреба.
PrespaInfo: Кои се‘ активности беа преземени во областа на комуналната инфраструктура?
Стрезовски: Во текот на 2016 година започнавме со реализација или веќе реализиравме низа амбициозни проекти од комуналната сфера. Со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија, годинава започнавме со реализација на проектот за реконструкција на водоводот во село Сливница. Проектот вреден околу 3,5 милиони денари е во завршна фаза и се очекува негово ставање во употреба уште на почетокот на пролетта.
На овој план, годинава започнавме и изградба на систем за одведување на фекалните отпадни води во село Дрмени, еден навистина крупен зафат, каде се очекува завршување на примарната мрежа за многу кусо време. Проектот е вреден 15 милиони денари, а финансиски е поддржан од Владата на Република Македонија.
Во текот на годинава исто така, презедовме и неколку мали инфраструктурни зафати за подобрување на системите за изнесување на отпадните води во неколку градски населби, а успеавме да изработиме техничка документација за уште десетина системи за фекални отпадни води во руралните населби каде такви не постојат. Во овој дел би го сместил и проектот за надградба на секундарната мрежа за наводнување во селата Крани и Арвати, реализиран со финансиска поддршка на УНДП.
PrespaInfo: 2016-та беше и година на значајни зафати во областа на туризмот. Ќе продолжи ли тој тренд?
Стрезовски: Изградбата на двете најсовремени и најдобро уредени плажи не само во државни рамки, туку и пошироко, во туристичките локалитети Стење и Сливница, претставуваат силен импулс за развојот на туризмот во Преспа, кој некогаш беше една од носечките стопански гранки во општинава. Сериозно збогатување на туристичката понуда на Преспа и магнет за огромен број туристи кои летово ја посетија Преспа. Сето тоа и како значаен стимул за голем број граѓани кои живеат во крајезерските населби и кои веќе пројавуваат интерес за вложување во сместувачки капацитети во приватниот сектор. Изградбата на двете плажи ја чинеше Владата на Република Македонија над 77 милиони денари, а реално е очекувањето дека во наредниот период ќе се изградат уште 1.400 метри нови плажи во останатите туристички населби во Преспа.
Туристичката понуда на Преспа секако, ќе биде значително збогатена и со изградбата на пешачко-велосипедските патеки на потегот Претор-Сливница-Крани, како и во Стење, како извонредна атракција за се поголемиот број туристи и посетители на преспанското крајбрежје. Проектот вреден 53 милиони денари е финансиски поддржан од Владата на Република Македонија. Се очекува, градежно-изведбените работи на двете патеки да завршат до почетокот на идната туристичка сезона.
PrespaInfo: Со кои проекти сметате дека го подобривте спортско-рекреативниот и културен живот на Преспанчани?
Стрезовски: Споменав дека наш императив и врвен приоритет е реализацијата на проекти кои би ги подигнале стандардите и животот на преспанчани би го направиле поквалитетен, но истовреено и посодржаен и позабавен. Годинава реализиравме поголем број проекти од таков вид: шеталиштето покрај уредениот кеј и речното корито во Царев Двор, проект вреден околу 10 милиони денари; изградбата на излетничко-спортско-рекреативниот комплекс „Починалиште“ во Ресен, вреден околу 4 милиони денари, во чиј состав е изградена и фитнес-зоната на отворено, вредна 2 милиони денари итн.
Во овој дел би ги потенцирал и исклучително значајните проекти од областа на културата и социјалната сфера кои годинава се реализирани во нашата општина: изградбата и ставањето во употреба на Спомен-куќата – Музејот на Татарчеви, како значаен културно-историски споменик, изграден во чест на првиот претседател и предводник на Македонската револуционерна организација, д-р Христо Татарчев, а кој истовремено дополнително ќе ја збогати туристичката понуда на Преспа; како и довршувањето и ставањето во употреба на зградата за лица со низок социјален статус во Ресен.
PrespaInfo: Останува ли Општина Ресен лидер во Република Македонија според активностите и проектите реализирани на планот на заштитата на животната средина?
Стрезовски: Не случајно нашата општина го носи тој епитет. Сосема заслужено, од причини што изминативе години реализиравме огромен број проекти од областа на заштитата и зачувувањето на животната средина, главно како дел од мега-проектот за заштита на Преспанското езеро. Изградбата на Мониторинг-центарот со современа лабораторија и еко-брод во Стење; изградбата на компостарата како капацитет за преработка на органскиот отпад и производство на органско ѓубриво; изградбата на поголем број системи за фекална канализација и пречистителни станици; воведувањето агро-еколошки мерки во овоштарството; поставувањето агро-метеоролошки станици во Преспа; изградбата и функционирањето на опитно-демонстративниот насад; ставањето во функција на ренџерската служба и грижата и зачувувањето на Паркот на природата во Езерани; реконструираните објекти и претворање во енергетски ефикасни објекти; многубројните грантови на овоштарите во функција на современ агро-еколошки пристап во овоштарството; изградбата на пунктови за отпад од пестициди; многубројните мали комунални инфраструктурни зафати… се само дел од мерките и активностите реализирани од страна на Општина Ресен во изминатиов четиригодишен период на планот на екологијата и подигањето на еколошката свест кај граѓаните. Во тек се изведбените работи од проектот за реставрација на блатните системи во Паркот на природата во Езерани, вреден над 10 милиони денари, а неодамна беше реализиран и проектот за поставување туристичка сигнализација во паркот, вреден околу 3 милиони денари. Сето тоа како потврда дека Општина Ресен останува максимално посветена на зачувувањето чиста и здрава животна средина, наспроти бројните предизвици со кои се соочуваме денес.
PrespaInfo: Што е она што треба да го очекуваме во наредниот период?
Стрезовски: И натаму наш приоритет ќе биде вложување и инвестирање во сите сфери на општественото живеење, како на планот на патната и комуналната инфраструктура, така и во областа на туризмот, заштитата на животната средина, културата, спортот итн.
За наредниот период планирани се бројни проектни зафати од ваков вид: изградба на заобиколница околу градот Ресен; изградба на локални патишта и улици во општината во должина од околу 5 км; реконструкција на главните улици во Ресен; изградба на нов блок во ЈУ Детска Градинка „11 Септември“, канделабриско осветлување на влез во Јанковец од правец на Охрид; изградба на системи за фекални канализации во Стење, Перово, Грнчари, Подмочани и Јанковец; изградба на нов водоснабдителен систем во туристичката населба Претор; изградба на нови плажи во Претор, Крани и Отешево; изградба на 10 нови детски забавни паркови во рурални населби во Општина Ресен; изградба на спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“; реконструкција на регионалниот пат Ресен- Царев Двор; реконструкција на ресенскиот сарај- Дом на култура; реконструкција на објекти за сместувачки капацитети и неколку нови инвестиции во стопанството, каде ќе се отворат нови работни места.
Нашата посветеност и одговорност кон граѓаните на Ресен и Преспа, секако, ќе бидат наша ѕвезда- водилка и при реализирањето на сето што го планираме за наредниот период.
Извор: Преспа инфоНа оваа тема, како и за програмските задачи кои се планирани за исполнување во наредната година, разговараме со Градоначалникот на Општина Рес