ИСТОРИСКА СРЕДБА: Пријателска прегратка помеѓу папата Франциск и рускиот патријарх Кирил

Патријархот и папата изразија надеж дека расколот меѓу православните и католиците во Украина ќе биде надминат врз основа на канонските норми и ги повикаа своите цркви да не поддржуваат натамошен развој на судирите во Украина.Папата Франциск и рускиот патријарх Кирил ја повикаа меѓународната заедница да ги заштити христијаните од нападите на Блискиот исток. Двајцата поглавари, исто така, повикаа на обновување на христијанското единство, пренесува Танјуг.
– Во многу земји од Блискиот исток и Северна Африка цели семејства, села и градови со наши сестри и браќа христијани се целосно истребени и уништени – се наведува во заедничката декларација по синоќашната историска средба во Хавана.
– Нивните цркви се варварски опустошени и ограбени, споменици уништени, реликвии изложени на светогрдие – се наведува во декларацијата, говорејќи за нападите кои ги врши Исламска држава.
– Се надеваме дека нашиот состанок ќе придонесе за повторно воспоставување на единството како што сака Господ – се наведуваа во декларацијата поглаварите по првата средба на ова ниво по речиси илјада години од расколот меѓу двете цркви.
Како што пренесува ТАСС, папата по средбата изјавил дека во нивниот дијалог се чувствувало присуството на Светиот дух.
– Разговаравме како браќа, бидејќи имаме иста вера и трагаме по истиот пат. Разговаравме многу искрено и отворено. Ве уверувам дека во тој дијалог го почувствував присуството на Светиот дух, изјави папата по средбата.
Патријархот и папата изразија надеж дека расколот меѓу православните и католиците во Украина ќе биде надминат врз основа на канонските норми и ги повикаа своите цркви да не поддржуваат натамошен развој на судирите во Украина.
– Православната и католичката црква мора активно да работат заедно, изјави патријарјхот Мосовски и серуски после средбата.
– Минавме два часа во отворена, братска дискусија, со целосно разбирање на одговорноста за своите цркви, за своите верници, за иднината на христијанството и за иднината на цивилизацијата. Тоа беше многу содржаен разговор, кој ни помогна меѓусебно да се разбереме, изјави патријархот Кирил.
Рускиот патријарх Кирил и папата Франциско се сретнаа синоќа во Хавана, што е прва средба на поглавари на двете цркви од расколот во 1054 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: