Одлуката на претседателот на државата за општа аболиција минатата недела беше дочекана на нож од сите страни – и од јавноста и од политичките партии. Политичарите глумеа незадоволство и го искористија моментот за политичко профитирање, а граѓаните, поведени од емоциите, ја примија како крајно неприфатлива. Сепак, ако се направи анализа на случувањата што следуваа во периодот по неговата одлука и ако на сето тоа се додадат одредени информации со политички и со безбедносен контекст до кои дојде „Република“, може да се заклучи дека Иванов, всушност, се решил да донесе една ризична, но храбра одлука, сè со цел да помати одредени мрачни сценаријаКрајно нелогично, но сепак реално е дека првиот политичар што потврди дека одлуката на Иванов е исправна е истиот тој што најмногу ја злоупотреби. Лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој по аболицијата веднаш ги повика своите приврзаници и платениците од некои соседни држави да кршат и да напаѓаат полицајци, е првиот што експлицитно ја потврди исправноста на одлуката на претседателот на државата.
Во интервју за турската новинска агенција „Анадолија“ Заев во негов стил, практично, призна дека Специјалното јавно обвинителство води истраги само по негови пријави, кои претседателот Иванов ги прекинал! Заев со тоа го потврди најсилниот аргумент на Иванов за аболицијата, да се спречи злоупотреба на СЈО пред изборите.
– Со таа аболиција се уништени многу значајни предмети. Беа отворени 35 -36 истраги за кои опозицијата поднесе пријави. Се надевам дека СЈО ќе продолжи да работи, без разлика дали станува збор за лица од власта или од опозицијата. Правдата треба да биде еднаква за секого – смета Заев, кој признавајќи дека СЈО ги следи само пријавите на СДСМ потврди дека пред изборите ќе се врши прогон само кон ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што во истото интервју Заев најавува објавување на нови бомби за кои претходно тврдеше дека му се предадени на СЈО е само уште една потврда за неговата политичка агенда во која, без разлика на одлуката на Иванов, изборите не беа избор. Тој најмалку трипати на своите прес-конференции и јавни говори изјави дека планира бојкот на изборите. Соочени со пораз, Заев и неговите партнерски организации финансирани од Сорос најавуваа бојкот пред одлуката на Иванов и пред средбата во Виена, која Заев ја отфрли поставувајќи нелогични предуслови.
Всушност, одлуката на Иванов нема никаква врска со однесувањето на Заев, кој постојано тврдеше дека изборите зависат од два фактора: ДИК и медиумите. И покрај тоа што ДИК се изјасни дека има услови за избори, а медиумите се регулирани со закон што има европска ѕвездичка, јасно е дека и без аболицијата и со неа Заев ќе продолжеше со своето уништувачко сценарио.
Во овој контекст интересно е да се анализира и како Заев ги донесува своите политички потези во услови кога седи во скутот на Зоран Верушевски, кој, покрај материјалите за претставници на ВМРО-ДПМНЕ, ги има и материјалите штетни за СДСМ и за самиот Заев, но и кога е во тесни врски со криминални структури со кои однапред договара бизнис ако некогаш дојде на власт. Во колку други скутови седи Заев може да се види од тесните врски со најмалку две соседни држави за кои се зборува дека, освен што финансираат нелегални активности против македонската држава, во земјата имаат испратено свои оперативци за поддршка на луѓето на Заев. Во исто време треба да се имаат предвид и активностите на нашиот источен и јужен сосед. Бугарија (не случајно) одржа голема воена вежба, а грчки воени авиони го нарушија воздушниот простор кај Гевгелија.
Политичките причини зад одлуката на Иванов
Фактот што во моментот кога шефот на државата ја донесе одлуката за аболиција имал повеќе од 60 проценти поддршка од македонските граѓани јасно говори за тоа дека тој иако често е напаѓан од политичките противници, точно знае што е највисокиот државен интерес. Како што јасно покажува дека и овој пат одлуката, иако е дочекана на нож од голем дел од граѓаните, ја донесол во интерес на граѓаните и на државата.
Во отсуство на функционална влада претседателот Иванов беше единствениот што можеше да стори нешто и тој го направи тоа што можеше. Се обиде да направи таканаречена „промена на играта“ (Game changer) и да го смени текот на политичките процеси, кои неминовно водеа до уште посериозна криза, посилно влијание на странците во македонската политика, поранлива позиција на Македонија на меѓународен план и неминовно силен притисок за менување на уставното име. Засега неразбраната, но, во секој случај, храбра одлука на Иванов за аболиција предизвика тензии на македонските улици, но спречи дел од овие процеси, кои на крајот можат да доведат до губење на македонскиот национален идентитет.
Се разбира, дел од јавноста не може да ја види големата слика и причините за реакцијата на шефот на државата, а дел од партиите иако свесни дека таа може да донесе помирување, ги игнорираа зборовите на Иванов во кои тој ја брани својата одлука.
– Со намера да придонесам во решавањето на кризата и за релаксирање на односите и за намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и за граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последициите врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и на нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија – изјави Иванов во врска со одлуката за прекин на постапките почнати од СЈО.
Безбедносни предизвици
Шефот на државата својата одлука за аболиција ја донесе во исклучително сложени безбедносни услови во кои и северната и јужната граница беа цел на напади од различни групи, а во исто време бугарската и грчката армија ,веројатно без меѓусебна координација, трупаат војска на границата со Македонија и вршат воени вежби и прелети во граничната област.
Веројатна Иванов за донесување на одлуката се водел и од безбедносните закани, кои се многу посериозни кога земјата се наоѓа пред внатрешен судир и поради тоа се обидел со национално помирување да ја засили способноста за одбрана од безбедносни закани. Секоја логика вели дека во услови кога дури и во Министерството за внатрешни работи има двојна структура, раководена од две различни партии, за секој од надвор е полесно да ја оствари својата цел. Иванов сигурно добро ги анализирал сите ризици пред да ја донесе аболицијата.
Директна закана од Косово
Додека од грчка територија беа извршени најмалку четири добро координирани обиди за влез на 1.000 бегалци на четири различни локации, главната закана доаѓа повторно од Косово каде што со месеци се подготвуваат терористички операции во Македонија. Добро упатени извори за „Република“ тврдат дека додека бегалците долу на југ ги трошеа и деконцентрираа безбедносните служби, група од 40 терористи се обидувала да влезе на македонска територија со камион полн со оружје. Разузнавачките служби ја пресретнале информацијата по што биле преземени засилени мерки на терен, поради што изминатите денови на небото над главниот град постојано надлетуваа хеликоптери.
Македонските безбедносни служби веќе ги информирале своите колеги во сојузничките земји од ЕУ и од НАТО дека земјата се соочува со директна закана од луѓе блиски на лидерите на кумановската група. Оваа група предводена од братот на Сами Укшини, а блиска на Даут Харадинај, планирала напади на судови и на затвори, киднапирања на полициски службеници за подоцнежна размена за заробените во Куманово и урбан тероризам. Според информациите што ги добиле и косовските власти и членките на НАТО и на ЕУ, еден од термините што групата ги разгледувала за напади во Македонија е 30 март за време на судењето на заробените во Куманово. Според анализите на безбедносните служби, овој напад со акција на македонските оперативци е спречен, но групата што сега е стационирана во село на Косово на самата граница со Македонија во регионот на Танушевци сè уште претставува сериозна опасност. Групата што успеала во Македонија да внесе оружје и муниција имала за цел да ја искористи поделбата на македонската политичка сцена, која се реперкуира и на Министерството за внатрешни работи и да предизвика терористички акти со цел трајна дестаблизизација на Македонија.
И Верушевски најавуваше крваво сценарио
Според информациите од истрагата за случајот „Пуч“, кои се појавија во медиумите уште лани, Зоран Верушевски и петтоосомничениот Ѓорѓи Лазаревски во својата комуникација преку „Скајп“ зборуваат за крваво сценарио и за распад на државата.
„Ќе биде, најверојатно, граѓанска војна“, пишува Верушевски во еден од разговорите.
Црното сценарио, според него, било подготвувано подолг период, но за добро завршената работа на соработникот му ветува заштита и голема перспектива.
Каква беса дал Заев на своите исламски радикали од партијата Беса
Еден од политичките фактори што има свој интерес во разнебитувањето на Македонија во сегашната ситуација е еден од најблиските сојузници на СДСМ и на Заев. Движење Беса е формирано со една единствена цел, ширење на радикалниот ислам и на неговата салафистичка идеологија во Македонија. Беса како партија ги промовира идеите за радикален и за политички ислам во Македонија и активно работи на промоција на овие тези во земјата. Поради страв дека нема да бидат прифатени од албанскиот електорат кон кого се насочени, официјално се формираат како партија што во својата основа го има албанскиот национализам и преку кој имаат за цел да ги шират идеите за шеријатска држава на Балканот.
Во изминативе неколку години сведоци сме на обидите на радикалниот ислам да заземе поголемо влијание во светски рамки. Ваквите тенденции се финансиски и логистички потпомогнати од земји како: Катар, Кувајт и Саудиска Арабија, Турција, каде што владејачката „Партија на правдата“ на сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган има стратегија за враќање на влијанието на Турција врз земјите што некогаш биле дел од Отоманската Империја и сфера на влијание, со помош на т.н. политички ислам. За ваквата цел во Македонија со парите од арпскиот свет се отворени две ТВ-куќи ТВ „Ера“ и ТВ „Шења“. Како и по една ТВ-куќа во Тетово и во Кичево. Големи финансиски средства имаат и преку граѓанските и хуманитарни организации МАТУСЕТЕБ во Македонија и организациите ИЛКСАВ и ЕНСАР од Турција преку разграноците во Македонија и ИХХ.
За реализација на нивните планови и цели во Македонија,за ширење на радикалниот ислам формираат голем број невладини организации преку кои трансферираат милиони долари, за ширење на идеите на радикалниот ислам. Ваквите активности се дебело платени, особено од Турција. Потврда за ваквите тврдења пред неколку години дојде преку обелоденетата финансиска афера, во која учествуваа лица блиски до Реџеп Таип Ердоган, кои преку здружението УСКУП префрлиле 1,5 милион евра на сметка на Меѓународниот балкански универзитет, каде што се згрижени дел од кадрите на Беса.
Финансиската поврзаност станува повеќе од јасна кога ќе се погледне раководната структура на Беса, зад која стои Аднан Исмаили, човек што има завршено средно теолошко училиште во Приштина, а се образувал и во Џеда, Саудиска Арабија и Сараево, истиот бил и подржувач на познатото движење со терористичка матрица „Муслимански браќа” од Египет. Што говори само по себе кој е овој човек и какви тези, ставови и политика може да застапува.
Исмаили за непречено ширење на својата радикално исламска идеологија во Македонија има формирано повеќе граѓански и издавачки организации, како што се : издавачката куќа „Логос-А“, печатницата „Фокус“, граѓанската организација „Мерхамед“ и „Визиони-М“, како и Меѓународниот балкански универзитет, каде што се вдомени дел од челниците на Беса.
Раководната структура на Беса е речиси целосно составена од поддржувачи на радикалниот ислам, кои имаат завршено исламско училиште, средно или високо. Почнувајќи од претседателот на Беса, Биљал Касами од Тетово, кој завршил средно верско училиште, кој моментално е редовен професор на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Реџепи Скендер-Зејд, има блиски релации со селафистичкото движење и можеше да се види на протестите непосредно по акцијата „Монструм” и на протестите против Израел, во Скопје. Дел од ”Беса” е и Африм Гаши сопственик и главен уредник на списанието „Шења” , истиот на повеќе албански политичари им се заканува дека поседува дел од „бомбите на Заев”, учествуваше во уривање на споменикот на Цар Душан во Скопје, а негов зет за сестра е радикалниот исламист Алили Сејдула, кој загина во Сирија. Дел од Беса е и Азизи Аднан од Тетово ,кој моментно е оџа во с. Леарце, Тетово, кој своевремено бил избркан од факултет во Сирија и Јордан поради неговите блиски релации со Хезболах.
Целата раководна структура на Беса има и блиски врски и релации со политичари во Албанија и во Косово. Исламските радикали од Беса, за ширење на радикалниот ислам во Македонија најдоа свој сојузник во Зоран Заев и во СДСМ, кои деновиве со своите хулигански и насилнички групи дивеат низ центарот Скопје , фрлајќи со боја и со јајца по Порта Македонија и кршејќи сè што ќе им дојде под рака.
Од кажаното логично се поставува прашањето на кои линии се поистоветуваат ставовите на СДСМ и на Беса како најблиски политички партии во опозициониот блок. Целите на Беса кои може да се извлечат по направените анализи се: Промена на Уставот на Р.Македонија и формирање бинационална држава со официјализирање на албанскиот јазик на државно ниво. За ова Зоран Заев на Косовска телевизија се има веќе јавно изјаснето дека доколку би дошол на власт ќе го официјализира албанскиот јазик на целата територија на државата, со што би го вовел уште во основните училишта. За ваквото зближување на Беса со СДСМ се користат блиските врски и контакти на „експертите” Мерсел Биљали и Ким Мехмети со Зоран Заев и со Стево Пендаровски.
Ги имал ли Иванов сите овие информации?
Несомнено е дека Иванов преку институциите под негова контрола и под контрола на владата има одлична слика за сите политички процеси и фактори во македонската криза.
Од тука, ако се следат изнесените информации и логиката лесно може да се дојде до заклучок дека тој направил храбар обид да прекин на кризата преку консолидирање на македонската политичка сцена и помирување меѓу закрвените партии. Неговиот обид, иако беше дочекан на нож, всушност претставува обид за спречување редифинирање на државата, прашање на кое свесно или несвесно работи и Заев преку Беса, која веќе и јавно побара редефинирање на Македонија.
По одлуката на Иванов за аболиција многу работи се нејасни, но има и такви што се јасни поради уставните и законските прерогативи на македонските институции. Една од чистите работи е дека изборите не може да се одложат. Во согласност со највисокиот правен акт во Македонија веќе закажани избори не може да се поништат ниту постои законска можност да се свика веќе распуштеното Собранието за да ја поништи одлуката. На оваа карта игра и Заев и затоа знаејќи дека со тоа би се прекршил Уставот бара поништување на одлуката за одржување на изборите.
Ќе успее ли Иванов да спречи ново закрвување меѓу Македонците?
„Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздржливо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори“, изјави претседателот Иванов за време на објавувањето на својата одлука за прекин на постапките поведени од Специјалното јавно обвинителство.
Извор: Република.мкКрајно нелогично, но сепак реално е дека првиот политичар што потврди дека одлуката на Иванов е исправна е истиот тој што најмногу ја злоупотреби.