Ќе ги изеде чудовиштето што сами го создадоа

Минатиот викенд скопско-тетовскиот регион беше зафатен од веројатно најголемата природна катастрофа во последните педесетина години. Многу човечки жртви, евакуирани граѓани, поплавени домови, унесреќени семејства.Денови на жалост. Природата навистина знае да биде немилосрдна и да сруши се пред себе кога тоа ќе го посака. Овој факт барем на скопјаните им е многу добро познат. Се сеќаваме на сите природни непогоди што го погодија Скопје, со краен резултат, многу изгубени животи и разрушени домови. Некои ќе кажат таков ни е регионот, други одговорот за несреќите го бараат во лошата организација на градот, трети во местоположбата, неприродната поврзаност на руралните со градските општини, вештачки креираната децентрализација.
И покрај бројните слабости на тој план, рака на срце, во последнава природна непогода на политичарите не може да им се припише одговорност, како за некои други проблеми од доминантно човечка природа. Но, политичките стрвници како едвај да чекаа ваква несреќа за да можат да се нафрлат со сите политички дисквалификации. И наместо веднаш да излезат на терен и да му помогнат на настраданото население, фејсбук-загрижените политички тролови како во хор почнаа со критики и со глупи изјави за итна потреба од поднесување оставки на надлежните, демек опозициските политичари подобро би ги решеле последиците од природната непогода. А бе да не ти се верува. Kако во овој момент тоа да е најважно. За нив е поважно кој ќе биде поголем политички „победник“ од несреќата на другите. Душегрижниците кои секогаш се дежурни „пријатели“ на граѓаните, имаат и нешто „паметно“ да кажат.
Сите станаа експерти по канализација, експерти за проблеми од одводи доводи, чистење на канализациски отвори и што ли уште не. Од толку експерти комунална хигиена на град Скопје не треба да се грижи за своето постоење. Потребно е само да отвори ново одделение за експерти од сферата на комуналната хигиена. Град Скопје со нив никогаш нема да има проблеми. Барем теоретски. Целата оваа трагедија на едно место ги стави сите загрижени фејсбукџии со нивните теоретски знаења за чистење на градот. На човек веднаш му доаѓа мисла зошто ако веќе толку се потковани со знаење не излегоа на терен и заедно со припадниците на полицијата и на армијата не помогнеа на дело. Знаењето за теоријата на кризата да го применеа во пракса. Да ги засукаа ракавите и да се ставеа барем еднаш во животот во практична функција. Видовме дека пишувањето по социјалните мрежи не направи ништо корисно за настраданите семејства, иако само еден практичен потег на терен можеше да усреќи илјадници тажни сограѓани.
И не ми беше зборот само за големите фејсбук-мислители. Тие и онака се редовен декор на нашето живеење од кои никогаш и никој немал конкретна корист. Од нив единствено што имаме е многу омраза, гнев, забуни, глупирања. Зборот ми е за оние т.н. граѓански организации кои беа многу гласни во времето на политичките преговори кога од петни жили бараа столче на преговарачката маса. Зборот ми е за оние преку 70 невладини организации кои се редовни испраќачи на писма пусулчиња со кодошка содржина против Република Македонија. Европските институции се преплавени од нивните кодошки информации, неточни податоци, измислени проблеми, намерно напумпани ситуации само и само неколкумина во тие организации да му се додворат на европскиот фактор.
Тие и такви граѓански организации никаде ги нема кога граѓаните се на мака, а се сеприсутни кога никој не ги бара и никој не ги вика. Одамна ни е јасно за какви организации станува збор, но мислам дека овој пат го допреа дното. Ниту една од тие силни и финансиски набилдани структури од чичко Сорос не се појави на терен да понуди граѓанска помош, да праша за вистинските маки на настраданите граѓани, да направи хуман гест. А не дека немаат или дека не можат да обезбедат пари за таква намена. Парите за нив никогаш не биле проблем. Проблем е намената на парите. Нивните пари не треба да бидат наменети за обичните граѓани. Тие не влегуваат во проектните торови. Вистинските граѓански проблеми не се предмет на нивните проекти. Овие граѓански организации не се надлежни да решаваат конкретни проблеми. Kонкретните проблеми бараат практично делување, а не салонско филозофирање. А тие се пред се салонски експерти. И плус во овие конкретни проблеми нема простор за кодошка нитка.
Дури и европскиот фактор каде вообичаено се спроведуваат кодошењата покажа поголема емпатија и разбирање за настаните од нашиве организации. Ако ништо друго барем на збор понудија помош. Нашиве големи граѓански организации и тоа не го направија. Не изразија ниту обична граѓанска емпатија, обична човечка волја да му помогнат на сограѓанинот кога е во неволја. Па нели граѓанските организации првенствено служат да им помагаат на граѓаните, да им излегуваат во пресрет на нивните барања и интереси? Или тоа во македонски услови не важи.
Нашите невладини се тепаат за власт. Нашите невладини постојат за да дојдат до политичка функција и да се натопорат на кожните фотелји за да потоа со нивните џојстици во рака да можат да манипулираат со државните интереси. И онака ни е јасно дека Македонија никогаш не создаде автохтони граѓански организации, не создаде вистински невладин, цивилен сектор кој ќе се грижи единствено за потребите на македонските граѓани.
Она што е вистина е дека Соросовите т.н. „граѓански“ организации и партијата СДСМ се едно исто што две и пол децении глуми различно. Две страни на иста матрица, исти навики, исти карактерни особини, ист центар на финансирање, идентичен шаблон по кој се мантраат политички излитени фрази и препишани програми и проекти. До тој степен се препишани што за голем дел од препораките што ги нудат во нивните „анализи“ ви треба само обично пребарување со клучен збор на „Гугл“ и сите препораки ќе ги најдете на едно место. Божем препораки за Македонија, а всушност станува збор за препораки кои се даваат за сите држави од регионот по системот копи пест.
Соросовите организации во Македонија никогаш не понудиле нешто ново, нешто автентично, иновативно за нашата земја. Идентичните, клонирани извештаи за цела југоисточна и источна Европа се веќе досадна констатација што не вреди да се повторува. Еден куп извештаи, прогнози, препораки, познати и никому потребни. И нормално се поставува прашањето – кому му служат ваквите граѓански крлежи? Што ќе ни се кога немаат никаква практична вредност, а со спорните и измислени проблеми прават само штета на македонската држава? Одговорот е многу едноставен. Овие клонирани организации имаат единствен центар во партијата СДСМ и тие постојат единствено за задоволување на интересите на оваа партија.
Тие откако постои Република Македонија се присутни на политичката сцена преку клучниот мобилизатор-потпретседателката на СДСМ. Со самиот факт што во СДСМ само уште таа остана вечна константа, клучна фигура во сите раководни гарнитури на партијата во последните 25 години, може да се извлече заклучок дека и Соросовите „граѓански“ организации се вечна константа, приврзок на нејзината политичка кариера од самиот почеток до денес. Папочната врвка што ги спојува овие две страни се гледа во начинот како тие комуницираат со домашната јавност, како доушнички се поставени кон странските држави, се гледа во начинот и методите како овие субјекти ја кодошат својата земја пред странските амбасадори, како воопшто се поставени во политиката и нејзините структури. Папочната врвка меѓу „граѓанските“ организации и СДСМ ќе остане присутна се додека на раководната позиција на оваа партија се наоѓа актуелната потпретседателка која ги држи и контролира сите мрежно испреплетени „граѓански“ организации во земјата финансирани од Сорос.
И покрај глумата што овие организации и СДСМ ја прават на политичката сцена дека наводно тие немаат никаква допирна точка, и дека шарените „револуционери“ се самостојни во своето „граѓанско“ делување, сите македонски граѓани точно знаат каква е и која е поврзаноста и содејството на овие две структури, точно им е позната нивната политичка координираност и взаемна контрола, заедничкото „ковање планови“ за рушењето на актуелната власт, па и на државата, заедничкото трошење на пари од исти финансиери. Секој преземен чекор на едните и на другите е дел од заедничкиот план и стратегија за рушење на ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, се вели дека овие две сили се две страни на иста паричка, два неразделни дела со една цел.
Овие и вакви граѓански организации немаат ништо заедничко во делот на граѓанската агенда. Тие се доминантно политички мотивирани и имаат само политички цели. Нив не ги интересира македонскиот граѓанин. Никогаш тој не им бил центарот на нивното внимание. Од почетокот на политичката криза до денес се гледа дека овие „граѓански“ структури не се ништо друго освен продолжена рака на СДСМ која како партија никако да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ. А што се не направија тоа да се случи. „Бомби“, вандализми, молеро-фарбарски услуги, јавно жигосување на луѓе, СЈО, и пак, нема резултат. Извртеното место и улога на граѓанските организации во системот нема да направи никаков исчекор во развојот на македонското цивилно општество. Само трајно ќе го осакатат и ќе ја срушат граѓанската верба во помислата дека можеби во земјата постои некоја граѓанска организација што се грижи само и само за интересите и потребите на граѓаните.
Поврзаноста на СДСМ со Соросовите организации е слична на турските сапуници, која допрва ќе добива заплет откако и едните и другите ги дознаа рејтинзите од граѓаните и откако „Соросовите шарени“ сфатија дека меѓу опозициските граѓани подобро котираат тие, отколку членовите од раководството на СДСМ. Сега, кога шарените сфатија дека нивниот рејтинг е подобар, на пример, од оној на Заев или некој негов близок сопартиец, работите во таа нивна наводна „љубов“ допрва ќе се комплицираат и замотуваат како клопче од конец. Но, нели граѓанските организации не треба да се борат за власт? Или граѓанското „чудовиште“ што го создаде СДСМ на крајот ќе го изеде СДСМ?
Тања Каракамишева-ЈовановскаПриродата навистина знае да биде немилосрдна и да сруши се пред себе кога тоа ќе го посака. Овој факт барем на скопјаните им е многу добро познат.

Пронајдете не на следниве мрежи: