Македонските револуционери кои биле предадени од нивните блиски

Низ вековите Македонците се истребуваат меѓу себе, доказ за тоа е и што ретко кој револуционер од Македонија умрел од природна смрт. Многу револуционери биле предавани од своите. Во Музејот на македонската револуционерна борба на исто место ќе се најдат и оние што го задолжиле македонскиот народ со своите дела, кои неизмерно ја сакале Македонија и гинеле за неа, но и оние што наредиле или извршиле многу братоубиства. Ретко некој од револуционерите, чии восочни фигури ќе бидат поставени во Музејот, животот го завршил со природна смрт. Повеќето или биле предадени од своите или, пак, ликвидирани од противниците на другата струја.
Има многу симболика во насловот на книгата на американскиот писател со македонско потекло, Стојан Христов, за ВМРО – „Херои и убијци“. Тој подолго време ќе престојува во Пиринска Македонија и ќе известува за познати американски весници за братоубиствата во Софија. Ако се прави список на тие што најмногу посегале по животите на своите на врвот, далеку пред сите, е Ванчо Михајлов. Тој ќе биде немилосрден кон своите противници. Никој со сигурност не може да каже колкав е бројот на тие кои наредил да бидат убиени, но сигурно е многу голем. Болно амбициозниот Михајлов ликвидирал се’ што му пречело. Во договор со бугарскиот воен врв, според негово сценарио и режија, ќе биде убиен моќниот Тодор Александров. За неговата смрт ќе обвини други и ќе ја користи како повод да се пресмета со првите луѓе на левицата, а подоцна и со неистомислениците во автономистичката ВМРО.
Веднаш по убиството на Александров ќе го организира масакрот во Горна Џумаја, кога ќе бидат ликвидирани тогашните први луѓе на ВМРО од Пиринскиот крај, а наредниот ден ќе испрати терористи кои ќе ги убијат Димо Хаџи Димов, познат социјалист и другар на Гоце Делчев, Арсение Јовков, првиот македонски новинар и Славчо Ковачев, осведочен федералист и доктор по право.
Откако ќе заврши со убиствата во Софија, Михајлов ќе започне крвав поход во Пиринска Македонија за да ја исчисти од приврзаниците на Сандански. Во тоа време една куќа во селото Дабница, Гоцеделчевско, ќе ја претвори во големо мачилиште. Тогаш на свиреп начин, со фрлање во варници и бесење на ченгел ќе бидат убиени 165 санданисти и комунисти.
Долгата рака на Михајлов ќе се протегне и во странство. Во Милано ќе испрати свој човек за да го ликвидира Петар Чаулев, а спектакуларниот атентат врз Тодор Паница во виенскиот Бургтеатар ќе го изврши Менча Крничу која подоцна ќе стане негова сопруга. Тој ќе му пресуди и на Александар Протогеров, со кого пред тоа заедно ги суделе санданистите, по што ќе започнат најстрашните братоубиства кои ќе траат цели шест години, од 1928 до 1934 година. Таканаречените десни сили ќе се поделат на две фракции, на „ванчомихајловисти“ и „протогеровисти“. Софиските улици ќе бидат арена на самоистребување на Македонците и секое утро ќе осамнува со по некој македонски труп. Европа и светот ќе бидат згрозени од суровата пресметка на актерите на македонската крвава драма и ќе бараат Бугарија да ги спречи крвопролевањата.
Првите братоубиства ќе започнат многу порано, кога Јане Сандански ќе ги осуди на смрт Борис Сарафов и Иван Гарванов, а егзекуцијата ќе му ја препушти на Тодор Паница, кој ќе ги ликвидира во ноември 1907 година во домот на Сарафов. Тешко некој може со сигурност да каже кој, всушност, прв почнал со братоубиства кои постојано ќе ја следат македонската револуционерна борба. Има верзија дека тие сакале да го убијат Сандански, а кога тој дознал решил да им врати со иста мерка. Михаил Даев, човекот што требало да ја изврши егзекуцијата на Сандански за тоа му се доверил на Паница кој сметал дека е на страната на Сарафов и Гарванов, а тој му кажал на Јане.
Непосредно пред убиството на Сарафов и Гарванов, Сандански во Софија ќе се сретне со повеќемина негови истомисленици за да се посоветува што да се преземе да се спаси македонското дело. Ќе биде одржано советување во кое ќе учествуваат и Ѓорче Петров, Пере Тошев, Димо Хаџи Димов и Михаил Герџиков. Спротивниот табор нив подоцна ќе ги смета за интелектуални соучесници во убиството на задграничните претставници.
Според Христо Силјанов, во тие судбоносни денови за македонското револуционерно дело не постоело големо авторитетно име за да ги смири закрвавените страни кои почнале меѓусебно да се дебнат и да се истребуваат. Даме Груев, човекот кого го сметале за волјата на Внатрешната организација, непосредно пред дефинитивниот раскол бил убиен во Русиново, Беровско. Многумина помислувале дека тоа можат да бидат големите авторитети Ѓорче Петров и молчаливиот Пере Тошев, кого го определуваат како совеста на македонското дело, но тие се држеле понастрана. Всушност, и двајцата на санданистите гледале со симпатии и го делеле нивното мислење дека десните сили се’ повеќе се приближуваат кон бугарскиот двор.
По убиството на Сарафов и Гарванов прв човек во десницата ќе биде Христо Матов, на чија иницијатива ќе се одржи конгрес, на кој ќе бидат осудени на смрт раководителите на Серскиот револуционерен округ, на чело со Јане Сандански. Откако тој ќе избегне повеќе атентати ќе биде ликвидиран на 22 април 1915 година. На патот меѓу градот Гоце Делчев и Мелник, кај месноста Пирински Блата ќе му биде поставена заседа која не ќе може да ја избегне. Се тврди дека зад неговото убиство стои Тодор Александров.
По завршувањето на Првата светска војна била формирана автономистичката ВМРО на чело со Александров. За секретар ќе биде поставен Ванчо Михајлов, а организацијата уште пожестоко ќе ги продолжи крвопролевањата. На 21 јуни 1921 година, две години по формирањето на автономистичката ВМРО, по наредба на Александров ќе биде ликвидиран и Ѓорче Петров. Тогаш Ѓорче имал 56 години, физички бил истоштен и полуслеп. Платениот убиец, помакот Реџеп, не знаел кого убива, знаел само дека неговата жртва била „непријател на македонското дело“. Подоцна и тој ќе биде ликвидиран за да не каже кој му наредил да го ликвидира.
Зошто Александров посегнал по животот на Ѓорче, ако се знае дека големиот македонски револуционер сигурно не претставувал никаква опасност за него? Според д-р Зоран Тодорвски, Ѓорче Петров има специфична улога во македонското револуционерно движење. „Не би сакал неговиот мит создаван досега да се вулгаризира. Секоја личност си има свои слабости. Тој беше соработник на бугарската тајна служба. Постојат многу документи, многу писма за тоа. Бугарското воено министерство го задолжило да ја посети Македонија за да ги опише сите нејзини географски карактеристики, за да ги користи за нејзино освојување. Ѓорче бил и еден од потписниците за припојување на Македонија кон Бугарија“, подвлекува Тодоровски.
Според него, по Првата светска војна бугарски премиер Стамболиски го ставил Ѓорче за претседател на Комисијата за бегалци. Стамболиски тогаш формирал еден вид паравоена формација наречена портокалова армија за борба против четите на автомистичката ВМРО и за создавање ред во бугарската држава. „И, се разбира, во тие конфронтации Ѓорче беше убиен по наредба на Александров. Покрај тоа, тој имал и идејни несогласувања со автономистичката ВМРО. Александров бил многу револтиран од однесувањето на Ѓорче. Затоа настаните во тоа време треба да се гледаат од сите аспекти и да се има во предвид времето кога тие се случувале. Постоел голем антагонизам меѓу него и Александров. Меѓутоа, тоа не значи дека треба да се запостават заслугите на Ѓорче за згрижување на македонските бегалци“, заклучува д-р Тодороски.
Извор: ЛозаВо Музејот на македонската револуционерна борба на исто место ќе се најдат и оние што го задолжиле македонскиот народ со своите дела, кои неизмерно

Пронајдете не на следниве мрежи: