Масонските и античките симболи во проектот Скопје 2014!Симболите се јазик. Јазик што може да ни помогне да го разбереме минатото. Ова се зборовите на американскиот научник Роберт Ленгдон во филмот „Кодот на Да Винчи“, чија улога ја толкува оскаровецот Том Хенкс. Како што впрочем речиси сите знаат, филмот е снимен според истоимениот бестселер на Ден Браун во кој се раскажува за инцидентот во кој случајно упаѓа докторот Ленгдон.
Научникот мотивиран од едно убиство во просториите на музејот Лувр ќе тргне по трагите во сликите на Леонардо да Винчи и ќе открие религиозна мистерија која може да ги разниша темелите на христијанството, а која била под заштита на тајно друштво повеќе од 2000 години.
Деновиве во скопските книжарници може да се купи една книга која според своите карактеристики и содржина накратко може да се нарече македонскиот „Код на Да Винчи“. Уште поинтересно е дека книшката е издадена од извесна невладина организација, но никаде во неа не е потпишан авторот. Неговиот псевдоним е Големиот Мастер Филон.
Македонскиот „Код на Да Винчи“
Станува збор за книгата распослана на речиси 90 илустрирани странички, која го носи називот „Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“ и која според содржината може да се окарактеризира како нечие фантастично (со побајаги „машта“) видување на проектот околу кој веќе неколку години се кршат копја.
„Напросто бев вџашен откако го открив скриениот симболизам на проектот Скопје 2014. Таква коинциденција на симболи сигурно не е случајна. Тие се наоѓаат секаде во проектот“, пишува анонимниот автор на книжулето и додава оти „симболот има моќ да го покаже невидливото и да привлече скриени сили“.
„Симболот може да биде и талисман (н.з. амајлија). Талисманот во окултните мистерии е всушност агрегатор на мистична енергија.
Со окултните ритуали преку талисманите се привлекува скриена моќ и енергија. Талисманот најчесто е благороден камен, паричка, приврзок, накит, но како талисман може да се користат и огромни објекти, плоштади, па и цели градови, но само ако статуите се сконцентрирани на мал простор… Енормна окултна енергија може да се привлече со специфични симболи големи колку градови, односно со градови претворени во окултни симболи“, вели авторот на книгата и прашува дали скулптурите и статуите во „Скопје 2014“ се всушност еден вид талисмани.
Најфасцинантната хипотеза во оваа книшка се поврзува со датумот на кој беше поставен споменикот на Александар Велики, човекот за кого се верувало оти е син на египетскиот Бог на сонцето Амон Ра.
Официјалната верзија за смртта на Александар гласи дека тој умрел на 10 јуни 323 година пред новата ера во Вавилон.
Но, навистина е интересно она што го пренесува римскиот историчар Квинт Куртиј Руф, кој живеел половина век пред да се роди Исус. Во неговата книга „Историјата на Александар Велики“ тој пишува за деновите непосредно по смртта на најголемиот војсководец од овие простори.
„Луѓето кои влегувале во одаите, се стаписале. Телото било топло и живолико, им се чинело како Александар сѐ уште да е жив“, напишал римскиот историчар.
СПОМЕНИКОТ НА АЦЕ ПОСТАВЕН НА СКРИЕНИОТ ДАТУМ НА НЕГОВАТА СМРТ!?
Авторот на македонскиот „Код на Да Винчи“ претпоставува дека Александар најверојатно не умрел на 10 јуни, туку баш тој ден паднал во кома и затоа телото сѐ уште му било топло.
„Подготовките за балсамирање на телото отпочнале на 17 јуни и траеле четири дена. По подготовките, а откако високиот вавилонски свештеник – Маг, им одобрил, балсамџиите на 21 јуни почнале да го балсамираат“, пишува анонимниот автор на книгата „Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“.
Неговата претпоставка е всушност дека Александар Македонски последниот здив го испуштил на 21 јуни, а не единаесет дена порано и оти како што напишал „обожавателите на Александар во Александрија не доаѓале на 10 јуни, туку на 21 истиот месец – денот кога е долгоденицата и кога неговата душа го напуштила телото“.
И тука доаѓа главната поента на авторот на ова книжуле – токму на 21 јуни оваа година беше поставен споменикот на Александар Велики на скопскиот плоштад, а истиот ден спомениците на неговиот татко Филип Втори се појавија на плоштадите во Битола и во скопска Автокоманда, а наше е да потсетиме само дека нивното поставување беше најавувано за многу порано.
Понатаму, наводно на источната страна од мавзолејот на Александар имало Триумфална порта, така што двата објекти и главната улица во древниот град заедно формирале замислена линија на која во определен дел од денот токму на 21 јуни се поклопува залезот на Сонцето и ѕвездата Сириус. Небесното тело на кое според тогашните верувања одела душата на фараоните и на големите цареви.
Во книгата пишува дека универзалната сила на големите владетели преминувала од еден на друг и оти кој ги знаел тие окултни древни мистерии и кој на 21 јуни бил пред балсамираното тело на Александар можел да ја наследи неговата моќ, односно да ја привлече од ѕвездата Сириус каде што заминала по неговата смрт.
Како што објаснува книгата, моќта на Александар успеал да ја преземе никој друг, ами првиот римски император Октавијан Август откако ја посетил гробницата на Аце Големиот, но не пишува дали Римјанинот бил во мавзолејот токму на 21 јуни.
Авторот на „Скриениот симболизам“ се повикува на римскиот историчар Дион Касиј кој запишал дека Октавијан Август се наведнал и го бакнал балсамираното тело на Александар Македонски, а по враќањето од Александрија во Рим ја формирал Римската империја.
САКА ЛИ НЕКОЈ ПРЕКУ ОКУЛТНИ РИТУАЛИ И СИМБОЛИ ДА СТАНЕ НОВИОТ ВОИН НА КОЊ?
Сето ова се раскажува во книжулето со цел да се инсинуира дека некој денеска сака истото да го постигне со проектот „Скопје 2014“. А „доказ“ за тоа се следниве сличности:
„Тлоцртот на главната улица во Александрија, Триумфалната капија и гробницата на Александар Македонски, како и тлоцртот на улицата (н.з. покрај „Чичко Стоилко“), Порта Македонија и споменикот на Воинот на коњ се многу слични. Тој тлоцрт, всушност, го преставува симболот Анк од египетската митологија“ пишува во книгата каде што и се објаснува дека симболот Анк е окултен талисман на животот и на бесмртноста, односно амајлија која служи за магиска заштита.
А еден мал детаљ од новото Скопје го тера анонимниот автор уште повеќе да верува во неговата фантастична теорија. Имено, тој прашува дали палмите покрај кејот на Вардар се декор од древните александриски улици.
Во оваа интересна приказна не се случајни ниту мостот „Око“, ниту, пак, зградата во која ќе се смести Уставниот суд како дел од проектот „Скопје 2014“. Мостот имал некоја поврзаност со симболот кој го означува окото на египетскиот бог Амон Ра, додека зградата не била ништо друго, ами реинкарнација на Пантеонот на Октавијан Август, за кој авторот на книгата потсетува дека бил најголемиот непотист во историјата на Римското царство.
„За време на неговото владеење не можел никој да биде поставен на државна функција ако не бил од неговото потесно семејство“.
Своја улога во грандиозниот проект како симболи-талисмани имале и скулптурите на бикот и на мачката.
Наводно, во феникиската митологија бикот се поврзувал со апсолутен суверенитет и моќ и модерните пагани верувале дека статуата на бикот ќе им донесе апсолутна власт и моќ, а култот на лавот бил само продолжение на култот на бикот.
Од друга страна, скулптурата на мачката на улицата Македонија потсетувала многу на статуите на ова животно од древниот Египет кои биле симболи за повикување скриени окултни сили.
И ТЕМПЛАРСКИ СИМБОЛИКИ НА СКОПСКИОТ ПЛОШТАД
И во еден момент, додека го читате македонскиот „Код на Да Винчи“, авторот од антиката Ве носи во светот на масонеријата. Ни две, ни три, тој наоѓа поврзаност на спомениците во центарот на Скопје со темпларите. Имено, 34 е бројот на највисокиот степен кај масоните, а авторот на книжулето избројал (ете, некој и тоа го правел) исто толку споменици околу Воинот на коњ.
Понатаму, според него, проектот „Скопје 2014“ треба да финишира до март кога и се навршуваат 700 години од смртта на Жак Де Моле, кој инаку бил последниот Голем мајстор на витешкиот ред темплари. Декодерот на „Скопје 2014“ нашол и сличности меѓу симболот на магискиот ред Златна зора и споменикот на Паднатите борци, кој во моментов се гради во Жена-паркот спроти републичкото Собрание.
А симболот и македонскиот споменик, пак, го потсетуваат на Куполата на победата во Берлин.
Германскиот окултизам, според видувањата на нашиот декодер, го има и на неколку симболи втиснати на спомениците во Скопје. Тој тврди дека имаме модифициран врил-симбол, кој потекнува од истоименото тајно друштво кое било познато и под името Ложата на илуминатите.
Во таканареченото Врил друштво, меѓу другите, членувал и Адолф Хитлер.
И додека сето ова е многу тешко за верување и најверојатно е производ на нечија бујна фантазија, во книжулето има анализи под кој би можел да се потпише и секој трезвен критичар на проектот „Скопје 2014“.
Ја издвојуваме симболиката на барокот:
„Барокот како стил е опиум за масите, неговата иконографија е проста директна и драматична. Тоа е стил што им се обраќа на просечните, насочен е кон нивните сетила и чувства, нешто што треба да предизвика силна емоција и инвокација на невидлива сила“.
Авторот на книгата „Скриениот симболизам на Скопје 2014“ се намачил да ги најде интересните јубилеи што се поклопуваат со годината кога овој проект треба да биде готов. Најинтересно е тоа што тогаш навршуваат 1.000 години од смртта на Цар Самуил кој има свој споменик на плоштадот.
Сепак, дека најверојатно станува збор за нечија бујна фантазија покажува приказната на авторот за тоа како му текнало да ги бара скриените симболи во овој грандиозен проект.
Тоа му го посочила една постара жена дури две години пред поставувањето на Воинот на коњ и тоа во Охрид. А откако ја напишал книгата, баш како во холивудските сценарија од типот на „Кодот на Да Винчи“ повторно ја сретнал истата личност на сосема идентично место.
Оваа приказна е само доказ до каде може да одведе мегаломанштината и нетранспарентноста на ваквите потфати зашто како што самиот автор на книжулето се прашува:
„Кој е нарачател на скулптурите и на градбите. Од каде таа опседнатост со поставување многу статуи и други градби на мал простор?“
АРХИВА „ФОКУС“ Ноември 2011
ПишувалВладо АПОСТОЛОВСимболите се јазик. Јазик што може да ни помогне да го разбереме минатото. Ова се зборовите на американскиот научник Роберт Ленгдон во филмот &bdqu