Мицковски распали по СДСМ: Ова раководство е смртта на опозицијата, ќе доживее дебакл на 27-ми!

Сдсмовските експерти продолжуваат со напади кон раководството на партијата. Последен во низата е Ивор Мицковски, кој смета дека  ова раководство мора да е свесно дека оставката уште сега, по првиот круг, е најдоброто нешто што можат да го направат
 Мицковски во колумна објавена на okno.mk, пишува дека „Играта е завршена“ и дека актуелното раководство на опозицијата мора да е свесно дека суштински е поразен нивниот концепт на приближување или имитирање на власта.
-Поразен е и концептот да се измислуваат наводни медиумски ѕвезди, а всушност обични рекетари, кои би одработиле за опозицијата. Конечно, поразен е пристапот на бизнис ориентирани политички елити и политичари кои ќе им нудат на граѓаните подобра иднина. И ова раководство мора да е свесно дека оставката уште сега, по првиот круг, е најдоброто нешто што можат да го направат, и за себе, и за некоја идна опозициска сила, пишува Мицковски.
Мицковски додава дека ова раководство е смртта на опозицијата.
– Опозицијата и порано се мачеше, но барем нудеше политика на антиподи на режимот, работите ги викаше со вистинско име, и потоа така им пристапуваше. И тоа се покажа како недоволно, но од тоа барем се изроди еден Отпор, некаква си борба и пркос која имаше шанси и да успее, доколку не беше внатрешно саботирана и убиена, токму од актуелното раководство на СДСМ. Со СДСМ беше готово на денот кога беше убиен отпорот, а ова сега што го гледаме е опозиција која вештачки се одржува во живот, ставена на апарати, пишува Мицковски.
Тој потенцира дека како што ја поделија опозицијата за време на Отпорот, продолжија и еднаш кога станаа двоглаво раководство.
-Го поделија членството на бранковисти и заевисти, ја уништија организациската поставеност и ги маргинализираа сите оние квалитетни луѓе, носители на мислења и гласови кои ги перцепираа како блиски до претходното раководство. Донесоа сомнителни кадри, политички непотковани и докажани конвертити. Сè потоа што следеше беше бледа и неубедлива имитација на ДПМНЕ. Не покажаа никаква желба за нова политика и поинакво општество, туку само желба да владееат со политиката и во општеството кои веќе постојат и кои се наметнати како нормални, пишува Мицковски.

 
Жестокиот критичар на власта ја открива и изборната стратегија на опозицијата во првиот круг, да победи или барем тесно да изгуби, единственото ново лице, Стево Пендаровски.
-Користејќи ги методите на ДПМНЕ, ја лажеа јавноста, но и своето гласачко тело, луѓето кои за нив работат, дека Пендаровски води на анкетите. Се потпреа на дуото татко-син Спасови, и на нивните нарачани и преплатени анкети. Агенцијата „Рејтинг“ предизборно извади анкета која ќе остане запаметена како најголема утка, со промашување од преку 150 илјади гласови, во историјата на сондажите.  Стратегијата беше Пендаровски да победи, и на тој начин, целата опозиција и раководство да се шлепаат на тој успех. Не постоеше никаква друга стратегија, никаков план Б, туку само победа на Стево и потоа две недели викање по улици: Сакаме промени! Со резултатот од првиот круг се покажа колкава утка била таквата стратегија. Стево успеа да мобилизира голем дел од неопределените, секоја чест за тоа, но не успеа да ја надомести катастрофата од изгубените сдсмовски гласови. Раководството направи двојна катастрофа пред парламентарните избори. Само по себе е неспособно да ги мобилизира неопределените, а со внатрепартиските поделби и чистки, со популизмот и шурувањето со конвертити и рекетари, избрка и оддалечи речиси половина од електоратот на СДСМ. Јас лично сметам дека Пендаровски донесе помеѓу 100 и 150 илјади неопределени. Што кажува дека од тие 320 илјади гласа само 170 илјади биле на тврдите гласачи на СДСМ. Тоа е најдобар доказ за внатрешната катастрофа која ова раководство и го нанесе на партијата, пишува Мицковски.
Тој додава дека опозицијата со својот неубедлив воен повик: Борбата продолжува, ќе продолжи со главата во ѕид и на 27 април ќе доживее уште поголем изборен дебакл.
-На 28 април можеме слободно да го санкционираме крајот на опозицијата, како и моментот на конечното проголтување од празнината, завршува Мицковски.
Ивор Мицковски е само уште еден во низата блиски луѓе до СДСМ, кои отворено ги поддржуваат политиките на опозициската партија, силно да распали по новото раковдство на партијата. Претходно, Сашо Орданоски, Александар Чомовски, Бранко Героски, Зоран Димитровски и Саше Ивановски-Политико ја критикуваа врхушката на СДСМ за тешкиот порез во првиот изборен круг за претседател.
извор:курир.мкМицковски во колумна објавена на okno.mk, пишува дека „Играта е завршена“

Пронајдете не на следниве мрежи: