Безбедносната состојба е стабилна и во моментов нема некој нов посериозен ризик. Секако дека нe` загрижува секој настан, особено доколку некои инциденти ни се повторуваат.Ова во ексклузивно интервју за дневниот весник „Дневник“ го вели директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој додава дека последните настани се „сигнал дека треба многу повеќе да работиме со младите, но и јасно ни кажуваат дека меѓуетничката доверба изминативе 20-ина години не се градела на доволно добра основа, односно изостанувало доволно посветен однос од сите општествени и политички фактори’.
-Лошо е што овие инциденти, поради контекстот, добиваат посериозно и поинакво значење и испраќаат негативна слика за земјава. Таа порака стигнува и до потенцијалните инвеститори и до нашите партнери од меѓународната заедница. Потоа ни требаат двојно повеќе напори за да ја објасниме ситуацијата и да дојдеме до посакуваната позиција – вели директорот на УБK, Сашо Мијалков, одговарајќи на прашањето за тоа дали последните настани во скопското село Стајковци се знак за нарушување на безбедносната ситуација во Македонија.
Дневник: Во доцните деведесети години од минатиот век во почетокот на новата деценија се чини дека безбедносните служби беа како швајцарско сирење? Дали е можно такво нешто да се повтори?
-Не. МВР и УБК се во подобра кондиција од кога било. Како во однос на опремноста така и во однос на персоналните капацитети. Организациската поставеност и методологија на работење, дисциплината и субординацијата. Тоа што го затекнавме во 2006 година беше во најмала рака срам и вџашувачко. Никаков систем на кариера, застарена организациска поставеност, централизираност и оддалеченост од граѓаните. Како некој намерно да сакал да ги девалвира службите, а преку нив да ја влоши и позицијата на земјава. На ниво на цело МВР имаше помалку 500 компјутери, а се уште се возеа автомобили „застава 101“ и „голф2“. Во овие седум години целосно го обновивме возниот парк, набавивме 4 хеликоптери, реновиравме полициски станици, го имплементиравме проектот „Безбеден град“, воведовме 24 часовен видео надзор на сите гранични премини, го инсталиравме ТЕТРА- системот, инвестиравме милион евра во крим- технички лабаратории и реализиравме уште многу проекти и реформи во системот. Разликата е повеќе од очигледна. Во времето на нашите претходници исчезнуваше кокоаин од депото, а ние ја имавме рекордната заплена во регионот и редовно партиципираме во меѓународни акции. Тие не смееа да помислат ниту да влезат во Чаир, а премиер и министер преговараа со кондовската група што ја држеше цела земја во заложништво шест месеци. Сега нејзините членови се во затвор, а ние реализиравме акции како „Планинска бура“. Тие не гледаа криминал ниту во „Бачило“, ниту помислуваа да се справат, на пример, со Франкфуртската мафија или со кочанското подземје и слично, а не пак, да расчистат со урбаната и тутунската мафија. Граѓаните ја препознаа оваа разлика и ја поддржаа. Враќање назад нема.
Дневник: Во последно време Македонија како држава и актуелната власт се обвинувани за селективна правда. Колку според вас тие обвинувања се базираат на докази?
-Доколку опозицијата ги базираше своите обвинувања на докази, верувам дека барем еднаш ќе ги презентираше. По нивната логика, сите се невини, дури и ако судот врз основа на доказите пресуди поинаку. За опозицијата, криминал во Македонија никогаш не постоел. Тоа што бевме на дното на листата на „Транспаренси“ е само тенденциозност кон тогашната власт. Граѓаните може да се жалат дека платиле, а не добиле стан, но за нив афери како „Фиком“, не постојат, обвинетите од „Машинопромет“ ги прогласија за невини, а не објаснија како стока книжена со вредност нула и отуѓена за уништување на отпад се продава во продавници по регуларна цена. Ако прашате кај опозицијата и осудениот претходен градоначалник на општина Аеродром од редовите на владеачката партија, како и актуелни партиски функционери од власта се селективна правда. Да, ние правиме селекција, но селекцијата на оние што го почитуваат законот и на оние што работат спротивно на законите и се богатат на грбот на граѓаните. За нив немаме и нема да имаме милост без разлика на политичката припадност. Опозицијата прави селекција во зависнот од тоа дали е некој нивни член или симпатизер. Ако некој нив ги тужи за клевета тогаш тоа е обид за притисок и за замолчување. Кога тие тужат медиуми тогаш се работи за барање правда. Лицемерство и недоследност.
Дневник: Дали поради политички притисоци, домашни или странски, сте биле во ситуација некому да му прогледате низ прсти?
Во оној момент кога поради притисоци ќе треба некому да му се прогледа низ прсти, мојата оставка ќе биде ковертирана. Тоа би значело дека веќе немам ниту сила, ниту волја да се борам за работите во кои верувам и кои сметам дека се правични. За сега тој момент е далеку. Не можам да кажам дека немало притисоци, но секогаш сум се чувствувал доволно силен за да им одолеам. Нам граѓаните ни го дадоа мандатот за бескомпромисна и неселективна борба против криминалот и корупцијата. Многу е полесно да се одолее на притисоците кога ја имате нивната поддршка.
Дневник: По сите обвинувања и тврдења што дојдоа од Радмила Шеќеринска и од СДСМ против вас и вашиот одговор на сето тоа, има ли конфликт на интереси во извршувањето на функцијата и во поседувањето приватен бизнис? Пред две години во пресудата за клевета против Љубе Бошковски надлежниот суд го кажа своето мислење за неоснованите обвинувања. По судската пресуда, навистина не останува нешто за додавање, освен да се констатира дека се работи за неинвентивен обид на политичар да се наметне во сопствената партија како некаков релевантен фактор. Сепак, ја разбирам потребата на секој политичар преку легитимни политички инструменти да води политичка битка и политички дијалог, но не смееме да заборавиме дека треба да се задржи нивото на кодексот на политичко однесување. Во отсуство на визија и кога медиумите во Грција ве фалат дека го промовирате ставот на поделена одговорност во врска со наметнатиот проблем со името, јасно е дека треба да најдете начин да го свртите вниманието на јавноста. Таа, за жал, не ги научи лекциите дека со лаги и манипулации не може да ја добие поддршката од граѓаните. За мене е важно дека нема никаков сомнеж за мое противзаконско работење, ниту во земјава ниту во странство. Коригирана е единствената грешка во имотниот лист и очекувам државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесе по сите направени проверки. Нема ниту конфликт на интереси. Законот не забранува функционер претходно да поседувал приватен бизнис. Впрочем и поранешниот американски претседател Џорџ Буш Сениор беше дел од нафтениот бизнис, а потоа застана на чело на ЦИА. Доколку законите во земјава бидат сменети, секако би ги почитувал и би одлучил помеѓу приватниот бизнис и функцијата. Шеќеринска мене ме обвинува за бизнис што го поседувам многу години пред да стапам на функција. Многу луѓе ме познаваат и во Македонија и надвор од земјава и знаат кога и колку сум бил дел од приватниот бизнис.
Дневник: Шеќеринска најави дека за вас се уште не ги отворила сите карти и дека тие допрва ќе се отвораат?
Како што пред малку кажав, треба да се запази нивото на политички дијалог и на политичка борба. Не ми се допаѓа кога се користи покерашки жаргон кога се работи за политички односи помеѓу политичари и функционери кои носат општествена одговорност. Заради природата на мојата функција и светската пракса на функционери што ја носат мојата одговорност, јас ретко излегувам во јавноста со интервјуа и со ставови и сакав ова интервју да го искористам за посуштинска тема. А дневната политика да ја оставиме на оние чија работа е тоа и тоа ги исполнува.Ова во ексклузивно интервју за дневниот весник „Дневник“ го вели директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој додава дека последните настани с