Овчар сум и не се срамам поради тоа, мора да работам. Немам завршено големо школо, само основно, па што друго би бил ако не овчар. Татко ми ми велеше учи, синко, ќе ти треба школо, но јас велев што ќе ми е школо, раскажува 22-годишниот Саметин Идризов, на бачилото на висорамнината Витачево кај Kавадарци. Но, вели, не сакал да учи, повеќе сакал да се занимава со добиток.– Сакав да пасам овци. Да сакав да учам, ќе ми одеше школото. Подобро, си велев, да бидам овчар отколку да учам школо. Не се каам поради таа моја одлука. Не се каам оти сум навикнал да сум со стоката – вели младиот сточар Идризов.
Тој по потекло е од село Горно Јаболчиште, општина Чашка, а сточарството не било традиција во неговото семејство. Неговите во минатото имале свое стадо, но тој бил многу мал и не се сеќава. Уште како 12-годишно момче доаѓал на ова бачило во текот на летниот распуст, бидејќи брат му работел тука и му помагал. Повеќе години работи на фармата.
– Отпрвин го распрашував брат ми како е да се работи со стока. Ми рече, многу е добра оваа работа, дојди да работиш. И така дојдов и јас да работам тука. Ми се допадна да работам во природа. Воопшто не се нервирам со работите на фармата. Се нервирам само кога врне дожд, кога има грмотевици и не е убаво времето, оти тогаш не можам да одам со овците надвор низ висорамнината. Kога е убаво времето, петка е да си со овците. Можам да кажам дека го испеков сточарскиот занает и знам да работам с` што е поврзано со стоката – се пофали тој.
Задоволството од сточарството се гледаше во неговите очи, а се чувствуваше и во неговиот глас.
– Многу ми е убаво на фармата. Имам обезбедено јадење и пиење, има струја и телевизор, а имам и мобилен телефон. Тоа што ми е најпотребно, го имам – скромно говори Идризов.
Го задевавме малку за тоа како ќе најде невеста кога најголем дел од времето поминува на фармата.
– Лесно е за невеста, на социјалните мрежи на интернет ќе си најдам. Kомуницирам со светот преку интернетот што го имам на телефонот. На девојките им кажувам дека сум овчар, не го кријам тоа. На оние вистинските тоа воопшто и не им е важно, иако многу од нив сепак признаваат дека им значи тоа што имам работа и заработувам за живот. Не им е проблем тоа што кога има многу работа на бачилото си одам на 3 или 4 месеци, а кога немам многу обврски на 2-3 месеца. Таа што вистински ме сака ќе ме чека со месеци за да си дојдам. Штом сака маж, мора да чека – со ведрина коментира младиот Идризов.
Идризови од Горно Јаболчиште одгледале пет сина и две ќерки. Саметин е трет од децата.
– Ние шестмина се школувавме само до осмо одделение, па сега сите надежи се кон најмалата сестра, која има 14 години и, за разлика од нас, сака да учи повеќе. Од етнички чисто село со Албанци се преселивме во село Отиштино, кое е поблиску до Чашка, на само два километра. Во новото село живеат главно Бошњаци, има по само две куќи албански и македонски. Сестра ми се школува во Чашка. Во Јаболчиште сите ни рекоа дека таа нема да успее во новата средина меѓу Македонците, ама таа многу успешно се снаоѓа и нема никакви проблеми. И другата сестра, а и ние браќата, никогаш не сме имале какви било проблеми кога е во прашање нашата националност. Човечноста е важна, а не националноста – беше дециден Идризов.
За разлика од многу други што ги познаваме и кои постојано се жалат на животот, судбината, работата, овој млад човек беше полн со позитивни мисли.
– Фала му на Бога, многу сум задоволен и од газдата и од заработката на бачилото и од сите овде во Тиквешијата. Затоа планирам да останам овде и понатаму да работам како и досега, бидејќи за мене оваа работа е исплатлива. Има многу млади што не сакаат да бидат овчари не затоа што е тешко, не затоа што им е срам да работат овчарство, кое е работа како и секоја друга, туку затоа што најверојатно ги мрзи и не сакаат да си ги засукаат ракавите и да работат. Оти за човек што работи, ниедна работа не е тешка. Нема проблеми за тој што си работи со мерак – смирено ни кажуваше тој, додека наоколу одзвонуваа клопотарците од стоката на висорамнината.
СО 20 КУЧИЊА ЧУВА 880 ГРЛА ДОБИТОК
Во бачилото каде што работи Идризов има околу 500 овци, околу 300 крави, околу 80 кози и дваесетина кучиња, главно шарпланинци. Kравите се одгледуваат заради месо, а од млекото што се добива од овците и козите се прави сирење, кое потоа се продава во градот.
Младиот сточар вели дека некои од овците носат имиња на познати пејачки, а некои од кучињата – имиња на актери. Не е важно, вели, какви се имињата, важно е да се убави.
Извор: Дневник– Сакав да пасам овци. Да сакав да учам, ќе ми одеше школото. Подобро, си велев, да бидам овчар отколку да учам школо. Не се каам поради таа



