Годинешново издание на ВИЗ ЕР СКОПСКИ МАРАТОН 2014 ќе биде најмасовната и најквалитетната маратонска трка одржана досега, истакнаа говорниците на денешнава прва конференција за медиуми по тој повод, одржана во просториите на Град Скопје. На прес -конференција присуствуваа, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав, директорот на Агенција за млади и спорт, Марјан Спасески, директорот на трката, Кире Синадиновски и Ѓорги Кузмановски претседател на Сојуз на спортови на Скопје.
– Сакам да нагласам дека со овој настан Скопје се впиша на мапата на европски и на светски маратони, а нашиот град секоја година е домаќин на се поголем број афирмирани и етаблирани маратонци од целиот свет. За реномето на Скопскиот маратон зборува и податокот дека тој е важен и за исполнување на норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри. Кога сите ние заедно работиме посветено, професионално и со љубов резултатите не можат да не одминат, а можам да кажам дека за Градот Скопје и за Република Македонија маратонот има и културна, економска и туристичка димензија, којашто е важна за афирмирање на нашиот град Скопје и на нашава држава. И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.500.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија. Годинава имаме и нов генерален спонзор, Виз Ер, со чија помош е зголемен наградниот фонд на маратонот, што секако игра огромна улога во организацијата на еден ваков настан. Сакам да ги поканам нашите сограѓани, в недела, на 11 мај, да излезат на улиците во што поголем број, да им пожелам добредојде на храбрите спортисти и рекреативци и да им дадам силна поддршка. Ве поканувам сите заедно да се дружиме и да го прославиме и Денот на Европа на најубавиот можен начин, истакна градоначалникот Трајановски.
Евроамбасадорот Аиво Орав, рече дека е навистина среќен што и годинава Скопскиот маратон ќе се одржи во мај и тоа токму по повод Денот на Европа.
– Спортските настани во себе генерираат многу колективни вредности, како што се тимскиот дух, солидарноста, фер играта, толеранцијата, а сите тие пак придонесуваат кон индивидуалната исполнетост и среќа, токму затоа ЕУ и понатаму ќе продолжи да ги промовира и поддржува ваквите спортски Манифестации како што е Виз Ер Скопскиот маратон, потенцираше Н.Е. Аиво Орав.
Директорот на АМС, Спасески, рече дека претставува особена чест да се биде дел од Виз Ер Скопскиот маратон, којшто несомнено е еден од најголемите домашни брендови со меѓународни размери. Агенцијата за млади и спорт годинава издвојува 300.000 денари за поддршка на маратонот во Скопје, а во годинешново издание на Виз Ер Скопскиот маратон, АМС ќе се вклучи и со свој тим што ќе трча во категоријата тим билдинг во рамки на хуманитарната трка на 5 000 метри.
Кире Синадиновски, директор на трката на Виз Ер Скопскиот маратон им се заблагодари на сите институции кои се вклучуваат во организацијата на овој најголем спортски настан во нашиот град.
– Благодарение на генералниот спонзор Виз Ер, годинешниов награден фонд на Виз Ер Скопскиот маратон 2014, ќе изнесува околу 16.000 евра, а максималната награда, во зависност од оствареното време на маратонската трка ќе изнесува околу 3.800 евра. Годинава промотор на маратонот, ќе биде Кениецот Вилсон Кипсанг (Wilson Kipsang), којшто во Скопје ќе биде два дена на 10 и на 11 мај кога и ќе се одржи Виз Ер Скопскиот маратон 2014. Кипсанг е светски атлетичар, којшто минатата година на маратонот во Берлин го собори светскиот рекорд, постигнувајќи резултат од 2:03:23.
Во рамките на Виз Ер Скопскиот маратон 2014, Атлетската федерација на Македонија, ќе го одржи Државното првенство во маратон. Досега за трките се пријавени околу 1.500 лица, а се очекува годинава на скопскитге улици да истрчаат околу 5.000 професионални атлетичари, рекреативци, граѓани и ученици од основните и од средните училишта. Бројот на земји учесничи во годинешново издание за сега е 30, речиси од целиот свет, а за прв пат оваа година пријавени се учесници од Бразил и од Португалија. Годинава, сите заинтересирани можеа своите пријави да ги достават од 1 јануари, рокот за пријавување е до 20-ти април за полумаратонот и маратонот, а за хуманитарната трка до 30-ти април 2014 година. Во оранизацијата на Виз Ер Скопски маратон 2014 година се вклучени и над 300 волонтери. На прес -конференција присуствуваа, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија
Пронајдете не на следниве мрежи: