Учителот Дамјан Груев, еден од основоположниците на МРО, нејзин прв секретар и член на ЦК, војвода и непомирлив борец за македонското ослободување, го завршил својот живот на 23 декември 1906 година, во близината на с. Русиново, Малешевско.И токму неговите последни мигови ги запишал еден од најголемите синови на Малешевијата – Никола Петров Русински. За последните денови на Груев, Русински запишал:
„Даме и четата, која го придружуваше и во Русиново, само неколку дена пред заминувањето од Струмица за Русиново, претерале неколку коњи натоварени со пушки за Кукуш. Близу до аржанското блато, еден од натоварените коњи со оружје се изгубил и отишол во с. Гаваланци, во чифлигот на Зора – бег”.
Бегот го вратил коњот, плашејќи се дека намерно му бил испратен и дека веројатно ќе му бараат откуп за пушки. „По оставањето на оружјето во Кукушко, без да се задржуваат, заминале за Струмица и до последниот нивни крај Русиново – Петлец“.
Четата влегла во селото и заседнала во куќата на Димитар Р. Алаѓозов, но направила фатална грешка бидејќи не обезбедила стражари внатре и околу куќата. Надвор, Иван Белчев, „не направил ништо за заштита на околиската чета”, а потоа се сокрил и не им помогнал на другарите со што сторил кукавички и предавнички чин.
Во сплетот на несреќните околности во куќата на Алаѓозови влегле двајца Турци. Тие качувајќи се по скалите ги виделе низ отворената врата комитите кои живо разговарале во собата на горниот кат. Турците наместо да побегнат, се наместиле под скалите и отвориле оган. Прв слегол по скалата Сандо Китанов, но не бил погоден. По него се симнал Даме кој се здобил со рана во десната нога. Другите четници излегле на задната врата и тргнале нагоре кон плотовите. Четникот Ѓорѓи Поп Стојанов од с. Владимирово, којшто ја следел трагата на Китанов, правејќи обид да се префрли преку плотот бил погоден од два куршума. Тој бил првата жртва блиску до куќата.
Привлечени од пукањето, на помош на Турците, на местото пристигнале и „таксилдарот – бирник и заптијата којшто го придружувал. Пристигнала и војската која престојувала во Владимирово…“.
Даме Груев и Ѓорѓи Карчов излегле надвор од селото со еден смел курир Григор Митов Крапев, кој за жал бил без оружје и не можел да им дава помош. По Дамета имало неколку потери на војски, а раната која крвавела оставала траги по пресниот снег на земјата. Стасале до југоисточната стрмнина на врвот Петлец, во месноста Валмето, кај Белите Камења. Тука се отворила борба, а Даме го отстранил курирот за да не стане и тој жртва.
И така, запишал Русински, „во крвавата битка прочуениот смилевски даскал, апостолот на македонската слобода Даме Груев, ја најде својата херојска смрт“ на 23 декември 1906 година. Следниот ден, на 24 декември турските воени власти наредиле убиените да се кренат од местото на погубувањето и да бидат погребани. Селаните ги погребале Даме Груев, Сандо Китанов, Ѓорѓи Карчов во еден гроб кај русинската црква. Телото на Ѓорѓи Поп Стојанов си го однесле во Владимирово.
Сопствениците на куќата во Русиново, Димитар Р. Алаѓозов и неговата жена Божана без да знаат што се случило во нивната куќа и што ги чека, биле пречекани пред куќата од разлутените заптии кои без да ги прашаат ги застрелале.
Иван Белчев, кој се криел во друга куќа и не учествувал во престрелката, се скрил во јаслите на едно магаре, откако го собрал сеното врз себеси. Селската револуционерна организација, огорчена од поведението на И. Белчев „врз кого се стовари целата вина за скапата жртва, го повика да одговара пред селскиот револуционерен суд“.
Белчев не се потчинил на Револуционерната организација туку пребегнал кај врховистите. Оттаму му се заканувал на раководството, разбојникувал и убивал. Набргу тој го убил највредниот член на раководството Мито Ников Трнков. Подоцна следеле и убиствата на вредни членови на Организацијата: Серафим Горѓирв Трнков и Горѓи Василев Хоџов.
За жал Организацијата не можела на време да се пресмета со предавникот Белчев. Во 1918 година, по отстапувањето на бугарската војска, тој заминал во Бугарија, а неговото семејство останало во Русиново. Српските власти, нудејќи му да се врати кај семејството му предложиле и голема служба -инспектор на тајната и на јавната полиција со голема плата. Притоа му било наредено да ги убие сите „опасни луѓе“ за власта. Пред да ја прими официјално својата служба, Белчев го убива бившиот селски војвода Васил Стоицов на патот кога се враќал од пазар на месноста Палазлија. Белчев ревносно им служел до 11 февруари 1921 година кога бил убиен од оние кои скапо му плаќале.
На апостолот Даме Груев и на паднатите со него, русинската селска револуционерна организација им подигнала скромен споменик. Со загинувањето на Даме Груев, запишал Димитар Влахов, “му се нанесе огромен удар на македонското ослободително движење. Местото што тој го имаше остана незафатено, празно. Немаше фигура што можеше да го замени паднатиот на својот боен пост македонски револуционер, немаше лице што можеше да го има авторитетот на Груев и да служи како центар за обединување на македонските сили…“.И токму неговите последни мигови ги запишал еден од најголемите синови на Малешевијата – Никола Петров Русински. За последните денови на Груев, Рус