На Детска кардиохиргија изведени над 185 интервенции

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Одделот за детска кардиохирургија на Хируршките клиники во Скопје, каде досега тимот лекари од САД и македонските лекари имаат изведено над 185 операции и интеревенции на срце кај деца и бебиња.Тодоров истакна дека во голема мера македонскиот тим самостојно ги извршува интервенциите, но оти сепак тоа е под надзор на американските лекари.
– Веќе подолг временски период се развива оваа специјалност во Република Македонија и досега се направени над 185 интервенции од кои 160 кардиохируршки интервенции и над  25 интерветни процедури. Дури 70 проценти од дечињата што биле оперирани се до 1 година, а околу 10 проценти се неонатално значи бебиња. Одлично се развива оваа област, изјави министерот Тодоров.
Во минатото децата и бебињата кои имаа потреба од кардиохируршки интеревнции беа испраќани во странство, претежно во соседните земји. Тоа, како што посочи тој, ги чинеше многу и родителите кои требаше да надоместат 20 проценти од чинењето на интервенцијата, а дополнително што мораа да ги придружуваат децата.
– Многу покомплицирано од тоа интервенцијата да биде извршена во Република Македонија, потсети Тодоров.
Најголем дел од интеревнциите денес се извршуваат тука, освен оние кои се итни и што не може да чекаат, а во тој момент не се тука хирурзите од САД. Тоа, според министерот,  се неколку случаи во текот на годината.
– Ние сега договоривме начин како и тоа да биде променето, па, сите услуги од кардиохируршки интервенции да бидат давани овде на детската кардиохируршка клиника, рече Тодоров.
Изрази задоволство што, како што кажа, македонскиот тим веќе сериозно се осамостојува.
– Над 50 проценти од интервенциите се сработени комплетно од македонски тим. Некои од полесните интервенции се сработени од асистентите на главниот хирург, што значи дека веќе имаме сериозен тим кој може на свои плеќи да ја носи оваа исклучително захтевна тешка и сложена хирургија, рече министерот.
Рече дека е навистина горд што во Република Македонија се основаше и државна кардиохиругија и, особено, детска кардиохирургија.
– Му честитам на целиот македонски тим којшто пожртвувано работеше сите овие неколку години за да се овозможи, на почеток, проект да функционира успешно, а сега еве веќе дел од оваа реномирана клиника, рече Тодоров, кој исто така им се заблагодари и на лекарите од САД кои придонесоа да успее воведувањето на овој тип интервенции во македонското здравство.
Американскиот детски кардиохирург Вилијам Новик рече дека многу е задоволен како се одвива програмата во изминатите три години.
– Оваа година 40 проценти од операции ги изведе д-р Владимир Чадиковски, а стапката на смртност е нешто под просечниот европска стапка. Министерството за здравство силно го поддржуваше овој проект и ќе продолжи со поддршката во иднина. Се надеваме дека многу скоро македонските лекари ќе оперираат без наша поддршка, рече Новик.
Детскиот хирург Владимир Чадиковски истакна дека проектот формално треба да заврши за две години кога ќе имаме и официјално лиценцирани детски кардиохирурзи.
– Сега и официјално се воведе во склоп на Катедрата за хирургија и на Медицинскиот факултет субспецијализација од областа на детската кардиохирургија. За две години веќе треба да имаме лиценцирани детски кардиохорурзи. Тоа е формалниот момент што треба да се запази, рече д-р Чадиковски.Тодоров истакна дека во голема мера македонскиот тим самостојно ги извршува интервенциите, но оти сепак тоа е под надзор на американските лекари.

Пронајдете не на следниве мрежи: