На Фестивалот „Браќа Манаки“ се одржа дискусија за успешните копродукции на Балканот

ИФФК „Браќа Манаки“ со задоволство ве известува дека на  денешната прес конференција се говореше за трендот на снимање филмови по принципот на регионална копродукција а се претставија и кинематограферите на филмовите „Белџика“ и „Бенг Генг (Модерна љубовна приказна)“, како и кинематограферот на документарниот филм „Добитна комбинација“. 
За производството филмови по принцип на регионална копродукција, говореа Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенција за филм н РМ, Бобан Јевтиќ, директор на Филмски центар Србија, Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија и Павлина Желева, продуцентка и филмска критичарка од Бугарија. На коментарот од Влатко Галевски, филмски критичар дека не се внмимава на квалитетот на филмовите, туку примарната цел е да се извлечат пари од фондовите, а тие пак неретко не се водат од квантитет и затоа од блаканските држави често излегуваат неквалитетни филмови, говорниците реплицираа дека влегувањето во копродукција е и еден вид гаранција за квалитетот на филмовите, бидејќи филмскиот проект на тој начин добива евалуација од повеќе држави, а на крај и од европскиот фонд „Еуримаж“.
Мими Ѓоргоска-Илиевска, Директор на Агенција за филм на Македонија се заблагодари за поканата на фестивалот и идејата да се направи ваква презентација за регионалните копродукции и ги објасни предностите на ваквата соработка помеѓу државите.
-Би сакала да истакнам дека во последно време, не само ние како балкански регион, туку се повеќе и во пошироки европски рамки, регионалните копродукции се гледаат како вистински нов модел на филмска продукција, каде што навистина е многу олеснета целокупната соработка. Олеснета е соработката помеѓу продуцентите, како и институциите задолжени за финансирање на филмските проекти. Морам да кажам дека соработката и поддршката помеѓу балканските држави е многу значајна од аспект на отворање на нови можности на филмските професионалци и размена на искуства, како и за присутноста на балканската кинематографија на европските фестивали – рече Ѓоргоска – Илиевска.
Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија, истакна дека копродукциите се неизбежни пред се од финансиски аспект.
-Секако дека режисерите најмногу би сакале да го снимаат филмот само во една држава, бидејќи копродукцијата ги прави работите понепредвидливи за режисерите. Финансирањето е клучната причина што се одлучуваат на таков чекор – рече Дукиќ.
Павлина Желева, долгогодишна филмска критичарка од Бугарија, која што работи и како продуцентка, истакна дека обиди за соработка помеѓу балканските држави имало одамна, на ниво на средби и разговори. Желева вели дека во моментов таа визија за соработка која ја имале тогаш сега е овозможена и финансиски со помош на европските фондови.
-Луѓето од Балканот меѓусебно одлично се разбираат, како јазично, така и по култура и менталитет. Така што, мене ми претставува големо задоволство да соработувам со државите од овој регион – вели Желева.
Бобан Јевтиќ, Директор на Филмски центар Србија, помеѓу една од главните придобивки на копродукцијата, ја истакна помошта во дистрибуцијата, која на балканските простори е секогаш најслабата алка.
-Балканските филмови секогаш биле слаби со дистрибуцијата. Тоа е полето на кое што треба да се поработи, а сметам дека копродукцијата овозможува многу подобра дистрибуција – рече Јевтиќ.
Говорниците на прес-конференцијата соопштија дека работат на иницијативата да се формира Балкански филмски фонд, кој ќе овозможи снимање филмови независно од буџетот што истите ќе го добиваат од националните фондови и агенции за филм во балканските држави.
На денешната прес-конференција, уметничкиот директор на фестивалот, Гена Теодосиевска, го претстави Гералд Керклец, кинематографер на австрискиот филм „Добитна комбинација“ во режија на Даниел Хоесл.
Филмот „Добитна комбинација“ е снимен на многу интересен начин, надвор од сите стандарди во филмската индустрија, пред се, од аспект на финансирањето.
Керклец најпрво го изрази задоволството од можноста да присуствува на фестивалот.
-Драго ми е што сум поканет на фестивалов, одлично си поминувам во Битола, луѓето овде се многу топли. Исто така, многу е значајно што на фестивалов кинематограферите добиваат шанса да комуницираат меѓусебно и да разменат искуства, што не се случува често – рече Керклец.
Гералд Керклец објасни дека „Добитна комбинација“ е нискобуџетен филм кој е финансиран од повеќе уметнички фондови, наместо од некој голем филмски фонд. Исто така, режисерот не ја започнал идејата и реализацијата на филмот со вообичаеното сценарио, туку најпрво направил кастинг, а потоа целиот тим постепено ја градел приказната, што не би можело да се изведе доколку аплицирале кај стандардните филмски фондови.
-Немаше никаква хиерархија, сите беа подеднакво платени, режисерот, актерите и тимот. Да се работи на нискобуџетен филм подразбира две крајности, од една страна има малку пари, а од друга страна ја имате слободата – вели Керклец.
 
Директорот на фестивалот Благоја Куновски-Доре, ги претстави Матиас Троелструп, кинематографер на филмот „Бенг Генг“ и Рубен Импенс, кој го снимаше филмот „Белџика“.
Матијас Троелструп, кој со режисерката Ева Хусон работеше на „Бенг Генг“, објасни дека се работи за една универзална тинејџерска приказна, која може да се случи каде било и кога било, без разлика дали зборуваме за дигиталната ера или не. Тој, исто така, кажа дека за „Бенг Генг“ сите актери не биле професионални, туку најголем дел од тинејџерите ги пронашле преку „Instagram“ и „Tumblr“.
-За сето време темпото на снимање го прилагодувавме според расположението на тинејџерите. На почетокот ги снимивме сите весели и активни сцени, а потоа кога нив ги фати некоја досада и летаргија, ги снимавме сцените во училиштето, каде што им е најдосадно – рече Троелструп.
Што се однесува пак до филмот „Белџика“, кој ја раскажува приказната за двајца браќа кои отвораат клуб, кој станува култно место, и притоа ги вади од рамнотежа нивните семејни животи, кинематограферот Рубен Импенс објасни дека се работи за делумно вистинита приказна.
-Таткото на режисерот, исто така, имал клуб, така што се работи за приказна која е делумно инспирирана од реалноста. Во работата со режисерот Феликс Грунинген, ми се допадна што имавме слобода и не се водевме по стриктно сценарио, туку сето време се правеа промени во зависност од моменталните услови – рече Рубен Импенс.
Инаку, од програмите на фестивалот, освен филмовите од главната компетиција, голем интерес предизвикуваат и македонските филмови од програмата Мак поинт.  Фестивалската публика може да ги сретне авторите и по проекциите и да им поставува прашања низ отворена дискусија како по денешната проекција на документарниот филм „Приказна во трето лице“ на израелскиот режисер Јасмин Кардин.
  
За производството филмови по принцип на регионална копродукција, говореа Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенција за филм н РМ,

Пронајдете не на следниве мрежи: