DARPA има одобрено проект кој може да им даде на војниците одлични когнитивни и сензорни способности.Со други зборови, можеби сме на патот да влеземе во ерата на киборг војниците.
Според DARPA, проектот наречен Neural Engineering System Design (NESD) се стреми да развие имплантација на биокомпатибилен уред кој може да дејствува како преведувач кој ќе претставува врска меѓу „електрохемиски јазик, користен од невроните во мозокот и нулите и единиците кои го сочинуваат јазикот на информатичката технологија“.
DARPA очекува инвестиција до 60 милиони долари во овој проект во наредните четири години.
Од падот на Советскиот Сојуз во 90. години од минатиот век, DARPA своите ресурси ги влева во тешко замисливи истражувања – од пронаоѓање на лек за некоја страшна болест до трансформирање на луѓето за условите на војната.
Агенцијата е пионер во создавањето на егзоскелетот, сличен на оние што можеме да ги видиме во холивуските блокбастери како „Ајронмен“, кој ќе ги заштитува војниците од куршуми и природните елементи за да можат подолго да се борат.
А со иницијативите како „Интерфејс меѓу мозок и машина“, научниците проучувале како мозочните импланти евентуално би можеле да ги подобрат војниците.
Мозокот емитува електрични сигнали и вградениот чип може да „влезе“ во нив и да ги „прочита“. Надвор од владините агенции, научниците го проучуваат системот на интерфејс меѓу мозокот и машината и експериментираат како таквите импланти можат да се користат за „преведување“ на мислите во акција кај луѓето со невролошки тешкотии, надевајќи се дека еден ден, на пример, ќе им помогнат на парализираните лица да се движат.



