До 30% од смртните случаи во сообраќајни несреќи можат да се спречат со навремена дијагноза и лекување на опструктивната ноќна апнеа – најчестиот облик на пореметување во дишењето за време на спиењето. За да се намали ваквиот црн биланс на патиштата ширум Европа, од почетокот на идната година во земјите од Европската Унија се воведува обврска за задолжително тестирање на опструктивна ноќна апнеа за сите сегашни и идни возачи. Ова е една од главните цели на состанокот на водечките медицински експерти за пореметувања во спиењето од централна, источна Европа и Русија, што во организација на компанијата Philips се одржува во Скопје.Експертите ги повикаа институциите во земјите од регионот и Македонија да ја применат регулативата на ЕУ за задолжително тестирање на возачите за оваа болест и дополнително да преземат ефективни мерки за навремено откривање и успешно лекување на опструктивната ноќна апнеа од која страда 5% од возрасната популација или 100 милиони луѓе во светот и претставува сериозен здравствен, но и социјален и економски проблем за земјите поради сериозните последици што ги предизвикува.
Податоците на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје покажуваат дека во Македонија опструктивна ноќна апнеа годишно се открива само кај 50-тина пациенти, иако нивната реална бројка достигнува и до повеќе од 100.000 лица. “Уште поалармантен е податокот дека само 16% од малкуте пациенти кај кои се дијагностицира ноќна апнеа се лекуваат. Останатите продолжуваат да живеат со проблемот кој го загрозува нивното здравје, им го скратува животниот век и до 10 години во просек и го зголемува ризикот за сообраќајни и други несреќи кои можат да ги предизвикаат овие луѓе поради тоа што заспиваат возејќи во текот на денот”, вели проф. д-р Бисерка Јовковска Ќаева, директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.
Нејзиниот колега и претседател на Македонското здружение за ноќна апнеа, професор д-р Дејан Докиќ објаснува дека заради повеќекратните прекини на дишењето за време на сонот, од кои секој може да трае од 10 секунди до две минути, кај пациентите со ноќна апнеа доаѓа до намалување на дотокот на кислород до виталните органи, меѓу кои и до срцето и мозокот. „Ваквата состојба, доколку не се открие и лекува, може да предизвика бројни сериозни заболувања, како висок крвен притисок, срцеви напади, мозочен удар и дијабетес. Исто така, заради заспивањето во текот на денот овие пациенти имаат и до 12 пати поголем ризик да предизвикаат сообраќајна незгода во споредба со здравите луѓе. Ваквите последици се премногу сериозни за да можат да бидат игнорирани“, дециден е проф. д-р Докиќ.
Вкупните трошоци на здравствените системи за лекување на сериозните заболувања кај луѓето предизвикани од ноќната апнеа се огромни. Само во САД тие годишно се проценуваат на 3,4 милијарди долари. Но, вкупниот товар врз националните економии е далеку поголем поради индиректните штети предизвикани од намалена работоспособност, повредите и несреќите случаи предизвикани од заспивање на пациентите со ноќна апнеа во текот на денот.
“Резултатите од истражувањата јасно покажуваат дека вкупната инвестиција за лекување на ноќна апнеа со CPAP-апарат кај пациентите се исплатува за помалку од 2 години. Тоа е далеку поисплатливо за пациентите и за националните здравствени системи, отколку справување со долгорочните сериозни економски и здравствени последици кои ги предизвикува ноќната апнеа, доколку навремено не се открие и лекува. Оттаму сосема е јасно што треба да се преземе“, вели професорот Дерк Јан Дијк, директор на центарот за клинички истражувања на сонот на Универзитетот во Сури во В. Британија.
Медицинските експерти се согласни дека една од најефективните опции за лекување на опструктивната ноќна апнеа се апаратите со позитивен воздушен притисок- CPAP (Continuous Positive Airway Pressure) кои овозможуваат нормално дишење при спиењето.
Апаратите овозможуваат континуиран проток на воздух преку носот со користење на маска. Воздушниот притисок кој се регулира мануелно или автоматски спречува колапс на воздушните патишта и прекин на дишењето. Ваквите апарати, кои се иновација на компанијата Philips,се достапни и во Македонија и овозможуваат ефикасен третман на ноќната апнеа во домашни услови.Експертите ги повикаа институциите во земјите од регионот и Македонија да ја применат регулативата на ЕУ за задолжително тестирање на возачите