Ова се 7 работи кои никогаш не треба да ги перете во машина

Веруваме дека често сте во искушение едноставно сѐ што е валкано да го ставите во машина за перење алишта и да ја завршите работата, но сепак постојат одредени правила кои би требало да ги знаете доколку не сакате да ја уништите облеката или пак машината.

Постојат низа работи кои никако не треба да се перат во машина, но сепак сите тоа го правиме. Еве кои се тие:

1. Перници од пена
Вртењето на барабанот може да предизвика слабеење на мемориската пена во анатомските перници, или, пак, истата дури и да се распарчи на делчиња.
Бидејќи самата мемориска пена е природно хипоалергенска, како и отпорна на апсорпција на прав, таквите перничиња остануваат чисти многу подолго од традиционалните.
Се препорачува да се чистат еднаш или двапати годишно, со едноставно отстранување на дамките од нечистите делови на перницата.
Ако пишува на етикетата дека перницата може да се пере рачно, втората опција е да ја исчистите во голем мијалник или када, со вода и хипоалергенски детергент, без мирис и боја.
По влажнењето и плакнењето, потребно е само нежно да се притисне, како би се отстранил вишокот на вода, па да се суши на ветровито или добро вентилирано место.

2. Сѐ што е налепено со животински влакна
Сопствениците на крзнени миленичиња, веројатно се добро запознаени со „хаосот“ што истите го оставаат на облеката и мебелот. Отстранувањето на влакната е тешко.
Меѓутоа, ова не значи дека треба да го ставите омилениот пар фармерки со „грива “ во машината, бидејќи само ќе ја влошите ситуацијата. Мокрите насобрани влакна може да се налепат на другата облека, странично на барабанот, па дури и да ги затнат цевките во машината за перење.
За да го избегнете ваквото сценарио, неопходно е да ги отстраните сите влакна пред перењето.
Користете леплива ролна, или, пак, навлечете гумена ракавица. Наквасете ја малку и поминете преку „влакнестата“ облека. Доколку сè уште има влакна, обидете се да ја продувате и истресете добро, па да ја исперете, согласно инструкциите на етикетата.

3. Градници
Рафалното фрлање на градниците во машината за перење, навидум се чини како најлесниот начин да го исчистите парчето што секојдневно го носите. Меѓутоа, таквата постапка може да ви ја уништи слатката долна облека.
Од цврста потпора за градите, ќе ги претворите во тажни потпунки кои ниту нешто може да кренат, а ни да обликуваат. А, да не збориме и за жиците кои ќе почнат да ѕиркаат, поради пукањето на ткаенината што ги држи.
Златно правило за градниците е рачното перење. Користете студена вода и средно јак течен детергент за чувствителни алишта. Oткако ќе ги измиете, полека исцедете ги.
Доколку баш немате време, обидете се да ги исперете и во машина, ама бидете особено претпазливи околу температурата и центрифугата, заштитувајќи ги од удари или растргнувања во барабанот.

4. Ткаенини со запалива дамка
Држете ги сите парчиња кои се извалкани со запаливи материи (гориво, моторно или масло за готвење, згуснувач на бои, алкохол), што подалеку од машината за перење, а особено од таа за сушење на облека.
Високите температури може да предизвикаат палење на облеката, што пак, може да резултира и со експлозија.
Првин отстранете ги дамките со средство за нивно разложување, така што ќе го оставите да дејствува минимум 10 минути. Доколку го снема специфичниот мирис од дамката, тоа значи дека безбедно е облеката да се пере во машина.
Сепак, сторете го тоа одвоено, како би го спречиле пренесувањето на дамката на останатите алишта. Најдобро е подоцна и да ја исушите природно, а не во машина за сушење.

5. Везена или чипкана гардероба
Ни чувствителните парчиња со перли или везови не би смееле да ги перете во машина, затоа што движењето на барабанот може да ја уништи нивната структура. Ова особено важи за оние со додатоци што се залепени, а не сошиени на облеката.
Во такви случаи, единствената опција во домашни услови е рачно перење на облеката. Доколку на етикетата пишува дека е „само за хемиско чистење“, тогаш предадете ја во професионални раце, замолувајќи ги да ги прекријат додатоците со фолија, или, пак, некакво платно, како би ги сочувале.

6. Гломазни предмети
Доколку нема доволно место околу одреден предмет (јоргани, ќебиња, перници од гарнитурата, итн.) во барабанот, тој не смее да се пере во машина, од причина што ниту ќе може да се врти, а ни детергентот ќе може непречено да циркулира. Со самото тоа – нема да се испере.
Па, наместо со сите сили да го туркате (пре)големиот предмет во барабанот, а тој упорно да ви „бега“ кон надвор, поштедете се себеси од трудот. Најдобро е да го однесете во перална.

7. Облека од кашмир или кадифе
Овие исклучително нежни и чувствителни материјали никако не се создадени за перење во машина, бидејќи може да ги развлече, собере или изобличи со само едно миење.
И тука единствената опција е да ги исперете на раце, особено ако постои опасност од пуштање боја на останатите парчиња облека.
Наквасете ги во топла вода во мијалникот, па додадете детергент за чувствителна облека. Подоцна, префрлете ги во студена вода и исплакнете ги. По перењето, нежно исцедете ги, оставајќи да се сушат на пешкир поставен на рамна површина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.