ПЕРО АНТИЌ, ЗА АКТУЕЛНИОТ МОМЕНТ ВО МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА

Пандемијата со COVID-19 го парализира планетарниот спорт, па и кошаркарската активност во Македонија не беше исклучок. По скоро цели три месеци пауза, сè уште нема јасен датум на кој властите ќе дозволат продолжување на кошаркарските активности, тренинзи и играње на натпревари, па раководството на  КФСМ беше принудено да донесе една од најтешките одлуки во историјата на нејзиното постоење.

Управниот одбор изгласа, а Федерацијата прифати крај на шампионатот во Првата лига, без да се прогласи првак, што е прв таков случај од осамостојувањето на Македонија.

Најмногу на удар по ваквата одлука беше претседателот Перо Антиќ кој првпат по нејзиното донесување, во едно одвоено интервју, ги изнесува своите, и ставовите на раководниот стожер на КФСМ.

Неодамна заврши и првата година од мандатот на новото раководство кое седна на ’жешкото столче’ ланскиот мај. Како Перо Антиќ ги коментира последните 366 дена?

„Има многу позитивни работи кои ги направивме во оваа година и покрај тоа што немавме среќа, па последните три месеци, како и сите, речиси не функционираме поради кризата со корона вирусот. Знаевме дека ќе биде тешко иако, да бидам искрен, не до толку.

Федерацијата ја преземавме во многу лоша состојба, но тоа беше уште поголем предизвик и за мене и за соработниците. Повеќе од 80% од планираната програма е завршена, останаа уште некои работи кои моравме да ги запреме или блокираме поради пандемијата со корона вирусот.

Уште, што се вели, практично и не почнавме со работа, нè снајде проблемот со АВ Охрид кој го откажа своето учество во лигата. Сето тоа на само една недела пред почетокот на сезоната. Моравме да бараме други решенија, да одлучиме колку екипи ќе играат во Првата лига, имавме притисоци од сите страни, но останавме доследни на себе и на своите ставови.

Успеавме во Македонија да донесеме голем број врвни тренерски имиња, од Октај Махмути, Душан Ивковиќ, се договараме и со Жељко Обрадовиќ, ќе дојде и директорот на Јуниор НБА, Џеремаја Босвел, планираме индивидуални тренинзи со посредство на нашиот стручњак Ефтим Богоев кој работи во САД.

Тие што се во кошарката добро знаат што сме направиле и дали е тоа лошо или не. Секогаш ќе има опозиција, секогаш ќе има негативни коментари, тоа е составен дел од ова општество. Ние знаеме со што и против кого се бориме, но си ја гледаме својата работа и засега сме задоволни.

Се што имаме ќе презентираме на годишното Собрание кога ќе имаме можност да го организираме. Сега тоа не е можно, забранети се собири во затворен простор, па ќе почекаме некои подобри времиња за да дадеме отчет за сработеното во првата година од мандатот“ – вели првиот човек на федерацијата.

Се донесе одлука да се прекине првенството во Првата лига мажи, без испаѓање во понизок ранг. Одлуката наиде на остри критики од страна на ланскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

„МЗТ Скопје треба да сфати дека ова е тимски спорт и дека не е сам во лигата. Тој е клуб со најдобри услови за работа и најдобри резултати последните години, тоа јас не можам да го негирам. Со години е единствен што нè претставува во меѓународните натпреварувања, а учеството во АБА лигата го сметам за многу важен елемент, во период кога Евролигата или ФИБА се недостижни за нас.

Но, мора да се знае дека во лигата постојат и Вардар и Академија ФМП и Пелистер и други, и кон сите треба да имаме ист однос. Сите да имаат исти обврски и исти привилегии. Федерацијата без клубови не може, клубовите без федерација не можат. Тоа е јасно, и го кажав тоа уште кога ја презедов функцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.