Премиера на краткиот филм „Исклучиво жолти лалиња“

Скопје, 21.09. 2016 – Премиерата на краткометражниот игран филм „Исклучиво жолти лалиња“ во режија на Кузман Кузмановски, а според сценарио на Ева Камчевска ќе се одржи на 22 септември во 20:00 часот во Кинотека на Mакедонија. Филмот се снимаше во периодот од 1-ви до 6-ти април 2016 година на неколку локации во Скопје и околината.„Тргнувајќи од симболот на жолтото лале кој во случајов се толкува како носител на радосна мисла, пораката на филмот е јасна. Една дипла жолти лалиња патува два дена и стигнува на вистинското место, каде љубовта не била победена ниту од смртта“, вели режисерот Кузмановски.
Според својот жанр овој филм спаѓа во еден од поретко застапените жанрови во Македонија –  комедија. Во него се раскажува за Гиго, триесетипетгодишен писател кој живее самотнички живот како интровертен и срамежлив човек. Откако добива покана за кафе од својата женска пријателка, се исполнува со надеж дека повеќе нема да биде сам. Однекаде начул дека оваа жена сака жолти лалиња и, во обид да остави добар впечаток, одлучува да најде жолти лалиња, без оглед на се.
Актерската екипа ја сочинуваат Тони Михајловски , Горан Трифуновски, Александра Павлова,  Снежана Киселички, Кети Илиевска и Љубомир Бојковски.
Директор на фотографија е Кирил Шентевски, сценограф Дејан Ѓошевски, шминката е на Игор Петрески, монтажата е на Гоце Кралевски, а продуценти се Калина Кузмановска и Кузман Кузмановски.
Зад реализацијата на овој филм стои продукцијата Аурипигмент.
Овој филм е со финансиска поддршка од Агенција за филм на Република Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи: