Претставата „Диво месо“ на македонскиот драматург Горан Стефановски вечерва ќе биде изведена на сцената на чешкиот театар „Комедие“ во Прага.Премиерната изведба на чешкиот артистички ансамбл, воден од режисерот Јан Новотни ќе биде во присуство на авторот Стефановски.
– „Диво месо“ е семејна драма, во која еден млад амбициозен маж сонува и се вљубува во еден убав дел од Европа и секако дека тој идеализам му донесува многу болка. Централна тема е куќата, домот чие уништување носи распаѓање на целото семејство, рече Стефановски на прес-конференцијата во чешкиот главен град.
Поздравувајќи ги присутните најпрво на мајчин, македонски јазик и заблагодарувајќи се за поставувањето на неговото дело на чешката сцена, Стефановски ја потенцираше блискоста на словенските јазици и поврзаноста на Чешка и Македонија преку историската традиција, која датира уште од Светите Кирил и Методиј.
Претставувајќи ја драмата, прв пат поставена во Македонија во 1979 година, Стефановски ја потенцираше нејзината „безвременост“, пренесе дописникот на МИА од Прага.
Иако дејствието се случува во 40-тите години на 20. век, за време на Втората светска војна кога домот на главните ликови, семејството Андреевиќ бил загрозен од страна на настапувачкиот нацизам, приказната секогаш е актуелна со оглед на тоа дека секоја генерација се среќава со некои нови опасности, ритуали, обичаи, кои доведуваат до распад на традиционалните вредности и традиционалните семејства, додаде Стефановски.
– Драмата „Диво месо“ почнав да ја читам во раните утрински часови и ја прочитав во еден здив. Делото ме инспирираше, ми даваше сигнали и самото ми се реализираше во главата. Ми беше жал што нема продолжение, рече режисерот и актер Јан Новотни, кој ја адаптираше македонската драма за чешката сцена
Новотни, кој драмските студии ги завршил во 1979 година и кој освен театарски има и над 35 филмски улоги, објаснува дека буквалниот превод на поимот „диво месо“, значи „влакно во грлото“, околу чиј корен се создава „нечовечко ткиво“ кое води до задушување.
– Симболички, се работи за тоа, со што се храни тој „тумор“. Тоа е злото што е во нас и околу нас. Тоа е очајот и беспомошноста, додава Новотни, споредувајќи го делото со „Бела болест“ на Карел Чапек, еден од најпознатите чешки писатели и драматурзи. На актерот Јан Задражил, кој ја има улогата на Стево, средниот син на инвалидот и поранешен ѕидар Димитрија Андреевиќ, улогата му помага да навлезе во суштината на раѓањето на насилството во човекот, но истовремено и да најде начин како да се одбрани од него.
– Бидејќи потекнувам од големо семејство и ние сме тројца браќа, а имаме и сестра, јас во играта пронајдов лични елементи. Ми се потврди она што го чувствувам, дека најважна е љубовта и поврзаноста меѓу членовите на една фамилија. Дека треба да се држиме секогаш заедно иако имаме различни интереси и дека одржувањето на домот треба да ни биде основна цел, рече Задражил пред премиерата.
Реализацијата на чешката инсценација на „Диво месо“ е овозможена со помош на Амбасадата на Република Македонија во Чешка, а „Комедие“ е култен театар со богата историја, сместен во палата од 1930. година.
Од многубројните драмски текстови на Стефановски, кои остварија бројни светски преводи и публикации, на чешки јазик е преведен и текстот „Евримен“ („Жив чоек“) и драмата „Тетовирани души“ на словачки јазик.Премиерната изведба на чешкиот артистички ансамбл, воден од режисерот Јан Новотни ќе биде во присуство на авторот Стефановски.
– „Див