Градот Скопје ги известува граѓаните дека е продолжен рокот за пријавување на Јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, за најголем придонес во заштитата на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и на институција/стопански објект и за најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта, поради неповолните временски услови во текот на овој период.Градот Скопје ги поканува сите заинтересирани да се пријавуваат на овој традиционален градски конкурс заклучно со 01.06.2016 година.
Според условите на конкурсот, Градот Скопје ќе избира:
1.Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина);
2.Најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, за заштита на медиумите и областа на животната средина, за намалување на користењето необновливи видови енергија и слично);
3.Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект);
4.Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта), и
5.Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта).
Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица се доставуваат по пошта, на адресата: Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден, број 82, или во архивата на Градот, како и на телефонските броеви 3297-273 и 3297-304.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (за двор во индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари. За четвртата категорија се предвидени две награди: една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари. За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.
Разгледувањето на пристигнатите пријави и одбирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Градот Скопје ја формира од претставници на администрацијата и невладините организации.
Конкурсот за најголем придонес во заштитата на животната средина Градот Скопје традиционално го распишува во рамките на манифестацијата „Денови на пролетта – Денови на екологијата“.Градот Скопје ги поканува сите заинтересирани да се пријавуваат на овој традиционален градски конкурс заклучно со 01.06.2016 година.