Промовирана книга посветена на култот на Св. Наум Охридски во Унгарија

Промоција на книгата „Култот на Свети Наум Охридски во Унгарија” во издание на најстариот унгарски универзитет, Универзитетот во Дебрецен, од авторот Др. Марта Наѓ, во средата беше промовирана во Будимпешта.

Книгата е резултат на повеќедецениската истражувачка работа на професорот Наѓ, која се фокусирала на одржувањето на преданијата и материјалното наследство во Унгарија посветено на Св. Наум Охридски. Имено, со ширењето на Отоманската империја на Балканскиот полуостров, дел од христијанското население нашло прибежиште во Унгарија, со немал број на бегалци од Македонија.
Македонските доселеници во Унгарија со себе го донеле и славењето на Св. Наум Охридски, при што низ поколенијата се пренеле голем број на преданија, но уште повпечатливо, и традиција на создавање на материјално наследство во форма на изработка на икони и длаборези со мотиви од животот на Св. Наум Охридски.
Луксузното издание содржи фотографски преглед на сите позначајни икони посветени на Св. Наум Охридски кои се зачувани во цркви од различна деноминација во Унгарија, најчесто на Руската и Српската православна црква, во кои и денес се наоѓаат овие вредни артефакти. Најголем дел од иконите се од 18-от век, изработени од познатиот автор Христофор Зефар (Зефарович).
На промоцијата, одржана во книжарата Балаши во Будимпешта, присуствуваше Македонскиот Амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов и Лекторот по Македонски јазик Панда Стојановска, при беше иницирана подлабока соработка на сродните институции на Македонија и Унгарија од сферата на заштитата и истражувањето на културното и историско наследство.
Макфакс
Промоција на книгата „Култот на Свети Наум Охридски во Унгарија” во издание на најстарио

Пронајдете не на следниве мрежи: