Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска /27.09.2016 година/ учествуваше и имаше свое излагање на првата средба на главните градови на земјите од централна и источна Европа и Кина (16 + 1) во Софија, Бугарија.
– Сакам да ја искористам можноста да се заблагодарам за поканата, како и за можноста да бидам учесник на оваа прва средба на главните градови на земјите од централна и источна Европа и Кина. Во рамките на третиот панел фокусиран на транспортот, би сакал да ве запознаам со она на кое како градоначалник на Град Скопје сум посветен и да Ве информирам за приоритетните транспортни проекти на кои интензивно работам во текот на мојот мандат. Во мојот претходен и во сегашниот мандат активно со мојот тим, работиме на проширување, обнова и изградба на плоштади, булевари, улици, кружни текови, паркиралишта, катни гаражи, комунална инфраструктура.Обновени се 90 проценти од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и набавена е најсовремена механизација за другите градски претпријатија. Исто така, Воведен е системот „smart ticketing“ во автобусите на градскиот превоз и АВЛ системот (Автоматска локација на автобусите за време на нивното движење). Скопје во 2014 г. воведе модерен ЦУКС на 90% од раскрсниците во градот (Центар за управување и контрола на сообраќајот) за прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата од јавниот градски превоз и информирање на возачите. Формирањето на овој центар е дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје кој почна да се реализира на почетокот на оваа година и е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,6 милиони евра, и грант од ЕУ ФП7 програмата за истражување и развој, во рамки на проектот ЦИВИТАС РЕНЕСАНСА (CIVITAS RENAISSANCE), во износ од околу 220.000 евра- изнесе во својата презентација градоначалникот Трајановски.
Град Скопје во изминативе години интензивно работеше и во делот на електромобилноста, енергетската ефикасност, воспоставување на систем за изнајмување на електромобили и е-велосипеди, како и реализација на проектот „Скопје вело-град 2017“ со кој се планира цело Скопје да се поврзе со велосипедски патеки. Утврдена е динамиката на изведба на велосипедската инфраструктура и се очекува да има поврзаност од едниот крај до другиот крај на градот 60 км велосипедска инфраструктура во централното градско подрачје и 20 км рекреативна патека по должината на кејот на реката Вардар.
Проектот 16 + 1 се реализира на иницијатива на Владата на Н.Р. Кина која има за цел да се поттикне соработката меѓу Кина и шеснаесет држави од Централна и Источна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Република Македонија.
На средбата, којашто има за цел да се подобри соработката во областа на транспортот и логистиката, земјоделството и туризмот, присуствуваа градоначалници и заменици-градоначалници на главните градови од земјите на централна и источна Европа.