Вчера и денес, во организација на Комитетот на советите при ЗЕЛС предводен од Претседателот Трајче Донев, се одржа средба на советниците од општините, во рамки на проектот на Швајцарската Агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“, кој е спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединетите нации.
Целта на овој проект е поддршка на системот на одговорна и транспарентна локална власт во која демократски избраните претставници ефективно работат заедно, за дефинирање на развојните приоритети во согласност со потребите на граѓаните.
Во своето обраќање, Претседателот на Комитетот на совети, Трајче Донев, изјави дека зајакнувањето на капацитетите ќе се спроведува со традиционални и иновативни методологии.
“Проектот ќе овозможи техничка помош за вмрежување на советниците околу заедничките интереси за подобрување на условите за работа и целосно остварување на позицијата на советите во системот на локална самоуправа. Исто така, со него ќе се поддржи и меѓународната соработка и комуникација на нашите совети а со тоа ќе се овозможи пристап до регионалните и глобалните најдобри практики. ЗЕЛС, од своја страна, преку Комитетот на совети, ќе ги обезбеди сите механизми на мрежата вклучувајќи ги едукативните алатки да бидат оддржливи, институционализирани и достапни за идните генерации советници, како и за сите заинтересирани чинители” – изјави Донев.
Во своето воведно обраќање, министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, рече дека зајакнувањето на капацитетите на советите ќе го унапреди процесот на транспарентно и инклузивно донесување одлуки, што е услов за обезбедување на оддржлив развој на локалните заедници.
“Работата на Советите е огледало на успешноста на процесот на децентрализација но и на демократскиот капацитет за решавање на прашањата од интерес на граѓаните” – изјави министерката Елези.
Швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада, потенцираше дека со овој проект продолжува активната поддршка на процесот на децентрализација.“Со овој проект сакаме да ги поддржиме општинските совети да станат подобри во извршувањето на нивната претставничка и контролна улога. Поголема транспарентност и отчетност ќе создаде подобри услови за бизнис и поодржлива иднина за сите граѓани.” – изјави амбасадорката Техада.
Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, изјави дека овој проект претставува продолжување на долгорочната поддршка што УНДП ја дава на процесот на децентрализација и на создавање на силни локални и регионални институции.
“Проектот е инспириран од фундаменталниот демократски принцип дека државата и нејзините институции треба да бидат отчетни пред граѓаните.”
Во наредните четири години, проектот во вредност од 3,4 милиони швајцарски франци ќе биде ипмлементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).Целта на овој проект е поддршка на системот на одговорна и транспарентна локална власт во која демократски избраните претставници ефективно работат