Во Средното електротехничко училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“, свечено беше отворен петтиот по ред натпревар во знаење меѓу учениците од основните училишта од подрачјето на Град Скопје, кој се организира под мотото „Денови на Електротехниката“.Главна цел на натпреварот, кој ќе трае од 18 до 20 мај, е промоција на училиштето пред идните средношколци и обид да се привлечат основците своето понатамошно школување да го продолжат во електротехничката струка.
На овогодишниот натпревар учество ќе земат 144 ученици од 35 основни училишта од подрачјето на Град Скопје. На првиот ден од натпреварот учениците ќе полагаат тестови од областа на електротехниката, а во петок (20-ти мај) најдобрите три училишни тима ќе се натпреваруваат не само во теоретско познавање на струката, туку и во практично пезентирање на своите вештини.
На вториот ден од натпреварот учениците заедно со нивните ментори ќе ја посетат хидроцентралата „Матка“, активност која ќе придонесе учениците да се здобијат со повеќе знаења и да развијат поголема заинтересираност за електротехниката како наука.
Во рамки на свеченоста по повод отворањето на манифестацијата „Денови на електротехниката“, директорот на СУГС „Михајло Пупин“, Ефтим Пејоски им ги додели наградите на минатогодишните победници, тимот ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов“ од општина Карпош. Ова училиште ја однело победата и на натпреварите во 2012 и 2013 година.
СЕАВУС Центар за едукација и развој, како еден од поддржувачите на манифестацијата, оваа година му додели целосна стипендија на ученикот Стефан Јованчевски од СУГС „Михајло Пупин“ со која ќе му бидат покриени сите трошоци за десет месечната програма на една од нивните академии. Минатата година СЕАВУС, во рамки на „Денови на електротехниката“ за првпат додели стипендија на ученикот Филип Симоновски, кој, според зборовите на Весна Ивановска, генерален менаџер на центарот, денеска е нивниот најуспешен студент.
Едни од главните поддржувачи и спонзори на манифестацијата се и ЕВН Македонија и АрцелорМиттал. Менаџерката за човечки ресурси во компанијата АрцелорМиттал, Весна Величковска, во своето обраќање, истакна дека тие како општествено одговорна компанија даваат поддршка во развојот и усовршувањето на учениците и студентите преку организирање летни школи, размена на студенти на меѓународно ниво, развивање на практични вештини преку менторство со што директно го поддржуваат подготвувањето на квалификувани кадри кои по завршување на школувањето директно ќе се вклучат во производствениот процес.Главна цел на натпреварот, кој ќе трае од 18 до 20 мај, е промоција на училиштето пред идните средношколци и обид да се привлечат основци