Штип, Делчево, Зрновци, Крива Паланка: Помош за настраданите постојано пристигнува

Во погодените подрачја постојано пристигнува помош.Шефот на Кабинетот на градоначалникот на Штип, Снежана Санева изјави дека граѓаните можат да донираат за поплавените подрачја до крајот на денот.
– Хуманираната акција ја спроведуваме заедно со Општинската организација на Црвениот крст. Собрани се средства за хигиена, храна и вода. Во текот на денот и за време на викендот ќе се прават пакети, кои на лице место Црвениот крст ќе може да им ги донира на граѓаните во поплавените подрачја на скопскиот регион. Што се однесува до донираната храна, таа е складирана согласно сите прописи и се гледа на датумите за нејзина употреба, а исто така е исконтролирана и од страна на надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство, вели Санева.
Таа истакна дека екипи на штипското комунално претпријатие „Исар“ и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица во Штип уште од првиот ден се ангажирани и работат на расчистување на штетите од поплавите.
Во текот на вчерашниот ден, 80 вработени од општина Штип и од јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“ беа вклучени во расчистувањето на штетите во Синѓелиќ и Стајковци, а беа дел и од комисиите за проценки на штетите во скопскиот регион.
 
Во рамките на акцијата од денеска се отворени два пункта во централното градско подрачје каде ќе можат граѓаните да донираат материјални средства за жителите од поплавените подрачја, а 15 волонтери од НВО КХАМ и од Црвениот крст Делчево ќе ги посетат фирмите со цел да се анимираат за поголеми донации.
Ана Цоневска од НВО КХАМ апелираше до граѓаните да донираат пред се средства за хигиена и конзервирана храна.
– Според проценките од теренот, во моментов се неопходни средства за дезинфекција, хигиена, конзервирана храна, гумани чизми и ракавици, плински боци. Делчево многу пати покажало дека е град на солидарноста, па очекуваме така да биде и сега. Пунктовите ќе бидат отворени денеска и утре од 10 до 17 часот, а во сите банки на видно место се истакнати инфромациите за жиро-сметките кои се отворени за донации, рече Цоневска.
Таа додаде дека НВО КХАМ, ќе учествува со свои материјални донации, како и донации поединечно од сите вработени.
– Материјалната донација на НВО КХАМ ќе биде преку Програмата Цивита мобилитас, а од денеска вработени по оваа програма се на терен во загрозените подрачја каде работат на расчистување, рече Цоневска.
Собраните донации ќе се траспортираат најдоцна до понеделник во републичкиот Црвен крст во Скопје, а превозот е обезбедена донација од една локална фирма.
 
Во општина Зрновци продолжува акцијата за собирање помош во вода, храна, пелени и други предмети за настраданите во поплавата во Скопско. Собирниот пункт се наоѓа пред општинската зграда, а жителите можат да донираат секој ден од 8 до 16 часот.
– Општината организирано пристапи кон обезбедување помош за настраданите од поплавите во Скопско. Веќе петти ден дваесетина граѓани од Зрновци работат на расчистување на теренот во Сингелиќ, каде им помагаат на жителите во надминување на последиците од поплавата, изјави градоначалникот Блаже Станков, кој изминатите дена беше со екипата доброволци од општина Зрновци.
Според Станков, собраната помош во текот на утрешниот ден ќе биде доставена до Црвениот крст во Скопје, а од таму до оние на кои им е најпотребна.
Акцијата за помош на настраданите во Скопско, во општина Зрновци ќе продлжи и наредната недела.
 
Во село Стајковци се испратени 35 работници од ЈП „Комуналец“ и ЈП „Македонски шуми“ Подрачната единица-Шумско стопанство Осогово, Крива Паланка, кои се распоредени во три екипи.
Екипите се составени од работници, водоинсталатери, бравари и од друга специјалност, опремени со неопходниот работен материјал и заедно со армијата, полицијата, волонтерите и сите други учесници му помагаат на населението во расчистувањето на теренот. Од Општина Крива Паланка се упатени и лиценцирани проценители вработени во Општината кои даваат помош во проценка на штетите настанати од невремето.
Од Општината информираат дека на терен вчера бил и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој заедно со пратеничката во Собранието на Република Македонија, Слаѓана Митовска, го посетил село Стајковци кое е тешко погодено со поплавите и активно се вклучиле во расчистувањето на штетите.
Инаку, Советот на Општина Крива Паланка на вонредна седница на 8 август 2016 година донесе одлука за доделување финансиска помош од 300.000 денари за санирање на последиците од поплавите во Скопје и Тетово од 6 август 2016 година.Шефот на Кабинетот на градоначалникот на Штип, Снежана Санева изјави дека граѓаните можат да донираат за поплавените подрачја до крајот на денот.

Пронајдете не на следниве мрежи: