Еден час работа во Македонија во просек се плаќа две евра, во Европа со највисоки саатници, 48,3 евра, се Норвежаните, во ЕУ просечната цена на еден час труд изнесува 23,4 евра, а во нејзини рамки најмалку платени се Бугарите, кои еден час работат за 3,7 евра.Македонец кој прима просечна плата секој час на работното место заработува по две евра. Во декември лани просечната плата во Македонија изнесувала 21.500 денари. односно 349,6 евра, а двете евра на час се добиваат ако оваа сума се подели со 174, колку што, во просек, има работни часови во еден месец.
Со таа цена трудот на македонскиот работник е најмалку платен во Европа. Но, колку и да е неславна оваа статистика, толку е и адут за привлекување странски инвеститори, а со тоа и за намалување на невработеноста. Европските работодавци ги затвораат погоните во своите земји и отвораат нови или се прошируваат во земји како нашата, зашто токму поради евтината работна сила повеќекратно си ги скратуваат трошоците. Еден британски работодавец, на пример, само на една работничка плата во Македонија секој час заштедува по 20 евра, зашто во неговата земја саатницата е над десет пати повисока.
Во Македонија за една година, од крајот на 2012 до крајот на 2013, платите пораснале за скромни 0,1%. Најновите податоци на европското статистичко биро Евростат, пак, покажуваат поинакви растечки трендови на цената на еден час работа речиси во сите земји, а особено во поновите членки. Според тој извештај, од декември 2012 до декември 2013 цената на саатницата во еврозоната во просек пораснала за 1,4%, а во 28-те членки на Унијата за 1,2%. Најголем раст има кај платите на индустриските работници, за 1,7% во еврозоната и за 1,5% во целата Унија. На крајот на минатата година рекорден раст на час работа има во Естонија, за цели 7,2%, потоа во Латвија за 5,9%, па во Литванија за 5,7%, во Бугарија за 4,3% и во Полска за 3,9%. Во Германија растот е 3,1%, во Хрватска – 1,8%, во Белгија – 2,7%. Во истиот период во најлоша ситуација се нашле кипарските работници, чии 18,2 евра на час што ги заработувале на крајот на 2012 лани се стопиле за 6,5%, а пад на трошоците за работниците е регистриран уште и во Португалија.
Ако се суди според примањата, најсреќни во Европа треба да бидат норвешките работници, кои за еден час заработуваат цели 48,3 евра. Нивната позиција меѓу работниците во земјите на ЕУ ја имаат Швеѓаните, кои за еден ден спечалуваат цела македонска просечна плата. Во Шведска еден час работа во 2012 година во просек се плаќал по 39 евра, а лани саатницата дополнително поскапела за 3,5%. За еден ден и неколку часа работа месечна македонска плата заработуваат и Германците, Холанѓаните, Белгијците и Данците, кои според Евростат, имаат саатници од 30 до 38 евра. Овие земји ја креваат цената на час труд во Унијата, која изнесува 23,4 евра, додека малку под тој просек се Британците. Најблиску до нас се Бугарите, кои еден час работат за 3,7 евра и тоа е најниската саатница во ЕУ. Летонците, на пример, се платени 5,6 евра, а Хрватите четири пати повеќе од нас.
Во регионот за многу малку, само за два евроценти, односно за 12 денари ни бегаат Србите, а според расположливите податоци, во Босна и Херцеговина за еден час работа во просек се плаќаат 3,5 евра.
Македонските работници се навистина слабо платени, но од друга страна, имаат и најниски трошоци меѓу земјите во регионот. Анализирајќи ги цените на основните продукти и услуги, бугарскиот весник Труд” неодамна дојде до податок дека на нашите простори најскапо е во Грција, а најевтино во Македонија. На пример, кај нас има ниски цени на храната, пијалаците, цигарите, облеката, обувките, услугите, а во Грција се поевтини само маслото за јадење, маслинките и прашокот за перење. Весникот им препорачува на бугарските граѓани ако сакаат да поминат поевтино, храна и пијалаци да купуваат кај нас, зашто, како што се посочува, во Бугарија килограм пилешки гради бил за десет евра поскап отколку во Македонија. Анализата на Труд” според ниските цени зад Македонија ја сместува Романија, а потоа следуваат Турција, Бугарија и Србија.
Извор: vecer.com.mkМакедонец кој прима просечна плата секој час на работното место заработува по две евра. Во декември лани просечната плата во Македонија изнесувала