Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски кој престојува во Вашингтон, каде што ќе учествува на 64-от Молитвен појадок, оствари средби со неколку членови на Конгресот на САД.На средбата со конгресменот Бил Паскрел беше искажано задоволство од долгогодишното пријателство кое конгресменот го негува со Република Македонија и кое ќе продолжи во иднина. Конгресменот Паскрел ја изрази неговата посветеност и поддршка на Република Македонија за нејзино што поскоро добивање на членство во НАТО Алијансата. Конгресменот искажа интерес за моменталната политичка состојба во Република Македонија.
Претседателот Вељаноски го информираше за политичката криза со која нашата држава се соочува во изминатиот период и за постигнатиот политички договор меѓу партиите. Исто така, Вељаноски истакна дека за Македонија е особено важно да се спроведат предвремените парламентарни избори, бидејќи народот е најдобар судија, а неговата одлука треба да ја почитуваат сите. Една од темите на разговор беше и мигрантската криза и последиците кои произлегуваат од неа. Конгресменот Паскрел истакна дека не е прв пат македонскиот народ да се соочи со ваков проблем на своја територија и дека во минатото, при посета на Република Македонија, самиот тој бил сведок за добрата волја на Македонците да помогнат на другиот кога му е најпотребно. На крајот на средбата претседателот Вељаноски упати покана до конгресменот Паскрел да ја посети Република Македонија со што би имал можност одблиску да се запознае со актуелните случувања во државата.
Претседателот Вељаноски оствари средба и со конгресменот, Кендис Милер која е претседавач на Групата на Конгресот за пријателство со Република Македонија. Таа на почетокот на средбата истакна дека доаѓа од област каде што живеат значителен број на македонци и може да констатира дека станува збор за многу дарежливи луѓе, добро интегрирани и вклучени во поголемиот број на добротворни настани. Како голем пријател на Република Македонија Милер ја потенцираше својата заложба да се помогне на нашата држава да стане членка на НАТО Алијансата. За таа цел, во Конгресот е покрената иницијатива за донесување на Резолуција за влез на Македонија во НАТО и засега истата има поддршка од 35 конгресмени. Претседателот Вељаноски се заблагодари за досегашната поддршка која Република Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави кои се наш докажан пријател и изрази надеж дека на следниот Самит на НАТО во Варшава оваа година, Соединетите Американски Држави ќе помогнат повторно да се отвори прашањето за проширување на Алијансата.
Претседателот Вељаноски уште еднаш потенцираше дека членството на Македонија во НАТО е приоритет број еден за државата, а ќе обезбеди стабилност на целиот регион, а тоа е важно за цела Европа. Тој дополни дека Република Македонија останува посветена во исполнување на сите потребни обврски кон НАТО Алијансата и останува отворена за разговор и решавање на проблемот кој ја кочи интеграцијата на Република Македонија, а тоа е спорот за нашето уставно име наметнат од нашиот јужен сосед.
На средбата на претседателот Вељаноски со претседавачот на Комитетот за демократско партнерство на Претставничкиот дом на САД, Питер Роскам беше изразено задоволство од досегашната успешна соработка на Комитетот со Собранието на Република Македонија. Соговорниците разговараа и за актуелните проблеми со кои се соочува Република Македонија, но и Европа, во однос на мигрантската криза. Претседателот Вељаноски истакна дека се очекува оваа пролет да има зголемување на бранот на бегалци. Од тие причини, Европската унија посакува што поскоро решавање на политичката криза во Република Македонија со спроведување на предвремени парламентарни избори, а со тоа и да се добие Влада која ќе може посветено да работи на справување со предизвиците и опасностите кои ги носи мигрантската криза. До овој момент мигрантите ја користат Република Македонија како транзит зона на својот пат кон земијите од западна Европа, но доколку дојде до затварање на нивните граници, тогаш Република Македонија и земјите од регионот ќе се соочат со сериозен проблем. Соговорниците констатираа дека постои можност од инфилтрирање на терористи во групите бегалци кои се опасност како за Република Македонија, така и за цела Европа. На денешната средба, конгресменот Роскам го информираше претседателот Вељаноски дека има интерес од неколку конгресмени да ја посетат Македонија со што дополнително би се унапредиле односите помеѓу Собранието на Република Македонија и Конгресот на САД.
Претседателот Вељаноски оствари средба и со копретседавачот на Комитетот за демократско партнерство на Претставничкиот дом на САД, г. Дејвид Прајс, на која беше истакната долгогодишната успешна соработка и беше изразена отвореност за унапредување на таа соработка во иднина. Соговорниците разговараа за моменталната политичка состојба во Република Македонија, како и за предизвиците кои со себе ги носи мигрантската криза.
Во рамките на денешните активности, претседателот Вељаноски се сретна и со поранешниот сенатор Џим ДеМинт, кој е претседател на Херитиџ фондацијата. На средбата присуствуваа неколку претставници на Фондацијата кои се интересираа за состојбите во Република Македонија и предизвиците со кои се соочува. ДеМинт изрази задоволство што Република Македонија секоја година има повисок индекс на економска слобода. Претседателот Вељаноски истакна дека економскиот просперитет на државата е основен приоритет на оваа Влада на Република Македонија која постојано прави напори за подобрување на економската клима, привлекување на странски дирекни инвестиции и намалување на невработеноста. Затоа, и покрај политичката криза Република Македонија има добар економски напредок кој би бил уште поголем доколку истата побрзо се надмине и се стабилизираат состојбите во државата. Присутните го потенцираа и негативното влијание кое го има мигрантската криза врз економијата на Република Македонија и можните проблеми доколку дојде до нејзино ескалирање. На средбата претседателот Вељаноски уште еднаш потврди дека членството во НАТО Алијансата е најважен приоритет за Република Македонија, а г.ДеМинт потенцираше дека Фондацијата Херитиџ и во иднина ќе ја поддржува нашата држава во остварувањето на нејзините стратешки цели.На средбата со конгресменот Бил Паскрел беше искажано задоволство од долгогодишното пријателство кое конгресменот го негув