Владата ја укинува акцијата „Ден на дрвото“

Десетгодишната Акција „Ден на дрвото“ заминува во историјата, дознава Алфа. Досегашните акции беа силно поддржани од претходната Влада со сите надлежни министерства, од Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со општините, ЈП „Македонски шуми“, како и од дипломатскиот кор во земјава.Целта на акцијата беше да се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет.

Секога година урбаните средини беа во фокусот, но се садеше и на опожарените места и руралните средини. Се садеше буквално на секаде, пред дворови на училишта, паркови, покрај згради и куќи, на планински места. И покрај сето тоа, Акцијата ќе биде стопирана, потврдија од Владата.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење од ЈП Македонски шуми, планира да ја укине Акцијата „Ден на дрво“ бидејќи анализите укажуваат дека истата била неуспешна. Информацијата ќе се разгледува на една од следните седници на Влада на РМ. ЈП Македонски шуми во координација со МЗШВ редовно ќе ги продолжи годишните акциите за пошумување во целата држава, согласно законските одредби, со цел зголемување и обновување на шумскиот фонд, велат од Владата.
Организаторите кои 10 години беа дел од Акцијата, барем денеска во телефонски разговор за Алфа, не беа расположени за било каков коментар.
Инаку, сонот за пошумена Македонија преку засадување на иднината се појави во август 2007 година, кога оперскиот пејач Борис Трајанов, поттикна проект за масовно засадување на голините и опустошените планини.
Од 2008 година, кога почна акцијата „Ден на дрвото“, досега се пошумени нешто повеќе од 13.000 хектари со над 35 милиони садници, а само минатата година, пошумени биле над 500 хектари со повеќе од 2,6 милиони дрвца.
Колку за потсетување, најреномираните светски медиуми како Франспрес, Ројтерс, Би-Би-Си, со восхит известуваа за акцијата, па така таа и донесе меѓународна афирмација на Република Македонија.Целта на акцијата беше да се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет.

Пронајдете не на следниве мрежи: